Google, Meta, Qualcomm, и седум други технолошки компании заедно ќе промовираат отворени дигитални екосистеми. Компаниите ја официјализираа оваа соработка денес, на 13 декември. Заедно ќе настапуваат под името Коалиција за отворени дигитални екосистеми (Coalition for Open Digital Ecosystems – CODE).
Креирањето на соработката е своевиден одговор на новите закони во Европа.
Coalition for Open Digital Ecosystems ќе соработува со академските институции, креаторите на политика и бизнисите за да ја промовираат дигиталната отвореност во Европа. Ова ќе го прават преку исполнување на условите и имплементација на Digital Markets Act (DMA), но и различни законски решенија кои Европската Унија ќе ги донесе во иднина.
Една од обврските на големите компании кои се „гејткипери“ е да обезбедат интероперабилност со конкурентите и можност на бизнис корисниците да ги промовираат своите понуди и да склучуваат договори надвор од платформите на големите компании.
„Имавме повеќе разговори за тоа што е добро кога дигиталните екосистеми во Европа се во прашање, што ја поттикнува иновацијата, и кои се позитивните влијанија за конкуренцијата. Сметаме дека отвореноста е клучен елемент.“ , вели Стен Ларок, основач на Lynx.
Останатите членови на групата се кинескиот производител на паметни уреди Honor, кинескиот производител Lenovo, француската стартап компанија за проширена реалност Lynx, американскиот производител на телекомуникациска опрема Motorola, британската компанија за електроника Nothing, норвешката технолошка компанија Opera и германскиот провајдер на текст услуги Wire.
Цел на соработката е отворање на дигиталните екосистеми преку соработка низ индустријата и промоција на лесно поврзување и интероперабилни системи, пренесе Reuters.
Apple не е член на „коалицијата“
Една од компаниите кои не се присутни на листата за соработка е Apple, иако компанијата ќе треба да прилагоди голем дел од своите сервиси. App Store, FaceTime, Siri се само дел од сервисите за кои се потребни прилагодувања според европската DMA рамка. Веќе од следната година Apple ќе мора да овозможи креирање на продавници за дистрибуција на апликации кои ќе бидат конкуренција на App Store. Дополнително, ќе мора да бидат овозможени и сервиси за плаќање од трети страни.
Конкурентите на Apple во периодот по објавувањето на „гејткиперите“ ја користат правната рамка во Европа за да извршат притисок врз Apple да направи промени во својот екосистем. Пример, во ноември, Google и повеќе телеком оператори поднесоа петиција iMessages да биде додаден на листата клучни сервиси со што Apple ќе беше обврзан да обезбеди целосна интероперабилност на iMessages и други сервиси за текст пораки.