Ministry of Programming е стартап студио со седиште во Босна. Работејќи со стартапи од целиот свет, студиото преку најразлични видови на помош им овозможува на претприемачите побрзо да успеат да лансираат нови производи и да ги скалираат своите бизниси.
Основана од триото претприемачи – Решад Зачина, Амра Зачина и Фарис Зачина во 2015 година, компанијата обезбедува целосно поддршка со pre-seed капитал и асистирање на тимовите. Паралелно со ова, студиото нуди и напредни услуги за дизајн и развој на производи за стартапи, како и осмислување и пласирање нови производи. Нивните главни области на интерес се стартапите кои произлегуваат од fintech, е-трговија, здравствена технологија, агритехнологија и многу повеќе.
Низ годините, компанијата станува еден од најбрзо растечките инвеститори во Централна Европа, добивајќи, притоа, неколку меѓународни признанија, не исклучувајќи ги и признанија од Deloitte, UNDP, како и од Financial Times.
За време на Money Motion 2024, ИТ.мк се сретна со ко-основачот и ко-извршен директор на компанијата Решад Зачина. Разговаравме за различните аспекти на работата на Министерството за програмирање, нивните напори да го популаризираат ангел инвестирањето низ регионот на ЈИЕ, како и начините преку кои може да се зајакнат локалните економии.
ИТ.мк: Која е за историјата на Министерството за програмирање?
Решад Зачина: Министерство за програмирање е стартап студио, уникатна компанија од регионот на Босна и Херцеговина. Компанијата првично започна кога Амра и јас бевме во Шведска, поточно во Стокхолм. Се работи за период кога работевме и во Стокхолм и во Сараево. Иако компанијата е основана во Босна, во првата година од функционирањето на компанијата, ние сè уште живеевме во Стокхолм.
За кратко време успеавме да направиме голем напредок. Добивме неколку награди и признанија за една од најбрзо растечките компании во Централна Европа. Секоја година остваруваме значителен приход и имаме речиси 200 вработени.
Компанијата се одликува со три засебни оддели, иако, во моментов сè е под истиот бренд. Имаме мал инвестициски фонд, благодарение на кој распоредивме над милион и пол евра на околу 12 компании, главно од Шведска.
Работиме во моделот „Sweat equity“ (вредност изградена преку неплатена работа, што доведува до сопственост или зголемена вредност поради залагањата на сопственикот). Како дополнителна инвестициската гранка на компанијата, се смета и периодично инвестирање готовина.
Ние, исто така, организираме класични консултации за стартапи. Преку нашиот друг оддел, нашето стартап студио понекогаш презема сопственост во некои од компаниите. Со имплементирање на моделот „Sweat equity“ заеднички продолжуваме да ја градиме компанијата низ годините.
На кои пазари работите и дали се фокусирате и на стартапи од ЈИЕ?
Поради општиот недостиг на стартапи во Босна, не можевме да осмислиме соодветна стратегија, па ја донесовме попрактичната одлука да се фокусираме повеќе на Западот. Како инвеститор и како компанија што прави иновации, има повеќе смисла да се здружиме со овие компании. Сепак, ние исто така се обидовме да работиме на неколку производи во ЈИЕ.
Неодамна станавме дел од првата мрежа на инвеститори во Босна која се нарекува мрежа на босански ангели. И тоа е навистина интересна иницијатива бидејќи, како синдикат на таа група, успеавме да ја распоредиме и првата инвестиција. Инвестиравме во компанија од Србија, во агритехнички стартап наречен BeeHold.
Ние инвестиравме во нив преку синдикатите на босанските ангели. Во основа, собравме многу луѓе кои не знаеја како да инвестираат, но имаа пари. Ваквиот урнек, сметаме, може без проблем да се искористи и за во другите земји во регионот.
Многу луѓе од овој регион не знаат како да инвестираат. Поради тоа, сакавме да соработуваме со нив и да бидеме еден од истакнатите инвеститори од земјата и во областа за ангелско инвестирање. Сакавме да учествуваме и ние и да покажеме кој е најдобриот начин за ова. Ние бараме такви видови инвестиции не само во Босна, туку и низ целиот регион.
Кога се работи за привлекување инвестиции, што им недостасува на регионалните стартапи?
Мислам дека ова е различно од земја до земја. На пример, Србија е малку поразвиена, нешто што се должи на напорите на владата да се имплементираат конкретни мерки за да му помогне на екосистемот, а што не беше случај со Босна.
Гледаме дека во Босна ни недостига поголема инволвираност на владата. Исто така, младите луѓе не се толку заинтересирани за основање нови компании. Земји како Србија и Хрватска се понапред, додека некои други земји сè уште се фокусирани на нудење услуги, а не на градење нови компании.
Не се работи само за една работа, туку за неколку работи – пристап до капитал, добар екосистем, добра правна рамка. Очигледно, ова го забележавме насекаде – правната рамка често е проблем затоа што луѓето не можат брзо да отворат компанија, а делот за затворање е уште полош. Некои од овие пречки знаат да бидат екстремно комплицирани и истите треба да се отстранат доколку сакаме да се забрза темпото на иновации.
Кој тип на индустрии во ЈИЕ може да имаат најголема корист од основањето на различни стартапи?
Сметам дека логичен почеток би била агритехнологијата и е-трговијата. Навистина е неверојатно што во Босна, на пример, имате 10 достојни “играчи“ во областа на е-трговија. Ова ни покажува дека постои можност за основање стартапи. Значи, можеме да почнеме од тие области и потоа да се впуштиме во повеќе високотехнолошки индустрии.
На луѓето им се потребни основни работи – фокусирајте се на храната, е-трговијата, областите каде што луѓето можат да добијат нешто што е покорисно. Потоа, како што ги развиваме екосистемите, можеме да се впуштиме и во други области како што е вештачката интелигенција – и оваа технологија може да се допринесе за горе-споменатите точки.
Концептот на бизнис ангели е релативно нов за регионот – како би можел да се развива во иднина?
Па, прво има многу луѓе со пари, нели? Во секоја земја од регионот има многу милионери. Тие заработуваат пари во различни индустрии, но некако никогаш не биле изложени на концептот на инвестирање од ангели.
Таквите луѓе обично се впуштаат во недвижен имот или во слични традиционални инвестиции. Сметаме дека инвестирањето од ангели може да биде интересно, а луѓето треба да видат што е тоа и како може да функционира. А, за да видат како функционира, треба да се свесни и за можните “exits”, односно да видат дека луѓето заработуваат пари преку инвестициите.
Мислам дека треба да се пласираат добри примери за луѓе кои заработуваат пари на овој начин. Дополнително, ова би можело да биде интересно за луѓето кои имаат пари и кои би сакале да се едуцираат на тој план.
Најлошото нешто што може да се случи е сите тие пари да се вложат во недвижен имот или во банкарски сметки за да се извлечат некои ниски каматни стапки. Кога се работи за развивање економијата, таквите традиционални инвестирања се далеку од паметни бидејќи единствениот начин на кој може да се зајакнат регионалните економии е преку отворање нови компании и нови работни места. Мислам дека тоа е клучно за сите земји во регионот на поранешна Југославија.