Стартап на месецот: Modeliks со 1 милион евра стана најфинансираниот .мк стартап во рана фаза

Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia во кој профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.

.мк стартап на месецот [јануари, 2024]:

Што е Modeliks?

“Modeliks е алатка за бизнис и финансиско планирање во светот за мали и средни претпријатија и стартапи. Преку алатката се прави целосен деловен финансиски план, готов да се претстави пред инвеститори, како и деловни планови за банкарство и следење на напредокот на бизнис планот со автоматизирани контролни табли“, објаснува Благоја Хамамџиев, ко-основач и генерален директор на Modeliks.

Како ветеран во финансиската индустрија со повеќе од 20 години искуство, Благоја Хамамџиев веќе подолго време се обидувал да изнајде решение за еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат оние кои работат на финансиското планирање – предолгиот период од два месеца за изготвување на основен финансиски план. 

Причината за ова лежи во самиот процес, кој истовремено е еден од најважните сегменти за почетоците на секој бизнис. 

Еден бизнис план се состои од два главни компоненти – текстуалниот дел каде што се објаснува самиот бизнис, кој е проблемот што тој бизнис го решава, и какво е решението што самиот бизнисот го нуди. Потоа, тука се и анализата на пазарот, дефинирањето на идеалниот купувач, анализа на конкуренцијата, како и изработкат ана маркетинг план за како тој бизнис ќе се промовира и продава. 

Втората компонента, пак, е финансискиот дел, односно откако ќе се направи оперативниот дел во пишана форма, тие операции треба да се преточат во финансиски план Интеграцијата на овие два дела е она што ги  одзема дополнителното време и ресурси на секој претприемач.

“Секогаш се почнува од почетокот, треба да се подготви структурата на еден бизнис план, кои секции треба да ги има, да се направи истражување за овие секции, и треба да се изработи финансиски модел во Excel. За да се направи ваков модел кој ќе биде квалитетен и професионален, и со кој инвеститорот ќе се чувствува безбедно за да инвестира во вашиот бизнис, треба многу познавање од Excel и финансии. На мене, како експерт во финансиско моделирање, ми се потребни повеќе од две недели за да направам таков финансиски модел – да се внесат сите параметри со илјадници формули, да се направат графикони, табели, итн,“ објаснува Хамамџиев. 

Помалку време за планирање, а повеќе за реализација

Поттикнат од ова, тој доаѓа со идејата за поедноставување и кратење на времето за изработката на финансиските планови и нивното презентирање пред инвесторите – а како основа на сето ова го зема сопственото искуство од индустријата. 

Концептот за Modeliks, Хамамџиев го прави уште во 2014-та година кога работи за глобалната консултантска куќа Ernst & Young во Дубаи. Таму, тој бил одговорен за финансиските планови за клиенти од областите на технологија и малопродажба.

“Тие години постојано ја разработував идејата во мојата глава, а првичната причина беше тоа што како директор во Ernst & Young правев бизнис планови за различни клиенти од Блискиот Исток. Правејќи го ова сфатив дека за секој бизнис план почнуваме од почеток и ни требаат добри два месеци за да ги подготвиме сите аспекти за тоа како треба тој бизнис план да изгледа и да може да почнат да се внесуваат сите релевантни податоци. За мене, немаше никаква логика да треба постојано да губиме два месеца на вакви подготовки,“ вели тој.

До првичната реализација на идејата доаѓа во 2021-та година, по враќањето на Хамамџиев во Македонија. 

“Она што го дефиниравме како главна цел на Modeliks е на клиентите да им овозможи да започнат со веќе постоечки шаблони за бизнис план и финансиски модел. Односно, во рок од една, две или три недели да имаат целосен бизнис план и да се скратат тие два месеци на подготовка,“ потенцира тој.

Потрага по вистинските бизнис партнери

Првиот чекор по неговото враќање од Дубаи бил да ги најде соодветните ко-основачи за бизнисот.

“Да почнеш бизнис сам е прилично тешко, и сметам дека ти треба барем уште еден партнер со кого можеш да дискутираш на темата, да се мотивирате еден со друг. Доколку треба сам да се грижиш за целиот тој процес и сам да започнеш со бизнисот, тоа е многу тешко,“ вели Хамамџиев. 

Како ко-основачи во Modeliks потоа се вклучуваат германскиот претприемач Ханс Николас Хуј, кој во моментот е head of products, и инвеститорот Камило Шопесбергер. 

