Microsoft ќе ги спои Windows Phone Store и Windows Store во една продавница за апликации со наредните верзии на оперативните системи. Verge, кои први ја објавија веста, вели дека главниот за оперативните системи, Тери Миерсон, ја потврдил одлуката, но без многу детали за како ќе функционира продавницата со апликации за паметните телефони и десктоп компјутерите.
Претпоставките се дека Microsoft ќе го следи примерот на Apple App Store, каде апликациите за телефони не се појавуваат доколку ја отварите продавницата од таблет или десктоп компјутер. Второ сценарио, кое е потешко остварливо, е да се дозволи да се користат Windows Phone апликации во Windows, но тоа може да им направи проблем на развивачите. Спојувањето на продавниците беше најавувано од Microsoft од поодамна, но се чини дека компанијата го чека моментот кога Windows RT верзијата која се користи за таблет компјутерите со ARM чипови ќе може да се користи и на паметните телефони.







