Во една од ретките соработки на сите технолошки гиганти Apple, Google, Mozilla и Microsoft го претставија новиот бенчмарк тест за прелистувачи. Speedometer е една од најпопуларните алатки за бенчмарк тестови, а по повеќе од една година во развој сега е достапна и третата верзија на бенчмарк тестот.
Speedometer 3.0 е производ на соработката на девелоперите зад Gecko (Firefox), Blink (Chrome / Edge), и WebKit (Safari), а свој придонес имаа и девелоперите од Microsoft. Ова е најголема колаборација на Speedometar досега. Првата верзија ја изработи тимот на Webkit, a втората беше партнерство на Apple и Google.
Креирањето на унифицирана бенчмарк тест алатка треба да помогне да се анализираат перформансите на прелистувачите на разни оптоварување. Ова ќе овозможи дополнителна оптимизација, и најдобро можно искуство за корисниците . Дел од резултатите се веќе и видливи. На пример, Mozilla од 2023 ги користи резултатите од бенчмарк тестот за да ги подобри перформансите на Firefox. Благодарение на оваа оптимизација за Speedometer 3 Firefox е побрз.
„Firefox стана побрз за корисниците во 2023 година како директен резултат на оптимизирањето за Speedometer 3. За ова беше потребен координиран напор од многу тимови: познавање на вистинските веб-сајтови, изградба на нови алатки со фокус на оптимизација и правење огромен број подобрувања во Gecko за да се овозможи веб-страниците да работат подобро за корисниците на Firefox. Во тој процес поправивме стотици грешки низ JS, DOM, Layout, CSS, графика, frontend, алоцирање на меморија, profile-guided optimization и многу повеќе.“, пишува Mozilla на својот блог.
Новиот тест треба да овозможи подобра симулација на целиот интернет. Алатката ги има следните тестови: работа со to-do листа, со мерење на времето за додавање, завршување и отстранување на 100 објекти во основни листи; уредување на rich text (вчитување и стилизирање на текст); рендерирање на графикони (charts), вчитување и интеракција со SVG и canvas charts; и вчитување на вебсаjт за вести (навигација низ веб-страници и интеракција со стандарден вебсајт за вести).
Целта на сите овие тестови е да бидат сценарија на веб апликации кои постојат во реалноста. Секако дека е тешко да се покријат сите можни сценарија. Сепак, барем во моментов ова е најдобриот бенчмарк тест кој може да се користи за оптимизација на прелистувачите. Ако сте љубопитни може само да го ѕирнете да видите како се оценети сите прелистувачи кои ги користите. За подобар преглед треба да ги разгледате деталите.
Speedometer 3.0 е достапен на Browserbench.org.









