Дали знаете што сè влијае на квалитетот на домашната интернет мрежа? Дури и ако имате одличен интернет пакет поради проблеми со „bufferbloat“, впечатокот и квалитетот може да биде ужасен. Темата за bufferbloat на форумот на IT.mk ја отвори корисникот dekomote и веќе има импресивен број на коментари, но и резултати од тестови за различни оператори (А1, Телеком, Телекабел…), резултати од различни модеми и рутери…
Влијанието на bufferbloat најмногу пречи при користењето на сервисите кои се чувствителни на доцнењето на пакетите – на пример пренос на глас преку интернет (VoIP), видео стрим и онлајн видеоигри. Во случај на гејминг, bufferbloat-от го зголемува лагот, што дополнително влијае негативно на играњето, а со тоа и на забавата при играњето онлајн. Кај видео-разговорите проблемите се доцнење и повремени прекини на сигналот.
Поедноставно објаснување на bufferbloat
Страницата Waveform која овозможува тест за Bufferbloat има едноставно објаснување на прашањето „Што е Bufferbloat?“.
Примерот кој го даваат е мијалник полн со вода. Водата полека истекува од мијалникот, но вие додавате една лажица масло кое сакате да истече веднаш. Ова секако нема да се случи. Mаслото мора да „чека“ да истече целата вода, па дури потоа ќе истече и тоа. Во случајов мијалникот е бафер во која се собира и чека целата течност; водата претставува некој голем фајл кој го праќа некој од мрежата.
Кога некој во мрежата праќа голем фајл, фајлот се дели на пакети кои пред да се испратат се чуваат во баферот. Пакетите го полнат баферот и сè останато што доаѓа по нив мора да чека.
Секако дека постои решение за овој проблем. Дел од рутерите доаѓаат со паметни алгоритми кои ги испраќаат приоритетните фајлови побрзо, дури и кога има прием или праќање на големи фајлови.
Како да го надминете проблемот со bufferbloat?
Вообичаено причина за bufferbloat во домашните мрежи е Wi-Fi рутерот, па најлесно решение е промена на рутерот. Вообичаено за пристојна оценка на тестот на Waveform е доволно интернет пакетот да е доволно брз. Сепак за целосно отстранување на bufferbloat е потребен современ модем со „Smart Queue Management“. Овие модеми ги препознаваат приоритетните пакети, и по конфигурирањето може речиси во целост да го отстранат bufferbloat. Дополнително, за целосно искористување на капацитетот на мрежа потребен е модем со побрз процесор.
Како да ја тестирам мојата мрежа?
Тестот на Waveform е прилично едноставен. Потребно е малку време да ги прочитате упатствата, но главно и без многу да погрешите може единствено да притиснете на „Start Test“-копчето.
Еден од советите на страницата е ако можете тестот да го направите преку Ethernet за да нема три бафери помеѓу уредот и излезот од домашната мрежа. Преку Ethernet единствен бафер е помеѓу модемот на операторот и рутерот. При Wi-Fi поврзување има бафер и од рутерот до Wi-Fi аксес поинтот, и од Wi-Fi чипот на лаптопот или телефонот, до процесорот.
Ако ве интересира како вашата мрежа изгледа во споредба со другите корисници на истиот оператор и колкаво е влијанието на рутерот, посетете ја темата на форумот и приклучете се на дискусијата. Веројатно лесно може да најдете и некој совет за подобар модем, или ако можеби ви треба, совет за конфигурирање на рутерот.
Еве и дел од резултатите на некои од корисниците на форумот на ИТ.МК:



