Total Chaos: Спој на ретро сензибилитет и модерна технологија

во гејминг

Без претходна најава и кревање голема прашина, Total Chaos осамна на платформите Xbox Series X|S, PlayStation 5 и Windows PC благодарение на соработката помеѓу Apogee Entertainment и Infogrames. Она што започна пред речиси две децении како амбициозна total conversion модификација за класичниот DOOM II, денес претставува целосно самостојно остварување кое успева да ги надмине ограничувањата на својот изворен код и да понуди модерно, но длабоко вознемирувачко искуство.

Креаторот Сем Пребл, познат по Turbo Overkill и неговата работа на визуелни ефекти за холивудски блокбастери како Avatar, имал за задача да го трансформира овој проект во софистициран психолошки хорор за преживување.

Бетонски лавиринт на очајот

Приказната ве вовлекува во крајно изолирана и непријателска средина на брегот на Форт Оазис, рударска колонија која некогаш била дом на заедница на јагленокопачи. Приказната започнува со бродолом и будење на непознат брег, но брзо еволуира во психолошка студија за лудилото и изолацијата. Водени од мистериозен глас преку радио-врска, апсолутно не знаете дали се работи за пријател или пак само проекција на скршениот ум на протагонистот. Форт Оазис е комплексно место кое прекрасно ја раскажува својата трагична историја преку расфрлани белешки и графити. Покрај ова, самата архитектура делува како да ги притиска и гуши оние што ќе се осмелат да влезат. За разлика од многу други игри кои се потпираат на евтини трикови за да предизвикаат страв, Total Chaos гради атмосфера на постојана параноја, каде што границата помеѓу реалноста и халуцинацијата е тенка и честопати невидлива, принудувајќи ве да се сомневате во сопствената перцепција.

Во поглед на гејмплеј механиките, Total Chaos значително се оддалечува од своето DOOM потекло, отфрлајќи го брзото пукање во корист на бавна, методична и честопати фрустрирачка борба за опстанок, нешто што влече инспирација од класиците како Silent Hill или S.T.A.L.K.E.R.. Ресурсите се екстремно ограничени, а системот за инвентар бара стратешко размислување во поглед на распределбата, бидејќи секој предмет зазема скапоцен простор во вашата мрежа за складирање.

Борбата е фокусирана главно на блиска дистанца каде што импровизираните оружја составени од старо железо, цевки и градежен шут имаат тенденција да се кршат и да станат неупотребливи во најкритичните моменти. Ова, нели, ве принудува постојано да собирате материјали за поправка и надградба, создавајќи циклус на тензија каде што секој судир со гротескните суштества на островот претставува одреден ризик. Самите непријатели се доволно паметни, се движат и реагираат на непредвидлив начин, барајќи специфични стратегии за да бидат неутрализирани.

Во поглед на визуелниот приказ и аудио дизајн, Total Chaos мајсторски користи филтри кои како да ви дозволуваат да го гледате светот преку стара VHS лента. Паралелно со ова, се сервира дигитален шум како би се создало чувство на нечистотија и распаѓање, нешто што, патем, совршено се вклопува во темата. Графиката, како што напоменавме, е стилизирана мешавина од ретро полигони и модерни светлосни ефекти, создавајќи визуелен идентитет кој е истовремено носталгичен, но и уникатно застрашувачки.

Ова визуелно искуство е надополнето со маестралниот звучен дизајн, кој вклучува соработка со легендарниот композитор Акира Јамаока, познат по неговата работа на серијалот Silent Hill. Неговиот придонес, заедно со оригиналните композитори на модот, резултира со индустриски амбиентален пејзаж исполнет со чкрипење на метал, далечни крици и опресивна тишина која, на моменти, знае да биде погласна од каков бил саундтрак.

Total Chaos претставува импресивно достигнување во жанрот на психолошкиот хорор, демонстрирајќи дека страста и креативноста можат да надминат секакви технички ограничувања, но и значително да ја променат оригиналната визија. Чедото на Trigger Happy Interactive нема да биде по вкус на секого – предизвикувачка е, бара немилосрден менаџмент на ресурси, но, за возврат, нуди уикатно и незаборавно искуство за љубителите на hardcore survival. Наместо да ве води за рака, Total Chaos се истакнува како суров тест кој ве фрла во провајлија и остава сами да го пронајдете патот назад. Тоа, за многумина, е прекрасен коктел за незаборавна забава.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments