Девелоперите од декември ќе можат на своите iOS апликации да додадат линкови кој ќе водат до системи за алтернативно плаќање. Ова значи дека ќе можат да го прескокнат „Apple данокот“ кој изнесува помеѓу 15 и 30 отсто.
Судијката Ивон Гонзалез Роџерс ја одби жалбата на Apple со која компанијата бара одлагање на пресудата која треба да стапи на сила веќе следниот месец. Судијката смета дека Apple нема намера да го исполни барањето и со жалбата бараат одлагање кое може да потрае и 5 години, до носење на конечната одлука.
„Накусо, барањето на Apple е засновано на селективно читање на судската одлука и сите наоди кои доведоа до одлуката, вклучувајќи го и антимонополското однесување, вклучувајќи ги и високите стапки на провизија што резултираат со висока оперативна маржа која не е во корелација со вредноста на интелектуалната сопственост“, вели соопштението на судот.
Во спорот со Epic Games, Apple беше прогласен за невин по 9 од 10 точки, и компанијата не мора да ја врати Fortnite на својата платформа. Сепак, веројатно она што најмногу ќе го погоди Apple е можноста девелоперите да додадат можност за наплата надвор од Apple еко-системот.
Apple во жалбата побара неопределен период за имплементација на промените. Според адвокатот Марк Пери компанијата уште не знае како да ги имплементира сите промени и влијанија во секторите во кои ќе треба да се направат промените.
„Многу е комплицирано. Потребни се ограничувања и упатства за заштита на децата, на девелоперите, за заштита на корисниците, за заштита на Apple. Сите треба да бидат запишани во насоки со објаснувања за нивно спроведување и примена“.
Apple најави жалба до повисок суд. Во случајов тоа е „Ninth Circuit“. Ако нема промена од 9-ти декември компанијата ќе мора да обезбеди начин на кој девелоперите ќе можат да понудат и алтернативи за плаќање.