Печатењето во 3-димензии овозможува креирање на речиси секакви објекти. Минатата година (да, тоа е 2021) неколку проекти во Мексико, Калифорнија и африканската држава Малави ги тестираа можностите на технологијата во градежништвото. Градењето куќи со големи индустриски 3Д-принтери не е новитет, но во 2021 бевме сведоци на повеќе поголеми проекти и принтање на цели населби. Проектите се различни, некои треба да понудат поголемо удопство на жителите, а некои треба да ги задоволат основните човекови потреби.
Во Малави, Африка проектот 14Trees треба да го подобри квалитетот на живот со зголемување на достапноста до поевтини домови и зголемување на бројот на училишта.
Во Мексико иницијативата New Story гради 500 куќи за домаќинствата кои живеат во услови на екстремна сиромаштија. Проектот започнува во Мексико и е соработка на Échale – компанијата за производство на социјални станови, и Icon – американска компанија за технологија во градежништвото. Компанијата за развој Palari Group и компанијата за градежна технологија Mighty Building работат на првата „net-zero“ 3д-изградена населба. За разлика од претходните проекти овој пат станува збор за полуксузна населба која доаѓа со куќи кои се отпечатени, но и куп друга технологија која го подобрува животот.
Во последниве неколку години, по почетокот на пандемијата, можностите на 3Д принтерите станаа појасни за сите. Со 3д-принтерите слој по слој може да се креира речиси сè. Во Македонија благодарение на волонтерите на почетокот на пандемијата, кога имаше недостик на маски, се принтаа медицински заштитни маски.
3д-принтањето е технологија/процес во кој компјутерски се управува со додавање на слоеви на материјали за да се креира 3д-форма. Самата технологија постои од 1980 година, но во тој период беше прескапа за најголем дел од примените. Денес постојат решенија кои нудат дизајн на производ, производство на компоненти и алатки, производство на електроника, а се користат во медицински цели.
Еден дел од 3д-принтерите се креирани за користење во градежната индустрија. Ова се некои од најголемите 3д-принтери, а како материјал за печатење се користат градежни материјали. За целиот процес е потребно најпрво да се изработи 3д-дигитален објект на предметот кој се печати. Потоа компјутерот кој управува со печатењето го чита дизајнот и управува со додавањето на слоеви на материјалот со кој се печати. Процесот овозможува креирање на речиси било кој облик кој може да се замисли.
Креирањето на куќи и други објекти со 3д-принтер има повеќе предности. Целиот процес е поевтин, побрз, помалку загадува, и нуди домови кои се набрзина достапни за вселување. Дополнително со 3д-принтањето многу е полесно да се процени колку градежни материјали се потребни, па не се троши непотребно на материјал кој нема да се искористи. За градење на објектите се потребни помалку работници, што од една страна ја намалува опасноста од повреди, но од друга страна ќе го намали бројот на вработување во индустријата.
Предности на градењето со 3д-принтер
Побрза изградба – ѕидовите се готови за 12, до 18 часаНамалено загадување – Емисијата на CO2 е намалена до 70% во споредба со традиционалните методи на градење
Трошоците за градба се намалени до 20%
Што се однесува до квалитетот на градбите засега се во тест или прототип фаза и нема доволно податоци. Мислењата се поделени за високи објекти, но куќите во Мексико веќе издржаа земјотрес со јачина од 7,4 степени.
Градби за финансиски загрозени семејства во Мексико
New Story започна да работи на населба за социјално загрозени семејства во 2019 година. Досега во фаза на градба или завршени се 200 домови во Есквинапа, Мексико. Еден дел од околу 10 домови кои беа изработени во септември 2021 се направени токму на самата локација со 3д-принтање. Ова е само мал дел од 500 куќи кои треба да се отпечатат ако се следи најавениот план. Покрај домовите има планови за изработка на училиште, пазар и библиотека.
Целиот проектот започна откако ураганот Вила го погоди Мексико. Ураганот уништи сè пред себе, фарми, училишта, домови. Во 2019 со почетокот на пандемијата семејствата во Есквинапа, немаа домови, а регионот беше и центар на војна помеѓу криминални картели.
Потребата од креирање на прибежиште за овие луѓе беше клучна за самиот проект да започне. Во изградбата се користи Vulcan II принтерот на Icon со кој може да се изградат наеднаш цели домови.
Со 3д-принтање до подобар живот, Малави
Домовите кои се достапни за сите се фокус на проектот на фондацијата 14Trees. 14Trees е соработка на инвеститорот CDC Group и производителот на цемент LafargeHolcim. Целта на проектот покрај поевтините домови е и поголемата достапност на училишта во Малави.

Со технологијата која ја користат за изработка на домовите 14Trees го намалува и загадувањето на воздухот. Името на иницијативата доаѓа од бројот на дрва кои се потребни за печење на цигли потребни за изработка на една куќа, а сега благодарение на 3д-печатењето се спасени.
Во јули 2021 е отворено и првото 3д-испечатено училиште во кое децата од Малави може да ја следат наставата.
Населба во Rancho Mirage, Калифорнија
Во Калифорнија компанијата Mighty Building како доказ на концепт работи на една поексклузивна населба. Покрај технологијата за 3д-принтање на домови која се користи има куп друга технологија која треба да ја зголеми енергетската независност на објектите и да обезбеди поудобен живот по вселувањето.
Куќите доаѓаат со вештачка интелигенција која го вклучува системот за филтрација на воздух ако има потреба да се исчисти воздухот од патогени, честички кои загадуваат, миризма и алергени. Куќите имаат и сопствен систем за филтрација на вода, соларни панели, Tesla Powerwall и полначи за електрични возила.
Шамбала парк, прототипи на Wasp
Италијанскиот стартап WASP работи на дизајн на едноставни и евтини, еко домови. Компанијата минатиот месец го претстави првиот екосистем – куќичката „Гаја“ кој чини околу 1000 долари. „Куќичката“ е изработена од земја и природни материјали, а прототипот за првпат беше претставен пред 2 години. Куќата речиси во целост е изработена од земја, што е предизвик при заштитата од влага, но засега Гаја го издржува тестот на временските услови.
Предност на Гаја е што најголемиот дел од материјалите за градење се земаат директно на локацијата со што процесот на градење дополнително поевтинува.
Градењето со 3д-принтери е иднината на градежната индустрија, но барем засега е рано да се зборува кога ќе биде заменето традиционалното градење. Целиот процес на градење е поевтини, но пречка за префрлање на новиот процес е високата цена на принтерите кои се користат во градежната индустрија, но и недостигот на кадар кој ќе треба да ги опслужува машините.