Брендон Сандерсон популарниот автор на „Mistborn“ и „The Stormlight Archive“ ги израдува љубителите на неговите дела со 4 нови книги. Книгите ги напишал за време на пандемијата во времето кое го заштеди поради откажувањето на настаните во живо. Во најавата на YouTube објави дека овие книги ќе бидат достапни преку Kickstarter кампања.
Кампањата трае до 1 април, но за нешто повеќе од 10 дена книгите на Брендон Сандерсон се нов рекордер на Kickstarter. Кампањата ја поддржаа над 110000 луѓе и веќе успеа да собере над 26,4 милиони долари. Со ова „Четирите тајни новели“ го помина паметниот часовник Pebble Time и сега е на прво место според финансиската поддршка.
Дејството на четирите нови книги, како и на сите книги на Сандерсон досега, ќе биде во Космер (Cosmere). Љубителите можат да ги добијат како дигитални книги, аудио книги и секако физички копии. Планот е книгите да бидат издавани на секои три месеци во 2023. Првата книга излегува во јануари, а потоа следат, април, јули и октомври. Сетот од четири дигитални книги е достапен за 40 долари; аудио-книгите чинат 60 долари; премиум изданијата се 160 долари; а верзијата сè-во-едно е достапна за 220 долари. Последните нивоа на поддршка се наречени „Година со Сандерсон“ (Year of Sanderson) и во нив поддржувачите секој месец во 2023 ќе добијат некаков подарок, подароците се засега тајна, но во примерот од кампањата се вели дека тоа ќе бидат предмети како на пример маици.
Ако сте љубител на книгите на Сандерсон, добра вест е дека испораките за оваа Kickstarter кампања се достапни и во Македонија. Лоша вест е дека поради природата на кампањата, секоја испорака дополнително се наплаќа, па на крај со 35 долари по испорака, цената се накачува за дополнителни 420 долари, што е споредливо со највисокото ниво на поддршка од 500 долари. Дигиталните и аудио-книгите ќе бидат достапни за преземање, па за среќа за нив нема да има никаква испорака.
Масовноста на поддршката се чини го изненади и авторот. Тој во редовната порака до заедницата напиша „До сите, јас треба да пишувам за фантастични светови – не да живеам во нив“.
„Кој би помислил дека група чудни приказни би можела да конкурира – a потоа и да ги собори – технолошките иновации и популарните проекти за друштвени игри“, напиша Сандерсон. „Вчудовиден сум. Го направивте сè ова без воопшто да знаете што добивате, освен што ви ветив дека е неверојатно“.
Kickstarter топ-листа
Pebble Time
Првите неколку места на Kickstarter до кампањата на Сандерсон беа речиси непроменети повеќе години. Првото место од 2015 година го држеше паметниот часовник Pebble. Pebble Time беше еден од првите паметни часовници, доаѓаше со e-paper дисплеј и микрофон. За само 49 минути по отворањето на Kickstarter кампањата Pebble успеа да собере 1 милиони долари. На крајот од кампањата собраа 20,4 милиони долари од 78741 поддржувачи.
Првите Pebble Time часовници започнаа со испорака во мај 2015 година. Оттогаш се појавија многу подобри часовници, a Pebble ја продаде својата технологија на Fitbit, а часовникот веќе не се произведува.
Coolest Cooler
До неодамна на второто место, Coolest Cooler не само што имаше една од најуспешните кампањи, туку е и „споменик“ на најнеуспешната кампања. Coolest Cooler е пикник фрижидер. Наменет е за журки и забави на отворено со додатоци како USB-полнач, Bluetooth звучници и блендер.
Во 2014 на Kickstarter успеаја да соберат над 13 милиони долари и со тоа беа втор најуспешен проект на сите времиња. За жал и покрај тоа, вториот дел, во кој требаше да ги испорачаат производите беше вистински кошмар.
Компанијата зад Coolest Cooler започна да ги продава фрижидерчињата уште додека им должеше уреди на поддржувачите во кампањата. До 2018 година испорачаа околу 40000 фрижидери, а требаше да испорачаат 60000. Пет години по завршувањето на кампањата сè уште имаше купувачи кои не го добиле својот уред.
Frostheaven
Продолжението на Gloomhaven е на третото место според сумата која ја добија од поддржувачите. Друштвената игра доби 12 969 608 долари од 83193 поддржувачи. Квалитетот на претходната игра е веројатно клучeн за поддршката која ја доби играта. Играте излезе во 2021, но за жал поради пандемијата испораките можеби и не се сосем завршени.