Наближуваат новогодишните празници и почнува да расте интересот за хардвер. Во периодот до „Black Friday“ секако најголем дел од вестите ќе бидат за големи попусти, но се надеваме дека ќе има вести и од хардвер индустријата, а и по некое ново парче хардвер.
iPhone 15 ќе поддржува Qi2 безжично полнење
Актуелната генерација на iPhone ќе биде дел од првите паметни телефони и уреди кои ќе го поддржуваат новиот Qi2 стандард за безжично полнење. Ова значи дека Apple и партнерите наскоро ќе ни ги претстават и првите полначи. За жал за ова ќе биде потребна дополнителна инвестиција со купување на полначите, кои би можеле да бидат достапни пред крајот на годината, пишува Engadged.
Уредите на Apple ќе бидат дел од првата серија која ќе го поддржува стандардот, но заедно со нив безжичното полнење веќе го тестираат уште 100 нови уреди.
Најголемата предност на новиот Qi2 стандард всушност не е поврзана со тоа на кој уреди ќе биде достапна. Корисниците ќе можат да користат еден полнач за да ги полнат сите уреди. Стандардот ќе биде прифатен глобално и ќе важи насекаде во светот. Дополнително, полнењето има нови стандарди за безбедност со кои се спречува оштетување на батериите или на уредот. Qi2 ќе овозможува полнење со моќност 15W.
Засега нема ниту еден сертифициран уред, но првите веќе го завршуваат процесот на сертифицирање. Покрај iPhone 15 на листата би требало да се појават и различни полначи и батерии.
RCS пристига на Apple следната година
Без никаква претходна најава Apple најави дека стандардот за пораки Rich Communication Services (RCS) од следната година ќе биде достапен и на iPhone. Функционалноста ќе биде додадена со софтверска надградба во 2024 година. Поддршката за RCS доаѓа во период во кој Nothing ги најави Nothing Messages, а Google и дел од европските телеком оператори притискаат iMessage да биде додаден на листата „gatekeeper“-и.
„Следната година ќе додадеме поддршка за RCS Universal Profile, стандардот кој е објавен од GSM Association. Веруваме дека RCS Universal Profile ќе понуди подобра интероперабилност во споредба со SMS или MMS. Ова ќе функционира заедно со iMessage, кој ќе продолжи да биде најдобар и најбезбеден начин за комуникација за корисниците на Apple“, вели претставник на компанијата за 9to5Mac.
Поддршката за RCS ќе овозможи подобро искуство во комуникацијата помеѓу iOS и Android корисниците. Apple се надева дека ова ќе овозможи доволна интероперабилност за iMessage да избегне да биде препознаен како „ клучен“ (core) сервис во Европа.
Ова не значи дека Apple го отвора iMessage за други платформи. Поддршката за RCS не е поврзана со iMessage. Доколку iMessage биде додаден на листата клучни сервиси Apple ќе мора да овозможи интероперабилност
Google ја претстави новата генерација на клучеви Titan
Последниве неколку години Google се обидува да ги натера корисниците да ги заменат лозинките со физички клучеви кои нудат поголема безбедност. Компанијата оваа недела ја претстави новата генерација на Titan клучеви. Новиот клуч поддржува FIDO 2 за логирање без лозинки и поддржува до 250 клучеви.
Google претстави два различни клучеви едниот на USB-A, а другиот на USB-C. Клучевите имаат и поддршка за NFC што овозможува да се користат и за телефони. Освен различниот приклучок двата клуча функционираат исто и имаат простор за ист број „лозинки“.
Штом корисникот го регистрира клучот може да го користи како замена за постоечката двојна авторизација. Клучот има дополнително ниво на заштита со тоа што не може да биде „пробиен“ со SIM swap напади.
Цената на USB-A клучот е 30 долари, а USB-C клучот е 5 долари поскап, и чини 35 долари.
Роботот на Amazon – Astro сега е чувар
Пред неколку години Amazon престави малечок робот. Компанијата го најави како домашен помош робот, нешто налик на таблет и камера со тркала. Роботот беше најавуван и како „чувар“, а Amazon сега има сервис кој ќе го потврди ова.
