Amazon Prime Gaming придонесе до историско намалување на цени на одредени игри

на кратко

  • Amazon Prime Gaming очигледно сака поголем удел на гејминг пазарот

  • Платформата нуди одлични зделки

  • Претплатниците на Prime Gaming бесплатно може да ја земат основната игра за Guild Wars 2

За Amazon Prime Gaming често зборуваме во последно време, првенствено затоа што се работи за платформа која нуди исклучително добра зделка. По цена од 370 денари месечно, добивате пристап до три услуги:

  • Prime Video – стриминг на телевизиски серии и филмови (споредба со другите платформи како Netflix, HBO може да прочитате во оваа тема на ИТ форум)
  • Twitch Prime – можност за претплата кон еден стример преку платформата, како и серија од ексклузивни можности за изразување преку четот,
  • Prime Gaming – пет до десет игри месечно, како и триесет до педесет додатоци од козметичка вредност за бројни игри.

Низ времето, знаевме да потенцираме кога ќе се појават квалитетни игри преку Prime Gaming, но последниве два месеци беа исклучително интересни. Имено, Prime Gaming успеа целосно да ја сруши економијата за одредени игри и да создаде одлични услови за историско намалување на цените.

Битки на цени

Guild Wars 2 е одлична ММО игра која во последнава деценија исфрли две солидни експанзии и е на прагот да ја исфрли третата. Во последните осум години, никогаш не сме забележале основната игра да се продава под 500 денари. Причината поради тоа е што секогаш има побарувачка за клучевите за оваа игра. Многу ветерани купуваат екстра клучеви, прават прокси акаунти, собираат дневни награди и, по одредено време, сите тие материјали и злато си ги испраќаат на главниот акаунт. Со собраните ресурси или побргу доаѓаат до легендарни оружја и оклоп или пак ги преточуваат во gems и си купуваат различни работи од продавницата, без да посегнуваат по кредитната картичка.

По цели осум години, по првпат забележавме дека, на сивиот пазар, клучеви за Guild Wars 2 се продаваат по 18 денари. 18 денари не само за основната верзија туку за Heroic едицијата која доаѓа и со костим и со простор за собирање плен. Купивме три клучеви и без проблем ги регистриравме на три посебни имејлови. Потоа, ја забележавме втората чудна работа.

Во Guild Wars 2 можете да ја трошите валутата која се добива во играта, gold, со валутата која се добива со кредитна картичка, gems. Последните две години, за 400 gems се даваше некаде од 130 до 150 gold. Вредноста е од променлив карактер, но обично се движеше околу тие параметри. Последниве неколку недели, во одредени периоди од денот можете да купите 400 gems за 100 gold – исклучително ниска бројка која одамна не сме ја виделе. Нормално, ова може да се должи и на долгиот период од недостакот на нови содржини поради тоа што тимот работи со полна пареа на третата експанзија, но сепак, ова плус смешно ниската цена за основната игра е еднакво на две паралелни „случајности“.

Поплочано со добри намери

ArenaNet, тимот зад Guild Wars 2, и Amazon Prime Gaming имаа одлична идеја – претплатниците на Prime Gaming бесплатно да ја земат основната игра за Guild Wars 2. Prime Gaming ќе собере повеќе претплатници, а ArenaNet ќе собере повеќе играчи, паралелно генерирајќи хајп и, потенцијално, зголемувајќи го бројот на претплати од експанзијата End of Dragons. Во теорија, ова навистина звучи добро. Во пракса, исто така стапија на сила последици кои можат да бидат само ценети од гејмерите, барем сега-за-сега. Нови играчи конечно се запознаа со светот во Тириа, а ветераните ем добија бројни прокси акаунти за евтини пари, ем gold-to-gems-ratio падна надолу, што е одлично за оние што купуваат работи од продавницата.

Интересно е како дојде до сево ова и како ова никако не би било можно да не се целосно злоупотреби системот. Имено, стотици и илјадници нови акаунти се направија на Prime Gaming, се искористи бесплатниот пробен период, се зграпчија неброени клучеви и инстантно почнаа да се продаваат на сивиот пазар. На почетокот од промоцијата, клучевите за Guild Wars 2 се продаваа за 400 денари. Неколку часа подоцна, цената падна на 300 денари. Неколку дена подоцна, цената се намали на 100 денара. До пред неколку дена, Guild Wars 2 се продаваше за 70 денари. Сега? Сега играта се продава за 16 денари. Од почетокот на овој текст па до овој момент забележавме дека цената падна за дополнителни 2 денари! Причината за ова е затоа што препродавачите ги брка времето. Клучевите се од исклучително краток траен карактер и набргу ќе бидат деактивирани. Поради тоа, подобро врапче во рака, отколку на гранка. Имено, препродавачите се надеваат дека ќе дојдете кај нив за евтина Guild Wars 2, но, по патот, ќе решите да купите и уште нешто, значително поскапо.

Ова е само дел од значително поголема ситуација. Имено, покрај Guild Wars 2, месецов Prime Gaming подарува клучеви и за Dragon Age: Inquisition и за Control Ultimate Edition. Пред Prime Gaming промоцијава, Inquisition само еднаш се имаше продавано за 200 денари, а обично низ годините попустите ја поставуваа цената на 300 денари. Control Ultimate Edition на ниедна официјална продавница никогаш не била поевтина од 600 денари. По промоцијата, клуч за Dragon Age: Inquisition може да се најде за само 7 денари. Клуч за Control Ultimate Edition? Исто така за само 7 денари!

Претходниот месец, Prime Gaming ја имаше на промоција Star Wars Squadrons, игра чија најевтина цена на официјалните продавници не била под 700 денари. Кога Prime Gaming почна да дава клучеви за оваа игра, на сивиот пазар играта се продаваше по 300 денари, па по 100 денари, па по 7 денари, најниската цена која обично е дозволена на бројни вакви продавници. Сега, сите тие клучеви се деактивирани и повеќе играта не може да се продава по таа цена. Сега, играта повторно се продава по 700 денари, но тие месец дена? Тие месец дена навистина беа луди!

Prime Gaming се одликува со нивен клиент. Обично, сите игри кои бесплатно се нудат преку оваа претплатничка услуга, автоматски се активираат на вашиот акаунт, но, во случајот со Squadrons, Inquisition, Control и Guild Wars 2, Amazon не може да им ги врзе рацете на претпродавачите на ист начин како со останатите игри и беше обврзан да нуди клучеви кои гејмерот потоа рачно треба да ги активира на соодветен, надворешен клиент. Токму овде, сите препродавачи ја пронајдоа слабата страна и решија да ја искористат до максимум. Како резултат, последиците тектонски ја поместија економијата кај овие игри и покажаа колкава слабост, односно моќ има Amazon (зависи како ќе решите да гледате на сево ова). Ние лично сме возбудени за иднината и не можеме да ја дочекаме третата рунда!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments