Хардвер од минатата недела: Nothing Phone 2, HP Omen 16, IEEE станард за Li-Fi

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Летото по се изгледа ќе помине без премногу најави за хардвер. За среќа наскоро Samsung ќе има презентација на уреди со која малку ќе се раздвижи секторот. Минатата недела за жал немаше премногу, иако за љубителите на Android телефоните Noting Phone донесе каква – таква свежина.

Од останатите вести: објавен е Li-Fi стандардот, Intel престанува со производство на NUC, a HP го претстави Оmen 16 (2023).

Nothing Phone 2

Љубителите на Android последнава година имаат уште еден производител на чии уреди можат да им се воодушевуваат. Производителот Nothing минатата година го претстави својот прв телефон, а сега, една година подоцна можевме да го видиме и Nothing Phone 2.

Она што прво се забележува на телефонот е дизајнот. Уредот како и претходникот,  доаѓа со осветлувањето кое производителот го нарекува „Glyph“. За изгледот се искористени 900 LED светилки кои може да се програмираат и да прикажуваат различни осветлени шари. Корисникот може ова да го искористи за да креира персонализиран изглед на осветлувањето за различни нотификации. Практично благодарение на ова осветлување не може да погрешите за кој телефон станува збор.

Веројатно кога производителот има само еден телефон не е изненадување кога следните уреди имаат надградба на најголем дел од хардверот. Ова секако е случај со Nothing Phone. Новиот модел доаѓа со Snapdragon 8+ Gen 1 процесор од Qualcomm. Ова е процесорот кој Qualcomm го произведува за „flagship“ уреди, иако не е последната генерација Snapdragon 8 Gen 2 чип. Новиот телефон доаѓа со поголем 6,7-инчен 2412×1080 OLED екран со рефреш 120 Hz. Има неколку различни верзии на моделот со 8GB или 12 GB RAM, 128/256/512GB простор, и батерија со капацитет 4700 mAh.

Nothing Phone 2 се отклучува со читач на отпечатоци на екранот. Ако планирате да го носите телефонот со вас во вода, без разлика до која длабочина планирате да го правите ова, Nothing 2 не е за вас.  Телефонот е отпорен на дожд, но тука завршува водоотпорноста.

Што се однесува до камерата, доаѓа со 50 MP Sony IMX890 сензор на главната камера и 50 MP Samsung JN1 сензор за широкоаголна фотографија. Предната, селфи камера e 32MP и повторно доаѓа од Sony.

Nothing Phone 2 е убав телефон, од алуминиумската рамка, до рескинот на Android. Оперативниот систем e Android 13, а компанијата ветува 3 години надградби на оперативниот систем и 4 години безбедносни надградби. Еден од поголемите и понеразбирливи проблеми на Nothing е доцнењето на надградбите на оперативниот систем. За производител кој има еден уред доцнењето на надградба од 4 месеци е премногу. Компанијата ветува дека ова ќе се промени, а за таа цел сега имаат софтверски тим од стотина вработени.

Телефонот е во продажба од 17-ти јули, а цената на основниот модел е 600 долари.

Објавен стандардот за LiFi

На 12-ти јули IEEE го објави стандардот 802.11bb кој е се однесува на безжична комуникација со светлина. Објавувањето на стандардот е значаен исчекор кој го поздрави LiFi-индустријата.

Li-Fi е безжична технологија која ја користи светлината наместо радио-брановите за пренос на податоци. Со користување на светлосниот спектар Li-Fi може да креира побрза и посигурна комуникација, со неспоредливо поголема безбедност во споредба со конвенционалните технологии како WiFi или 5G.

Поддржувачите на Li-Fi се надеваат дека објавувањето на стандардот ќе помогне за побрзо воведување и усвојување на технологијата. Стандардот 802.11bb ги дефинира спецификациите на физичко ниво (layer)  и системска архитектура за безжична комуникација со помош на светлосни бранови.

Имплементацијата на Li-Fi не значи крај за постоечката технологија. Иако има предности како неспоредливо поголема брзина од Wi-Fi, и поголема безбедност, користењето на светлина за пренос на податоци има и ограничувања. Радиобрановите и натаму ќе се користат за трансфер на податоци на поголемо растојание и секако кога ќе биде потребен пренос низ непроѕирен објект.

Повеќе за Li-Fi може да прочитате тука.

