Microsoft ја претстави новата надградба на Surface Laptop Go

Microsoft ја претстави надградбата на Surface Laptop Go која ќе биде актуелна за оваа година. Уредот веќе е достапен во претпродажба, а продажбата официјално започнува на 7 јуни.

Surface Laptop Go 2 влегува во категоријата која е позната како „entry level“. Новиот лаптоп речиси и не се разликува од својот претходник, иако овој пат доаѓа со една боја повеќе. Уредот сега e достапен во 4 бои: „Sage“, „Sandstone“, „Ice Blue“ и „Platinum“ верзија. За жал и овој модел доаѓа со резолуција која одамна е надмината. 12,4-инчниот PixelSense екран е со резолуција 1536х1024 која нема да импресионира никого.

Процесорот Core i5-1135G7 доаѓа од Intel заедно со Iris Xe интегрирана графичка картичка. Лаптопот има можност за 4 или 8 GB LPDDR4x RAM меморија, со максимални 16GB во деловната варијанта. Дискот е 128 GB или 256 GB SSD. Go 2 се активира со читач на отпечаток на прст сместен во копчето за вклучување, иако ова важи за моделите со 8 и 16 GB RAM. Основниот модел со 4 GB доаѓа без читач на отпечатоци.

Камерата е 720p (f2.0), има поддршка за Wi-Fi 6 802.11ax и Bluetooth 5.1, а што се однесува до портите, има USB Type-C; USB  Type-A; 3.5mm приклучок за слушалки; и Surface Connect.

Основниот модел на Surface Laptop Go 2 ќе чини 600 долари. Ова е и првиот модел на лаптопот кој ќе доаѓа со Windows 11 оперативен систем, иако деловната верзија има можност за Windows 10.

Новиот модел е направен и да биде полесен за сервисирање. Покрај дискот кој и досега лесно се менуваше, сега може да се заменат значително повеќе делови. Батеријата, тастатурата, дисплејот, аудио кабелот и трeкпадот се дел од деловите кои може да се заменат. Сепак за промена на батеријата лаптопот треба да се испрати кај сервисерите на Microsoft.

Surface Laptop Go 2 треба да биде конкуренција на Chromebook уредите. Лаптопот со новиот Intel Core i5 од 11-та генерација и Windows 11 е соодветна надградба за оваа година. Сепак ако ви треба лаптоп за нешто повеќе од прелистување по интернет или уредување на текст, 4GB RAM веројатно се недоволни. Моделот со 8GB RAМ чини 700 долари, а моделот со 8 GB RAM и 256 GB SSD 800 долари.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments