Во 2022 година, развојното студио Akabaka, во соработка со издавачот DreadXP, успеа да ги заинтригира гејмерите со Sucker for Love: First Date – уникатен визуелен роман кој обработува ловкрафтски хорор, впечатливи можности за романса и бројни завршетоци.
Симпатичниот дизајн на ликовите и невообичаената, но квалитетна приказна, допринесоа играта и до ден денес да “стои“ со 98% позитивни рецензии.
Две години подоцна, на ред е да се провери продолжетокот. Дали Sucker for Love: Date to Die For достојно се надоврзува на првата игра или пак се губи во ловкрафскиот лавиринт на неуспешни продолжетоци?
Забележителна надградба и проширени механики
Првата игра беше карактеристичен визуелен роман. Како таков, за гејмлеј механиките приказната беше и алфа и омега. Во Sucker for Love: Date to Die For, меѓутоа, имаме нешто повеќе од визуелен роман. Иако приказната е и понатаму главниот двигател, без проблем ќе можете да се „движите“ низ бројните места во играта.
Под движење мислиме на вртење во 360 степени низ дводимензионални околини и кликнување на одредени порти за да се „преселите“ во друг простор. Иако звучи како премногу едноставна и здодевна механика, Akabaka се имаат потрудено да го осмислат целиот концепт како забавен начин на истражување и флуидни премини од една во друга околина.

Како што е карактеристично за еден визуелен роман, во Sucker for Love: Date to Die For ќе сретнувате и ќе стапувате во интеракција со многу ликови. Како што е карактеристично за еден лофкрафтски заплет, дел од таквите луѓе или ќе сакаат да ве излудат или да ве убијат или пак да го освојат вашето срце (романтично, се разбира).
Во случај на првите два типа луѓе, потребно ќе биде да бидете внимателни при горе-споменатите премини од една во друга соба. Можете полека и внимателно да ги отворате вратите и, доколку забележите сомнително лице, да си ја пробате среќата преку некоја друга врата.

Sucker for Love: Date to Die For се одликува со аниме инспирирани цртежи, со јасни бои и, ахем, нагласени физички атрибути. За подобра имерзивност, играта се одликува со одлична музичка подлога и супериорна глума.
Во поглед на целата презентација, немавме никаква забелешка и апсолутно уживавме низ четирите содржителни поглавја.
Единствено нешто што би можело да разочара одредена група фанови е тоа што играта нема доволно разнолики завршетоци. Размазени од бројните завршетоци во првата игра, овдека би можеле да бидете разочарани откако ќе откриете дека ја немате истата слобода.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Akabaka
- Издава: DreadXP
- Жанр: платформер со загатки
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 23 април 2024