Firefox OS преку T-Mobile доаѓа во Македонија, соопшти Mozilla. Очекувањата се дека оперативниот систем ќе стигне до летотото 2014 година, а уредите со кои пристигнува се Alcatel Onetouch Fire C и Alcatel Onetouch Fire E. Заедно со Македонија, Firefox OS доаѓа и во Чешка, Хрватска и Црна Гора.
„Континуираното ширење на европските пазари е доказ за нашата определба заедно со Mozilla да го донесеме Firefox OS на сите наши корисници. Воведувањето на еден поекономичен уред, но и поквалитетен телефон покажува дека се обидуваме да стигнеме до сите делови на пазарот“, вели Томас Киеслин од Deutsche Telekom.
Alcatel Onetouch Fire C, кој е најавен на Mobile World Congress во Барселона, доаѓа со 3,5-инчен екран и 1,2 GHz двојадрен процесор. Според спецификациите не треба премногу да се очекува од телефонот, но доаѓа за 59 евра без договор. Alcatel Onetouch Fire E е телефон од средна класа, екранот на уредот е 4,5-инчен IPS со резолуција 540×960 и двојадрен 1,2 GHz процесор, цената на уредот е 140 евра без договор. Двата уреди доаѓаат со 512 MB RAM и 4 GB простор од кој на располаѓање на корисниците им се оставени половината односно 2 GB, капацитетот може да се прошири со 32 GB microSD и microSDHC картички. Телефоните се најавени за второто тримесечие на 2014 година во Европа и Азија.
Mozilla во соработка со кинескиот производител Spreadtrum најави уште поевтини уреди. Во план е телефон за само 25 долари кој е наменет за државите во развој. Телефонот ќе биде малку пософицистициран од обичните телефони, па покрај разговор и пораки ќе може да се користат и некои апликации.