Astro for Business им овозможува на малите и средни претпријатија да го користат роботот како чувар. Клучно е дека роботот е соодветен за надгледување на простор кој не е поголем од 450 m2.
За користење на Astro како чувар, покрај роботот кој чини 2350 долари, потребна е и месечна претплата за Astro Secure која чини 60 долари и претплата за Ring Protect Pro која чини дополнителни 20 долари. Ring е систем за мониторинг и бекап мобилен интернет. Astro Secure е нов сервис наменет исклучиво за деловните клиенти кој овозможува автономно патролирање на Astro на локацијата.
KIA го следи дизајнот на Tesla Cybertruck
Ако не ви беше доволно едно „аглесто“ возила како Cybertruck, KIA ќе направи сѐ да ја задоволи вашата глад по остри агли. Компанијата претстави две прилично аглести концепт возила. На саемот за автомобили во Лос Анџелес производителот ги донесе EV3 и EV4 концепт возилата. KIA првпат ги претстави возилата во октомври. Двете возила и натаму остануваат концепт и засега нема најава за нивно сериско производство.
Иако нема официјална најава за производство на EV3 и EV4 од KIA, Electrek очекува возилата да се најдат на листата електрични возила во иднина. Една од причините поради кои Electrek смета дека ова може да се случи во иднина е што во 2021 година и EV9 беше најавен како концепт возило, а денес очекуваме возилото да се појави на улиците.
Еве како изгледаат EV3 и EV4:
Nvidia ја претстави следната генерација на AI-чипови за суперкомпјутер
Благодарение на брзиот развој на платформи за длабоко учење (Deep Learning) и големи јазични модели (large language models) се поголем е интересот за специјализирани чипови за вештачка интелигенција. Токму во оваа насока се новите чипови за суперкомпјутери кои ги претстави Nvidia.
HGX H200 GPU се базирани на „Hopper“ архитектурата и ќе го заменат актуелниот H100 модел. Ова е прв чип кој доаѓа со HBM3е меморија. Новата меморија е побрза и ќе има поголем капацитет.
„Со HBM3e NVIDIA H200 чипот обезбедува 141 GB меморија и брзина од 4,8 TB во секунда.“ Капацитетот и брзината на меморијата се од исклучителна важност за LLM-моделите.
GH200 „Grace Hopper“ е суперчип, спој на HGX H200 GPU и Arm-процесорот од Nvidia Gracе. Процесорите се поврзани со NVLink-C2C интерлинк. Чипот е наменет за користење во суперкомпјутери и според најавата ќе им овозможи на истражувачите доволна моќ за решавање на најсложените проблеми.
Nvidia веќе објави дека GH200 ќе се користи во над 40 суперкомпјутери. Во 2024 година по инсталацијата, германскиот суперкомпјутер Jupiter ќе биде најмоќниот во светот.
И Microsoft претстави свој процесор за вештачка интелигенција
Microsoft го престави својот прв чип за вештачка интелигенција кој ќе се користи во облакот. Компанијата го претстави Maia 100 чипот на конференцијата Ignite која секоја година се одржува во Сиетл. Очекувано чипот ќе биде достапен за клиентите на Microsoft Azure.
Компанијата веќе работи и на софтвер, а Maia 100 ги помина првите тестови за Bing и Office AI. Веројатно очекувано чипот го тестира и креаторот на ChatGPT, OpenAI, пренесе Bloomberg. Со 105 милијарди транзистори Maia 100 е еден од најголемите чипови на 5nm технологија.
„Нашата цел е да обезбедиме дека максималната ефикасност, перформанси и обем е нешто што можеме да ви го донесеме со нашите партнери“, рече главниот извршен директор на Мајкрософт, Сатја Надела. Maia ќе започне од сопствените апликации за вештачка интелигенција на Microsoft, а потоа ќе биде достапна за партнерите и клиентите, додаде Надела.
Maia е дизајнирана за да им помогне на системите за вештачка интелигенција во брзото процесирање на податоците. Ова е клучно за препознавањето на говор и слики.
Microsoft го претстави и својот прв процесор – Azure Cobalt 100. Cobalt e нов 128-јадрен 64-битен ARM процесор од Microsoft кој е конкурентен со Intel и AMD.