Започна продажбата на early bird влезниците за Startup Weekend Skopje, кој е закажан за 19 до 21-ви септември во просториите на New Man’s Business Accelerator. Тридневниот настан, организиран од тим на волунтери, е шанса за сите девелопери, ентузијасти, студенти и стартапи да го покажат својот талент пред искусни претприемачи и инвеститори кои можат да ја претворат таа идеја во вистински бизнис. На Startup Weekend може да се учестува и како стартап и како поединец со тоа што ќе најдете сродни души за да составите тим кој ќе се натпреварува за награди. Целта е до крајот на натпреварувањето е да се креира бизнис идеја, но и да се научи како да се презентира таа идеја, како да се изгради Minimum Viable Product и како да се продаде пред луѓето со пари.
За инвеститорите и компаниите Startup Weekend Skopje е одлична шанса да видат иновативни идеи кои можат да ги поддржат. Помалку од половина, 42,8 отсто, од компаниите во Македонија воведуваат некој тип на иновации во својата работа, дали е тоа иновација во производство или во организација и маркетинг, што е сепак мал процент ако се цели кон тоа Македонија да остане во чекор со западната дигитализација. Затоа Startup Weekend може да послужи како еден од оние настани на кои компаниите ќе можат да видат како локалните девелопери ги следат светските трендови.
Девелоперите и бизнисите зависат едни од други во иновирањето, вели Ева Пиперовска од тимот-волунтери кои го организаат Startup Weekend Skopje. Програмерите тежнеат кон совршен код, и често паѓаат во стапица да мислат дека тој код навистина ќе биде корисен. Но, за да биде успешен продукт, тој треба да биде потпомогнат од дизајнерите, бизнисмените и маркетинг експертите.
„Бизнисмените или маркетинг експертите ќе можат да им кажат која е нивната потенцијална публика… Тие со помош на своите вештини ќе им помогнат на програмерите подобро да ги разберат своите корисници и заедно да создадат производ кој ќе биде визуелно интересен, препознатлив и разбирлив за повеќето корисници и се разбира со многу добар код зад себе“, пишува Ева во блог пост.
На настанот ќе присуствуваат заменик-министерката за ИТ, Марта Т. Арсовска; министерот за странски инвестиции, Веле Самак; ангел инвеститорот, Максим Гурвитс; партнерот на бугарскиот стартап акселератор LAUNCHub, Румен Билев, и други; а во долгата листа ментори се најавени основачот на Tesseract Interactive, Иван Ивановски; ко-основачот на бугарскиот Start it Smart, Петар Шарков; основачот на u:Plug, Иван Јелушиќ; основачот на New Media MK, Дарко Булдиоски… целата листа е тука.