Qualcomm е првиот производител кој презентираше 1 Gbps интернет врска со 5G чип. Според производителот на чипови ниту една друга компанија досега не тестирала 5G технологија на телефон.
Компанијата е малку понапред од останатите, но не би можело да се каже дека компаниите доцнат. Засега не постои ниту една 5G мрежа на која би се користеле овие уреди. Ова е прв тест и за X50 5G модемот на компанијата. Тестот е на фреквенција на 28GHz, милиметарски-бран.

Image courtesy of Qualcomm
Ова е само прв тест на можностите на 5G. Очекувањето е дека мрежата ќе поддржи брзина до 5Gbps. Со оваа брзина на проток на информации 1 час HD видео може да се преземе за 6 секунди, вели BBC. Во моментов на 4G мрежите може да се достигне до 1.2Gbps.
Она што не е јасно до крај е што всушност тестира Qualcomm. Во моментов не постои потполно дефиниран стандард за 5G. Најголемите мобилни провајдери работат на 5G стандардот, а очекувањата се дека во 2019 година ќе биде презентиран финалниот изглед на технологијата.
Можеби најважно е прашањето што ќе донесе 5G мрежата. Ако нема значителни промени на пакетите заедно со имплементацијата, зголемениот проток на информации нема да има влијание какво што може да се надеваме.
Најголемиот напредок ќе биде поголемиот капацитет на мрежата и можноста за приклучување на поголем број на уреди. Ова се однесува на телефони, но и на интернет на нештата. Следната генерација ќе доаѓа со минимално доцнење, па ќе може да се користи и за паметни возила и слична технологија кај која доцнењето може да предизвика проблеми.







