на кратко
-
Дигиталниот идентитет е функционален во Македонија од октомври, 2021.
-
НЛБ Банка е првата банка што го интегрираше во своите процеси.
-
Барања за нов ПИН и рати, промена на лимити, активација на картички се дел од поврзаните услуги во НЛБ Банка.
-
Засега, услугите во НЛБ Банка поврзани со дигитален идентитет може да ги користат само физички лица.
-
Потребна е едукација за поголема примена на дигиталниот идентитет.
Како што веќе пишувавме, проектот за електронски идентитет е ставен во продукција во Македонија и функционира од 25-ти октомври. Овој важен проект ја поставува основата на дигитализацијата за голем број бирократски процеси и нуди потенцијал за можна интеграција и во други сегменти надвор од институциите, како инстант регистрации и плаќања, полесна регулација на облигациони односи и други аспекти кои треба допрва да се развиваат и иновираат.
Чекор по чекор инструкции за создавање на вашиот дигитален идентитет, кој уште еднаш ќе посочиме дека е бесплатен за првите 150.000 корисници, ќе пронајдете во текстот на Дејан, а за поголемата слика и инфраструктура позади овој проект разговаравме со Вања Манова од Mastercard, компанија чии сервиси се користат за процесирање на трансакциите и комуникацијата поврзана со eID процесите.
Денес, за да дадеме целосна слика на овој проект и да појасниме што точно може да се направи со електронскиот идентитет засега, разговараме со Љупка Ѓорѓиевска од НЛБ Банка. Љупка е Директор на сектор за развој на понуда и маркетинг во НЛБ Банка, првата банка на пазарот која го интегрираше користењето на електронски идентитет во своето работење.
Кои услуги корисниците на електронски идентитет можат да ги искористат моментално во НЛБ Банка?
На почеток, НЛБ Банка на своите корисници ќе им овозможи употреба на електронскиот идентитет за надминување на потребата од физичка посета на експозитурите на банката за доставување на разни барања/документи поврзани со продуктите на клиентот. Услугата е овозможена за користење преку Контакт центарот на Банката 24×7 каде клиентот се јавува со конкретното барање, а потребните документи за потпишување му се проследуваат преку апликацијата каде и се врши електронската идентификација и потпишување. Листата на услуги кои се достапни преку овој канал се: барање за реиздавање на ПИН за картичка, промена на дневен лимит на картичка, барање за доспевање на рати, активација на картичка, итн.
Дали се планира проширување на услугите во блиска иднина?
Изборот на услугите е направен со цел да ги покриеме најчестите барања од клиентите, а притоа овозможувајќи им комфор на корисниците во користењето на оваа нова и модерна услуга во било кој дел од денот и од било која локација. Сетот на услуги пропорционално ќе се збогатува и проширува во зависност од потребите и очекувањата на нашите клиенти, но и паралелно со промена на нивните навики, однесување и користење на сервисот, при што крајната цел е да се овозможи целосно дигитално работење со сите продукти и услуги на Банката.
Наша постојана мотивација во дигиталната трансформацијата е фидбекот кој го добиваме од клиентите, задоволството од користење на услугите и барањата за нивно проширување и унапредување.
Дали ова значи дека правните лица кои поседуваат електронски идентитет на управителoт може да користат услуги како ажурирање на податоци за правно лице, целосно електронски, без да бидат приморани да одат во банка како што е сегашната пракса?
Во иницијалната фаза од лансирање на сервисот, правните лица не се поддржани за негово користење, пред сè имајќи ги во предвид спецификите кои ги носат во своето работење како што се врзани овластувања, ограничувања во овластувањата итн. Во следните фази на развој останува да се уредат и интегрираат сите овие специфики и да се унапреди овој сервис со можности за користење и од страна на правните лица во процесот на ажурирањето на нивните податоци, но и за низа други активности во процесот на завршување на банкарски трансакции.
НЛБ Банка е првата банка што ја интегрираше поддршката на електронски идентитет. Што сè треба да поседува или подготви една банка за да може да поддржи дигитален идентитет?
Сметам дека за имплементирање на дигитални современи решенија, како што е дигиталниот идентитет, Банката прeд сè, треба да поседува пасија, фокусираност и стратешка определба кон дигитализацијата и тоа на секое ниво на работењето, од најниско до највисоко. Понатаму, неопходни се: добро поврзување и интегрирање на дигиталните можности, воспоставување на потребна инфраструктура и активно следење на дигиталните светски трендови, законската регулатива и техничките предиспозиции со цел нивно искористување и интеграција во банкарското работење.
Можноста за користењето на електронскиот идентитет е отворање на една сосема нова страница во банкарското работење. НЛБ Банка како предводник во дигитализацијата го направи првиот чекор и ќе го трасира патот за негово помасовно користење, а целта е тој да стане основен и неизбежен дел во банкарското работење. Секако свесни сме за сите предизвици со кои ќе се соочиме ние и нашите клиенти во процесот на негова имплементација и користење. Со оглед на тоа дека се работи за сосема ново дигитално решение, ние како пионери во развојот, подготвени сме да ја спроведеме едукацијата на клиентите за придобивките и користењето, но и да помогнеме во процесот на дигитално описменување на граѓаните. Токму затоа и целосната имплементација, надоградување и искористување на сите можности кои ги нуди ова решение ќе се случуваат во повеќе развојни фази, со што на клиентите ќе им овозможиме простор постепено да се запознаат со ова ново дигитално искуство и да го прифатат во секојдневното работење со Банката.
