Оставете го Интернетот да работи наместо вас, е пораката која ќе ве пречека доколку го отворите IFTTT. If This Then That e алатка со која можете да автоматизирате огромен број на акции да се извршат од 69 различни веб сервиси. На пример, кога некој ќе ве означи на фотографија на Facebook, можете да поставите истата фотографија автоматски да се зачува и во вашето Dropbox складиште. Или пак, твитовите што ќе ги означите како омилени и имаат линкови, линкот да се зачува во Pocket за подоцна да можете да го прочитате. Сервисот е достапен на веб или како iOS апликација.
За да можете да започнете да креирате рецепти со IFTTT, најпрво ќе морате да се регистрирате, што не би требало да ви одземе повеќе од неколку минути. Откако ќе се најавите со вашиот профил, ќе можете да започнете со создавање на сопствени рецепти или искористување на некои готови. Сервисот е едноставен за користење и со само неколку кликови можете да ја завршите сета работа.
Создавање на рецепт
Вашиот прв рецепт и сите останати, можете да ги создадете така што ќе кликнете на плавото копче „Create a recipe“, по што ќе започнете со создавање на вашиот рецепт. Сервисот ја прави основната функција во програмирањето, односно му кажувате што да се изврши доколку претходно се случи нешто. Со кликање на this ќе ви се отвори листа на канали (веб сервиси) што можете да ги искористите, по што истиот ќе треба да го активирате. После тоа следува избирање на тоа кога да се активира акцијата – тоа може да биде кога ќе биде објавен нов пост на некој блог, слика, линк, ќе добиете мејл и слично. Во нашиот пример, сакаме да добиеме известување по мејл кога ќе започне натпревар на Detroit Pistons. И повторно истите чекори за that, како и претходно – избирање на канал, активирање на истиот, избирање на акција. За да добиеме мејл, го активираме каналот Email.
Избираме ‘trigger’ или извор на информација/услуга.
Селектираме специфична информација.
… на половина пат…
Подесуваме акција што ќе ни ја донесе информацијата.
Интернетот е испрограмиран!
Прегледување на рецепти
Од менито My Recipes можете да ги погледнете сите ваши рецепти. Дополнително, истите можете да ги исклучите, избришете или споделите со останатите корисници на IFTTT. Додека, преку менито Browse се достапни сите рецепти од останатите корисници кои ги имаат споделено. Истите можете да ги сортирате според популарност или според каналите.













