Со преку 400 милиони Android уреди на кои секојдневно им се приклучуваат уште 1 милион нови корисници, овој мобилен оперативен систем денес е и најкористениот. Сепак, иако има најмногу корисници на Android OS, програмерите не се задоволни од продавањето на своите игри во Google Play маркетот. Иако станува збор за игри кои некои чинат само 0,99 долари (околу 50 денари), развивачите велат дека пиратеријата е главен фактор за слабата продажба на своите игри.
Последна компанија која ја отвори оваа тема е Madfinger Games (иронично имаат лого со пиратче) кои ја развиваат играта Dead Trigger. Играта официјално е објавена на почетокот на јуни за минимални 0,99 долари, но токму пиратеријата ги натерала да го променат планот и да започнат да ја „продаваат“ бесплатно.
„На почетокот се стремевме да ја направиме оваа игра достапна за што е можно повеќе луѓе – затоа и ја продававме толку евтино.“, вели Madfinger Games на својот Facebok профил.
Сепак, играта не е целосно бесплатна и во неа има предлози што ги тера корисниците да купат одреден елемент. Цената на iOS верзијата останува непроменета, односно – 0,99 долари, и како и Android верзијата, и таа содржи материјал што дополнително се плаќа.
[youtube]WcecaYEXTXw[/youtube]
Ова не е прв случај некоја компанија да се пожали за пиратизирање. Претходно иста реакција имаше и од Sports Interactive, компанија која стои позади развојот на Football Manager.







