„Реши го невозможното“ и годинава е слоганот под кој по 12-ти пат ќе се одржи натпреварот за решавање алгоритамски проблеми CodeFu. Студентите на додипломски и последипломски студии на факултетите од земјава кои ќе учествуваат на натпреварот ќе си ги одмерат знаењата и вештините во оваа област.
За тие што веќе се запознаени со овој натпревар и го следат од почетокот во 2007 година, правилата се добро познати. За оние кои се нови во светот на CodeFu, важно е да знаат дека од сите пријавени, преку принцип на елиминација во две рунди (првата е на 15 април, а втората на 6 мај) ќе останат 32 финалисти. Тие ќе се натпреваруваат за главната награда – патување во Цирих, Швајцарија на Интернационалната конференција за модерни уметности и софтвер Jazoon со сите покриени трошоци, како и CodeFu ранец и маичка.
Финалниот натпревар ќе се одржи на 3 јуни, но со тоа не завршуваат активностите околу CodeFu. Во текот на целата година Netcetera организира и неколку сезонски и community натпревари од сличен карактер како CodeFu. На секој од овие натпревари, Netcetera ќе доделува телефони или таблети за победниците, но и за еден од натпреварувачите по случаен избор.
Правилата на учество и сите други информации во врска со натпреварот можете да ги најдете на официјалната страна на CodeFu.







