Од заедничките сили на Maniac Panda Games и Catness Games произлегува марачен 2.5D платформер со предизвикувачки загатки. Втурнати во пост-апокалиптичен свет, вашата задача ќе биде да пробате да вратите живот во планета која е уништена од токсично загадување. Добредојдовте во One Last Breath, еко-хорор платформер кој е достапен на Steam, Nintendo Switch, PlayStation и Xbox!
Развивање еколошка свест
Играјќи како Гаја, ќе можете да ги истражувате најразлични места во кои преовладуваат опасни суштества и бројни загатки. За време на вашата авантура, ќе можете да создавате и најразлични патишта со стеблата на паднатите дрвја, да повикувате винови лози и да ги манипулирате во пополнување на дупките кои не можете да ги скокнете, и слично.

Гејмплејот се заснова на едноставни механики каде е потребно да се движите од една до друга точка, да ја впивате околината, да избегнувате или да се прикрадувате на непријателите, како и да користите најразлични супер моќи за решавање одредени загатки. Ваквите механики се мајсторски осмислени и одлично се вклопуваат со суптилните звуци и милозвучниот OST.

Од друга страна, некои анимации, особено на суштествата ни се чинеа премногу крути, а со тоа и неверодостојни. Можеби е тоа дизајнерска одлука која е поврзана со свирепиот процес на мутација, но, сепак, ни фалеше одредена флуидност во нивното движење или пак поразлична нагласеност на движењето.

Начинот на кој се дизајнирани мапите и начинот на кој се одмотува суптилното наративно клупче алудира на реални и проблематични проблеми со промена на климата.
Со One Last Breath, Maniac Panda Games се трудат да ве забават со бројните гејмплеј механики за истражување и решавање загатки. Но, како повеќе ја играте играта, така сте посигурни дека сето тоа е второстепено, а најголемо значење се дава на испраќање порака за надеж во еден нихилистичко-уништен свет.

Таа порака е замислена да ги потсетува играчите за убавината на природата и за тоа дека сите ние сме на една пресвртница во човечката историја кога е потребно да донесеме важни одлуки и за нашиот свет и за бројните човечки одлуки кои го доведуваат во незавидна положба.

Имајќи го ова во предвид, One Last Breath знае да понуди бројни трогателни моменти, но и моменти полни со терор, особено кога ќе пробувате да се прикрадувате и да ги избегнувате мутираните суштества. Како резултат, играта нуди преубаво и незаборавно искуство полно со впечатливи моменти.

Некои од загатките ни се чинеа премногу тешки и не ни се допадна тоа што моравме да лутаме лево-десно и да, често неуспешно, експериментираме за да, на среќа, го откриеме решението. Но, во оние моменти кога ќе го пронајдеме решението и кога еуфоријата ќе не преземе, со задоволство ги продолжувавме нашите авантури во меланхоличниот свет на едно утре кое може да биде и наше.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Moonatic Studios, Maniac Panda Games
- Издава: Moonatic Studios, Catness Game
- Жанр: платформер, загатки
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 28 март 2024







