Израелскиот амбасадор Дан Ориан: „Македонската стартап сцена може многу повеќе“

Овој месец ќе се одржи Биталон, хакатон во кој учесниците ќе се обидат да раскажат приказна.

Приказните кои ќе бидат раскажани се за еврејската заедница во Битола. Учесниците ќе се обидат тоа да го направат преку старите гробишта во Битола, изработувајќи дигитална платформа за посетителите на Паркот на живите.

Вo тимот кој стои зад хакатонот е и израелскиот амбасадор во Македонија, Дан Ориан. Го имавме задоволството да разговараме со него и да дознаеме повеќе за приказната зад Биталон.

Што ве натера да се вклучите во организирањето на хакатонот во Битола? Зошто баш Битола?

Според мене, приказната за евреите во Македонија е од особено значење и постојано барам креативни начини за да ги поврзам новите генерации со трагичната историја на еврејската заедница, истата заедница која за малку ќе беше избришана од светот со холокаустот. Најдобриот начин да се активираат младите умови е преку приказна која се раскажува на нови начини и со нови алатки. Она што ние сакаме е да ја извлечеме старата приказна од книгите и да ѝ дадеме нов живот преку холограми, 3Д и со иновативни елементи кои се доволно силни да предизвикаат вистинска емоција кај младите луѓе. Ваквата модерна сцена бележи постојан раст и не сакам ништо повеќе отколку Израел да си го најде своето примарно место под сенката, преку меѓусебна и несебична соработка. Нема ништо поубаво од здружување сили и комбинирање трудови за да се создаде нов екосистем кој раскажува трагична приказна од исклучително силен информативен карактер.

Кои се вашите очекувања од хакатонот?

Очекувам хакатонот да привлече доволно внимание на македонската млада генерација и да отвори нови можности за креативно раскажување приказна. Се надевам дека ќе се створат продуктивни услови и дијалог за понатамошни партнерства, дисеминации и пријателства кои ќе вродат нови идеи за тоа како да се направи минатото не само повидливо туку и порелевантно за идните генерации. Сум видел какви преубави работи можат да произлезат од вакви настани, како хакатонот во музејската тура за Давид во Ерусалим, и искрено се надевам дека сите ќе можеме да уживаме во подготвеното, а и пријатно да се забавуваме. Она што е сигурно е дека ќе имаме исклучително мека гарнитура за одмарање која, по завршување на хакатонот, ќе ја подариме на лица со посебни потреби во Битола.

Зошто овој е хакатон важен за еврејската заедница?

Хакатонот е важен за сите Eвреи во светот затоа што е дел од мисијата да се раскаже приказна која не е доволно прераскажувана. Важна е за еврејската заедница во Македонија затоа што пушта длабоки корени во историјата на нивните семејства. Точно е дека еврејската заедница во Македонија е многу мала, но токму тоа го прави сево ова уникатно. За малата заедница ова се едни од најважните поглавја во минатото, а вие не можете да имате иднина без сочувување на минатото.

Што ќе извлечат победниците од посетата на Ерусалим? До која мера таквата посета би била и од образовна природа?

Победниците ќе ја имаат ексклузивната можност да ја посетат стартап нацијата. Преку запознавање со клучните лица во водечката индустрија на стартапи, победниците ќе можат да чујат бројни приказни за подеми и падови, како и да посетат најразлични компании, инкубатори и акцелератори. Нормално, ќе имаат и време за туризам и рекреативни активности, во земја која е исклучително стара, но крајно флексибилна во поглед на иновација и имплементација на најновите технологии.

Кое е вашето мислење за стартап климата во Македонија и како се разликува од стартап сцената во Израел?

Забележувам забрзано напредување на ова поле, но сметам дека Македонија може многу повеќе. Очигледни се бројните организации, но и послабиот прилив од финансиски средства. Токму поради тоа, се надевам дека ќе може да се воспостави одреден баланс помеѓу овие две работи и дека резултатот од таквото нешто ќе биде прекрасен. Веќе имам поддржано неколку активности и активно сум вклучен во некои други, со силна верба дека заеднички можеме чуда да правиме.

Од сите проекти што досега сум ги работел, од организирање концерти и претстави, преку чистење стари еврејски гробишта, па се до пишување книги, хакатонот е единственото нешто што ми остава впечаток на нешто целосно ново и различно. Навистина сум возбуден и искрено се надевам дека ќе биде огромен успех. Последен пат кога се чувствував вака беше кога се објави мојата прва книга за деца.

Ако сакате да успеете морате од време на време да размислувате надвор од кутијата. Јас се обидувам да го правам тоа, но како дипломат, тоа некогаш не е прифатливо.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments