Првите тестови на Li-Fi надвор од контролираната средина во лабораторијата, покажуваат дека технологијата ќе овозможи брзина од 1GB/s , односно 100 пати побрз пренос на податоци од Wi-Fi мрежата. Првите тестови се направени во главниот град на Естонија, Талин, од стартапот Velmenni, јави International Business Times. „Работиме на неколку пилот проекти кои овозможуваат користење на VLC технологија. Веќе имаме дизајн за паметно решение каде за комуникација се користи светлината,“ вели Дипак Соланки, основач на Velmenni.
Li-Fi е технологијата која ја користи светлината од видливиот спектар за испраќање на податоци. Како предаватели се користат LED диоди кои ја менуваат состојбата со фреквенција помеѓу 400 и 800 THz. Ова овозможува проток од 224 Gb/s во лабораториски услови, иако значително побавен протокот од 1 GB/s е импресивен.
Сѐ што е потребно е во секоја светилка да се додаде микрочип и ќе биде овозможен трансфер на податоци преку светилките. Идејата на Velemenni не е да се креира целосно нова инфраструктура, туку да се создаде технологија која ќе може да функционира паралелно со постоечката. Заговорниците на технологијата велат дека поради тоа што светлоста не може да помине низ ѕидови, технологијата е побезбедна кога се напади на хакери во прашање. Ова сепак е пречка за целосна замена на Wi-Fi па во иднина двете технологии ќе продолжат да функционираат паралелно. Li-Fi ќе овозможи и поголем проток за уредите од Интернет на нештата, а неможноста на светлината да минува низ собите ќе ја отстрани интерференцијата.