Ланецот ресторани Chipotle тестира роботи

Ланецот ресторани Chipotle продолжува да тестира како роботи можат да помогнат во рестораните. Минатата година го претставија роботот кој прави тротиљи, а оваа година на вработените во рестораните им се приклучи робот кој чисти авокадо.

Autocado е робот прототип кој во иднина ќе може да им помогне на вработените во рестораните да направат гвакамоле. Роботот не е целосно автономен и за него треба да се грижи барем еден вработен. Процесот на работа понатаму е прилично едноставен.

Вработениот го полни Autocado со авокадо. Роботот собира најмногу 11 килограми авокадо. Едно по едно авокадото се исправа и се праќа на процесирање. Плодот се сече на половина и се отстрануваат лушпата и семката. Плодовите се земаат и се носат да бидат зготвени, а отпадоците автоматски се фрлаат.

Вообичаено кога постапката се прави рачно, процесот трае до 50 минути. Chipotle се надева дека со роботот времето ќе биде покусо за половина. Chipotle во моментов го тестира роботот во тест-центарот во Ирвин, Калифорнија.

Крај за Intel NUC mini

Intel најави дека ќе престане да ги произведува своите мини-компјутери. Производителот престанува со производство на Next Unit of Compute (NUC) и наместо ова ќе побара начин да им помогне на партнерите да креираат свои NUC компјутери, пренесе Engadget.

Засега нема објаснување зошто Intel го напушта пазарот, иако намалената заработка на компанијата веројатно придонесува да се затворат сите оддели кои се непрофитабилни. Компанијата секако ќе продолжи да произведува и продава процесори, но останатите оддели не се безбедни. Во април компанијата го продаде производството на сервери на  тајванската компанија MiTAC.

Intel започна со производство на NUC во 2013-та година. Малите и ефикасни уреди доаѓаа со Intel процесор и беа прилагодливи за секоја намена. Ги користеа како домашно кино, медија центар, па и за гејминг. Ентузијастите им најдоа примена и како сервери, „thin client“ и што сѐ не…

HP Omen 16

Ако сте љубител на гејминг лаптопи, HP има добра вест. Производителот ја претстави надградбата на Omеn 16 серијата, и иако е скап, лаптопот има солиден хардвер. Најголема замерка која е заедничка за сите прегледи кои се достапни е дека уредот доаѓа со купишта „bloatware“.

Новата надградба на HP, доаѓа со повеќе варијанти, а и разликите се прилично големи. Ова придонесува основниот модел да е достапен за 1450 долари, ама ако баш запнете со хардверот лесно може да дојдете до сума од околу 2800 долари.

Најмоќната (и најскапа) верзија на лаптопот доаѓа со Intel Core i7-13700HX процесор и Nvidia GeForce RTX 4080 Laptop графичка картичка. Моделот на графичката картичка доаѓа со 12 GB GDDR6, и е 145W модел и е малку послаб од останатите лаптопи со истата картичка. Иако цената е висока, сепак нема да ги донесе најмоќните компоненти. На пример дел од гејминг лаптопите доаѓаат и со i9-процесор, ама се и значително поскапи. Лоша вест е дека од сите лаптопи кои доаѓаат со 4080 графичка картичка, Omen 16 (2023) има најлоши перформанси. Сепак, овој лаптоп е во поевтините на таа листа. Дополнително ако баш не инсистирате да играте на „Highest/Ultra“, лаптопот има и повеќе од соодветни перформанси.

Што друго е достапно за 2800 долари? Овој модел на HP Omen 16 доаѓа со 32GB DDR5-4800 RAM меморија и 2TB PCIe Gen 4 SSD. Екранот е 16,1-инчен, QHD (2560 x 1440), со рефреш 240 Hz, 3 ms response time, IPS, micro-edge, иако има и поевтин FHD модел.

Ако нешто не недостасува на лаптопот тоа секако се портите. Omen 16 доаѓа со 2x Thunderbolt 4 over USB Type-C, 2x USB Type-A (5 Gbps), 3,5 mm приклучок за слушалки, HDMI 2.1 и Ethernet. Батеријата е 83WHr што е доволно за 4 часа и 8 минути активно користење.

Ако сакате да ги погледнете резултатите од тестовите на видеоигри може да го направите ова на Tom’s Hardware.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments