Откако во јуни годинава, владата на Ел Салвадор го изгласа т.н. Bitcoin закон, кој практично ја прогласи криптовалутата Bitcoin за валидна валута од септември во платниот промет во земјата, оваа јужноамериканска дестинација стана популарна во финансиските и крипто кругови, па сосема очекувано беше и најголемата конференција во Латинска Америка за Bitcoin и блокчејн – LABITCONF (Latin American Bitcoin and Blockchain Conference) да се одржи во главниот град на Ел Салвадор, Сан Салвадор. Конференцијата која трае од 15-ти до 20-ти ноември, ги поврзува иноваторите во Bitcoin индустријата, претприемачите од овој дел во светот како и еден куп крипто и блокчејн експерти. На конференцијата говорници и панелисти се актуелни луѓе од крипто светот, а како организатор на овој настан кој се организира веќе девет години се јавува непрофитната организација Bitcoin Iberoamérica.
Bitcoin
$62,606.80
На годинашниот LABITCONF, поделен во два дена и во две групи (онлајн и офлајн) се одржа и хакатон на кој повеќе тимови од светот се натпреваруваа и правеа концепти за имплементација на Bitcoin во секојдневието, а како победник на онлајн хакатонот е кодерскиот-тандем составен од татко и ќерка, Јордан и Андреа Стојановски, кои за забава и лична едукација се пријавиле како тим “Dad & Daugther”, откако дознале за овој настан при посетата на Ел Салвадор.
Јордан е искусен програмер, математичар, инвеститор и татко на Андреа која штотуку е дипломирана и ја отпочнува својата кариера… Живеат во Њујорк и редовно се на релација Њујорк – Битола, од каде што и потекнуваат. Ако името ви звучи познато, тоа е затоа што за Јордан веќе пишувавме пред една година кога ја токенизираше вевчанската валута личник со цел промоција на Вевчани и го направи Крипто Личник.
По повод победата на овој хакатон, поразговаравме со Јордан за нивниот проект, но и малку пошироко за криптовалутите…
Која беше мотивацијата да се пријавите на овој хакатон на LaBitConf 2021 во Ел Салвадор?
Читајки за Ел Салвадор како прва држава која го прифати Bitcoin-от како една од официјалните валути, почнавме да следиме што се случува таму. Отидовме и на прошетка да видиме како тоа изгледа, а и малку да научиме да сурфаме на бранови. Дознавме за хакатонот кој додатно нè мотивираше да учиме за Bitcoin и Lightning Network. За мене најважно беше дружењето со ќерка ми на ваков начин, а за неа учењето и рекламата кога би добиле награда, што и се случи.
Мотивацијата е уште поголема кога на еден ваков хакатон кодирате во тим со својата ќерка? Што работи Андреа во моментов и која е нејзината позадина?
Андреа штотуку заврши компјутерско инженерство пред неколку месеци на New York University, се одмори летово и сега бара, односно избира работа, но без голем притисок, за да одбере тоа што најмногу и одговара. Изборот е голем и побарувачката е голема, но најважна е насоката која ќе ја одбере на самиот почеток. На факултетот работеше и програмерски проект поврзан со криптовалути, па и тоа е една од можностите што и се нудат, а и финансии сама да почне своја фирма поврзана со тој проект.
Освоивте прво место на хакатонот на Latin America Bitcoin Conference 2021, кажете ни малку повеќе за прототип проектот кој го работевте?
Проектот е прототип што овозможува резервирање на услуги за кои се плаќа со Bitcoin преку Lightning Network, што овозможува максимална анонимност. Тој што ја нуди услугата не може да дознае ништо друго освен дека таа е платена и резервирана. Тој што платил може да го докаже тоа криптографски, без да издаде додатни информации.
Кои се вашите очекувања за понатамошниот план на овој проект?
Проектот сега е само функционален прототип. Планираме да го развиваме понатаму, но ние немаме маркетиншки способности, па мислам дека најтешкиот дел за нас е како да се популаризира проектот. Самиот развој не бара големи парични инвестиции.
Криптовалутите и копањето се актуелна тема во моментот, како експерт на темава, како сметате дека македонските регулатори треба да пристап кон криптовалутите? Дали треба да се забранат или да се поттикнат?
Ќе дадам стандарден одговор: криптовалутите се децентрализиран систем составен од многу компјутери распрскани по целиот свет. Никој, па ниту државите не можат да го запрат. Македонија (како и било која друга држава) не може да ги исклучи криптовалутите – може само себе си да се исклучи од нив. Забраната би била голема штета за нашиот народ. Таа само го одложува неминовното, и нашиот народ сеедно ќе купува криптовалути, но покасно од другите, за многу повисока цена. Тоа само не осиромашува. Од друга страна, Македонија постанува центар за развој на информатичка технологија, а забраната спречува голем сектор од оваа индустрија.
Која е најголемата придобивка што ја гледате во криптовалутите? Која е добрата, а која лошата страна?
Најголема придобивка од криптовалутите би била сепарацијата на државите од парите. Некогаш се одделила религијата од државите (барем од повеќето) па луѓе од различни религии можат да живеат заедно во иста држава. Денес државите постануваат најголем непријател на народот: конзумират огромен дел од заработените пари, а се помалку од тоа се употребува во корист на народот. Се печатат пари без контрола, се прават непотребни војни, и многу средства преку корупција завршуваат во погрешни раце. Лошата страна се големите измами што им се пласираат на наивни или неедуцирани корисници. Се продаваат измами како инвестиции, се крадат средства од луѓе кои не знаат како да се заштитат.
Пред неколку недели бевте во посета на Ел Салвадор, каква е реалната имплементација на Bitcoin? Дали е само теорија или нешто функционира и во пракса?
Многу пријатно бевме изненадени. Ел Салвадор ја поттикнува употребата на Bitcoin. Ова не настанало преку ноќ. Пред да се прифати како јавно платежно средство Bitcoin-от не бил забранет, па различни групи го употребувале на свој начин, од кои најприметлива локација е дел од туристичката обала наречена Bitcoin Beach. Денес Ел Салвадор има официјален дигитален паричник наречен Chivo кој овозможува евтини и брзи трансакции со помош на таканаречената Lightning Network, но никој не е присилен да го употребува него. Секој може да си користи каков сака паричник и сам да си избере компромис меѓу старателство или сувереност над своите средства, количина на анонимност и едноставност на употреба. Плаќајки со Bitcoin можеш да си наполниш гориво во колата, да си платиш во ресторан итн. на многу места.
Од гледна точка на државата, некогашната нивна валута наречена Colon скоро никаде не е во употреба заради хиперинфлацијата која настанала. Се користи американски долар кој САД си го печати, но Ел Салвадор не добива пропорционален дел од новонапечатените пари. Мислам дека за мала држава единствен спас од финансискиот неоколонијализам е прифаќањето на криптовалути.
Кој хакатон е следен за кодерскиот-тандем? :)
Тоа ќе ви го кажам ако добиеме или добијам награда. Ако не, ќе се кријам. ;)
[…] […]
[…] https://it.mk/jordan-i-andrea-tatko-i-kerka-koderski-tandem-pobedija-na-bitcoin-hakaton-vo-el-salvad… […]
Инспиративно!