Што е разликата помеѓу електронскиот идентитет преку квалификуван сертификат за електронски потпис (токен) и новата понуда на дигитален идентитет преку Mastercard/Evrotrust?
Разликата е во опсегот на можности кои овие две решенија ги нудат. Во случајот на Mastercard/ Evrotrust како сертифициран оператор со дигитален идентитет, квалификуваниот дигитален потпис е само една од фунционалностите во склоп на поширок спектар на услуги кои се покриени со законот за електронски документ, електронска идентификација и доверливи услуги и кој може да се користи во рамките на сервисот на Evrotrust. За разлика од ова решение, основната и единствена функционалност на електронскиот потпис / токенот е да се овозможи дигитално потпишување од страна на неговиот имател, секаде каде што има потреба.
Исто така во нашиот случај Evrotrust е издавач на шема за електронска идентификација, а квалификуваниот дигитален сертификат го издава со користење на шемата за електронска идентификација односно без физичко присуство, што не е случај со издавањето на квалификуван сертификат за електронски потпис.
Дали може да ја споделите вашата проценка колкав е интересот за овие современи технологии? Како ги прифаќаат корисниците овие дигитални решенија?
Моменталната дигиталната писменост на пазарот кај нас е на релативно ниско ниво, особено во споредба со западно-европските земји, следствено на што има голем потенцијал за понатамошен развој и унапредување. Нашата улога и задача е не само да овозможиме дигитализирани услуги туку и да ги мотивираме, поттикнеме, запознаеме и едуцираме нашите клиенти, но и сите останати заинтересирани корисници на модерни услуги и сервиси, за нивната примена како и бенефитите кои ги овозможуваат бидејќи тој е поедноставен, поевтин и подостапен канал за извршување на банкарските трансакции.
Предусловите за подигнување на дигиталната едукација се создадени, имаме високо ниво на интернет пенетрација и висок степен на користење на мобилните телефони. Од искуство можам да кажам дека нашите заложби за пренасочување на работењето на клиентите преку дигиталните канали носат позитивни резултати со значително зголемување во нивното користење. Само како за пример ќе споделам дека преземените мерки за време на ковид кризата со цел пренасочување на клиентите кон користење на дигиталните канали придонесоа за пораст во одредени дигитални сегменти и повеќе од 100% за период од една година. Исто така мобилниот кредит кој го воведовме минатата година веќе станува препознатлив и баран производ од страна на нашите клиенти бидејќи им овозможува задоволување на нивните финансиски потреби, независно од работното време на Банката и локацијата на која се наоѓаат. Ова се значајни индикатори за промената на навиките на клиентите и отвореноста за прифаќање и користење на нови технологии.
Во однос на решението за дигитален идентитет нашите очекувања се дека овој сервис ќе биде пред сè интересен за оние лица кои се редовни и понапредни корисници на дигитални услуги и кои ги користат сите можности и придобивки од дигиталните решенија. Исто така, од голема корист ќе биде за сите лица кои од различни причини не се во можност да дојдат и да посетат експозитура и ќе може да го спроведат целиот процес онлине. Секако со помасовна комуникација и едукација верувам дека постепено ќе успееме да го наметнеме и на поширока маса на клиенти кои ќе ги увидат придобивките од негово користење и понатаму ќе станат дури и активни промотери на решението.
Објаснете ни чекор по чекор што треба да направи еден корисник кој што сака да поседува дигитален идентитет и да го користи за услугите на НЛБ?
Процесот е доста едноставен. Првиот чекор е инсталација и активација на апликацијата од „Play Store“ или „Apple Store“. Самата апликација го води корисникот низ чекорите, од скенирање на документ за лична идентификација, потврдување на неговиот идентитет, како и детално информирање за принципот на работа на решението како и условите за користење на истото. Секој корисник кој сака да го користи овој сервис, потребно е да се јави во Контакт центарот на Банката, каде соодветно ќе му се посочи, како за конкретната потреба може да се употреби овој сервис.
Дали електронската идентификација ќе понуди и бенефит за е-трговците?
Постојат голем број на аспекти како електронската идентификација може да придонесе во е-трговијата, почнувајќи од самиот процес на воспоставување на деловен однос со трговецот, вклучувајќи и потпишување на целокупната потребна документација. Тоа во пракса би значело дека е-трговецот ќе може да се регистрира во банка без физичко присуство. Како што и претходно споменав, планот на НЛБ Банка е постепено да се надоградуваат услугите кои ќе бидат оспособени преку решението за електронска идентификација, при што секако дел од услугите кои ќе се понудат ќе бидат поврзани и со е-трговците.