Откако иницијалните детали биле договорени, Хамамџиев и ко-основачите почнуваат да ја валидираат идејата преку дизајни и презентации за тоа кои ќе бидат главните проблеми кои ќе ги решава Моделикс. Како што вели тој, она што било пресудно за да се започне со развој на стартапот бил фидбекот кој го добиле од повеќе од 30 потенцијални клиенти. 

Следниот предизвик бил да се најде и техничкиот партнер за Modeliks да стане реалност. 

“Ниеден од нас не е програмер, а тука се работи за развој на технологија и затоа ни беше потребен технички партнер. Разговаравме со повеќе од десет различни компании за развој на софтвер. Но, она што за мене беше важно е тоа што тој што ќе ни биде технички партнер, исто така да биде и ко-сопственик во Modeliks. Бидејќи, едно е да работиш со ИТ компанија само за да ти го развие софтверот, но ако не е ко-сопственик тогаш нивните мотиви се различни од нашите. А нашата цел беше да се направи софтвер кој навистина ќе е квалитетен и ќе биде светски лидер на пазарот,“ објаснува Хамамџиев. 

Па така, како технички партнер се вклучува компанијата Таргет Груп од Македонија, која станува четвртиот ко-основач.

За развојот на софтверот, односно да дојдат до првичната верзија од алатката, биле потребни вкупно 14 месеци. 

“Ако немаш детална спецификација за дизајнот на софтверот, кога ќе дојдете до делот за софтверски развој се појавуваат многу нејаснотии и воедно се успорува процесот. Така што четири месеци работевме на дизајнот и потоа дојде самиот развој. Вкупно ни требаа 14 месеци за да дојдеме до производот, којшто е прилично сериозна алатка, има огромен број на функционалности кои се потребни за да се направи еден професионален и бизнис финансиски план,“ вели Хамамџиев. 

Првиот македонски стартап со инвестиција од милион евра во pre-seed фаза

Самиот процес на барање на инвеститори за Modeliks почнува во 2022-та, а се комплетира на почетокот на 2023-та, со pre-seed инвестиција од милион евра. Истовремено, со ова Modeliks станува и најфинансираниот македонскиот стартап во рана фаза.

За да се добие една ваква инвестиција пресудна била самата мрежа на контакти и пристапот до инвеститори којшто го имале Хамамџиев и останатите ко-основачи. 

“Инвеститорите пред сè инвестираат во човекот којшто го води тој бизнисот, а потоа инвестираат во можноста на тој бизнис да успее. Ја имавме таа среќа да имаме доста искуство, знаење и мрежа за да добиеме инвестиција. Идејата ја презентирав пред околу 20 инвеститори, а од нив околу 17 инвестираа – причината беше тоа што овие лица ме знаеја мене лично и поради тоа беа подготвени да инвестираат,“ вели тој. 

Главната мака потоа била како да се дојде до првите клиенти, воглавно поради тоа што Modeliks настапува на светски пазар каде што има глобална конкуренција.

“Ова е процес којшто сѐ уште го решаваме. Кога првпат ќе се појавиш на ваков пазар, потребно е светот да те види и запознае. За ова треба да имаш огромна видливост, луѓето да го пробаат производот и да оставаат фидбек за тоа каков е софтверот. Една од работите коишто ги потценив од аспект на маркетинг стратегијата е колку е лесно или тешко да се влезе во светски ПР публикации каде што Modeliks ќе може да се пласира. Она што е главна цел сега е се појавиме во таквите светски медиуми како еден од најдобрите софтвери во светот,“ објаснува Хамамџиев. 

Првите клиенти и успеси на Modeliks моделот

Доаѓањето до првите клиенти на Modeliks му успева преку една ПР објава во австриските медиуми, и со која ги добиваат првите пет клиенти. За да стигнат до моменталната бројка од 400 клиенти, пак, ја искористиле помошта на американската платформа и маркетплејс за дигитални продукти, AppSumo. 

“За да стигнеме до 400 клиенти имавме една многу успешна кампања со AppSumo, која траеше еден месец и преку која успеавме да добиеме околу 300 клиенти. Иако AppSumo како платформа зема голем дел како процент од продажбата, за мене ова е најдобриот начин за почеток на продажба на еден софтверски продукт и да се добијат првите 100, 200 или 300 клиенти,“ раскажува Хамамџиев.

Додека таргетот за 2023-та бил постигнат со бројката од 400 клиенти, целта за 2024-та е тие да да стигнат до бројката од две илјади клиенти. 

“Во моментот имале околу 400 клиенти за четири месеци од настапувањето на пазарот, но целта е да стигне до 50 илјади клиенти во следните неколку години, така што имаме уште многу работа за да дојдеме до ова ниво“, вели тој. 

Нешто што го прави Modeliks различен од конкуренцијата е тоа што на корисниците им овозможува real-time следење на тоа како се одвива и напредува финансискиот план, споредбено со она што е поставено како цел. 

“Една од фунционалностите на Modeliks е тоа што овозможува на клиентите е да го следат вистинското работење на својот бизнис во споредба со првичниот план. Како што минува времето, потребно е да се следи вистинскиот прогрес и перформанси во споредба со планот, и дали тука треба да се прават некакви промени за да постигнат целите. Ова е функционалноста која ги задржува корисниците да се враќаат секој месец и да го користат Modeliks на подолг рок,“ објаснува Хамамџиев. 

Во поглед на сегашните проблеми и предизвици со кои се соочува Modeliks, она што го моментот го држи Хамамџиев буден е како да се стигне до клиенти кои ќе можат да донесат и голем број на корисници, бидејќи во моментот негови клиенти се мали компании и стартапи со по неколку, или пак само еден корисник. 

“Следниот чекор е да изградиме производ кој ќе биде релевантен за компании кои ќе можат да донесат по 100, 200 или 300 клиенти, односно тоа се глобалните сметководствени бироа. Така што, нас ни е потребна софтвер понуда која ќе биде интересна за овие бироа и кои ќе можат потоа да го понудат Modeliks на своите клиенти како услуга,“ објаснува тој. 

Имплементацијата на вештачката интелигенција е уште еден од плановите за оваа година, а во моментот според Хамамџиев ова е и една од слабостите на Modeliks. 

“Иако би сакал веќе да имаме имплементирано вештачка интелигенција во делот на креирање на pitchdeck-ови и на бизнис планови, ова го немаме и ни останува во план за 2024-та година,” додава тој. 

Корпоративниот свет vs стартап светот

За Хамамџиев, транзцијата од корпоративниот свет во стартап светот е нешто што го самиот го доживува како доста трансформативно искуство. Како што објаснува, тоа се два света кои се многу различни, но и два света од кои може да се научат и потоа применат многу работи.

“Кога си во голема корпорација имаш поддршка за скоро секој процес, има доволно вработени за секоја работа, секој човек има конкретна задача којашто треба да ја заврши. Во стартап светот пак, сите работиме сѐ. Како сопственик и генерален директор, мојата работа е од чистач до директор, така што сега работам многу повеќе работи отколку кога бев во корпорација. Од тој аспект сето ова е екстремно различно, но и многу поинтересно,“ вели Хамамџиев.

Една од главните разлики, пак, е во тоа што при работењето во стартап резултатите од својата работа се видливи на дневно ниво. Во корпоративниот свет, пак, сето тоа се случува многу бавно и низ долг период.

Во поглед на работата со повеќе бизнис партнери, за Хамамџиев ова е едно искуство кое досега помогнало Modeliks да се постави на вистинскиот пат.  

Сите четворица главни партнери размислуваме на ист начин и сета таа комуникација меѓу нас оди многу едноставно и продуктивно. Дали ќе стигнат и оние моменти на несогласување, сигурен сум дека и тоа ќе се случи. Сепак, сега во овој момент не можам да видам никаква негативна страна од работењето со повеќе партнери. Напротив, идеите и енергијата и мотивацијата којашто ја добивам како генерален директор е многу поголема поради тоа што работам со уште тројца партнери со кои многу добро се разбирам и со кои го водиме бизнисот,“ објаснува тој. 

Една од лекциите која Хамамџиев ја учи во целиот овој процес е дека е многу потешко да се гради бизнис од нула, за разлика од тоа да се гради бизнис кога компанијата е веќе етаблирана на пазарот. А сега, ова е и патот кој Modeliks треба да го помине за да прерасне во еден силен и светски бренд. 

Така, еден од следните важни чекори за Modeliks е интеграцијата со некои од најголемите сметководствени софтвери во светот, а примарни таргет пазари за компанијата во моментов се САД и Велика Британија

На краток рок најважно ни е да изградиме продукт кој ќе биде интересен и за големи клиенти, бидејќи во моментов сме софтвер за стартапи и мали компании. Сакам да изградиме софтвер кој ќе биде лидер на пазарот за големите компании со над 50, 100 или 200 вработени. Тоа е и замислата за до крајот на годинава, да изградиме еден таков продукт, бидејќи бизнисот е многу потежок кога треба да продаваш на стартапи кои се со лимитирани буџери. Во моментот кога ќе имаме enterprise софтвер, тогаш влегуваме во една друга лига каде нашите клиенти ќе бидат подготвени да и платат поголеми суми,“ заклучува Хамамџиев. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk