ИТ Кариера профил е серијал преку кој ќе ја претставиме ИТ заедницата, начинот на работење, функционирање и динамиката на луѓето во ИТ секторот.
1. Што работиш моментално и кои се твоите одговорности?
Имав за среќа ’’од прва’’ да ми се погоди компанијата каде од практикант, надградувајќи се и преземајќи повеќе работни задачи, денес работам како CTO (Chief Technology Officer). Ова е значително поодговорна позиција која вклучува честа комуникација со клиенти, патувања и добро познавање на технологиите и процесите на развој на софтвер, развој на стратегијата на компанијата бидејќи како компанија за развој на софтвер, бизнис стратегијата во голем дел зависи и од технологијата која ја користиме.
Соработуваме со големи клиенти кои во нивната област се во топ 5 на светско ниво (LittleThings, AFV, Rumble, итн.). Како дел од моите одговорности, директно сум вклучен во имплементацијата на решенијата за дел овие клиенти, каде што заедно со тимовите доставуваме квалитетен продукт и допринесуваме за нивен уште поголем успех.
2. Прати ни фотографија од твојата работна средина (без средување 😃)
3. Од каде научи да програмираш – факс, курсеви, или учење на своја рака?
Комбинација од сите три. Со програмирање за прв пат се сретнав во 2001 година каде што преку книгата за деца Увод во програмирањетосе запознав со основите на програмскиот јазик BASIC. Во тоа време пристапот до интернет беше ограничен, а основните училишта не вклучуваа информатика во наставната програма. Овие околности ја ограничуваа можноста за наоѓање на квалитетен материјал за едукација (за разлика од денес). За среќа, во тоа време постоеа списанија како PC Info и Plugin кои редовно ги пратев. Преку нив се запознав со Linux, Visual Basic и генерално со принципите на визуелно програмирање.
Поради пасијата за програмирање се одлучив моето образование да го продолжам во средно училиште за информатика, каде што бев во можност посериозно да навлезам во оваа област. Таму се запознав со архитектурата на компјутерските системи, програмскиот јазик Pascal, околината Delphi, итн. Во меѓувреме самостојно изучував HTML, по што во 2002 година го изработив мојот прв веб сајт. Во тоа време го прикачував и ажурирав од скопските интернет клубови со помош на еден куп флопи дискети. Сајтот може да се прегледа на следниот линк (потребно е да овозможите Flash во вашиот прелистувач за да можете да го прегледате).
На програмирањето му пристапив на многу повисоко ниво за време на студиите на ФЕИТ, како и моментално на магистерските студии на ФИНКИ. Тука се сретнав со напредни коцепти, почнувајќи од развој на апликации за командна линија, веб апликации, мобилни апликации, изработка на едноставни хардверски модули, па се до напреден hardware prototyping.
Откако се вработив па се и до денес, учам секојдневно преку прифаќање на нови предизвици и секако од колегите. Имаме R&D (Research and Development) состаноци каде еднаш неделно седнуваме и дискутираме за нови технологии, споделуваме искуства и ако некој има интересен проблем дискутираме како да го реши истиот.
4. Кои се 5-те сајтови кои највеќе ги посетуваш?
4.1 Reddit
4.2 Hacker News
4.3 The Practical Dev
4.4 Clubhouse
4.5 CoinMarketCap
5. Кој е твојот омилен technology stack?
LEMP
6. Омилена алатка/софтвер?
Terminal, Vim, Sublime. Преферирам едноставни работи.
7. Напиши ни неколку мудри зборови како совет за оние кои сакаат да започнат со програмирање…
Доколку се одлучите да запливате во програмерските води бидете подготвени дека станува збор за динамична професија каде што е потребно редовно да се надоградувате за да бидете во тек со најновите технологии. До пред 10тина години доволно беше да имаме познавање од една технологија и да бидеме сигурни дека имаме обезбедена работа во наредните неколку години. Сега живееме во време каде што polyglot програмерите имаат предност во однос на останатиот кадар.
Не се приврзувајте за конкретна синтакса/програмски јазик. Фокусирајте се на концептите, структурите, алгоритмите. Имајте во предвид дека секој почеток е тежок и не се откажувајте. Потребно е време, труд, упорност и многу непреспиени ноќи но на крај успехот се исплаќа.
8. Напиши ни неколку мудри зборови како совет за твоите колеги во индустријата…
Балансирајте. Градете се додека сте на работа но и во вашето слободно време. Не се фокусирајте само на код т.е. технологија. Техничкиот дел е само едно делче од целата сложувалка која ве дефинира како личност и ја одредува вашата вредност на пазарот на труд. За усовршување на овие техники ви ги препорачувам книгите The Clean Coder и The Software Craftsman.
Бидете спремни да да кажете “не”, да се справите со конфликти, тесни рокови, притисоци и неразумни желби и барања. Користете ја креативноста, давајте иницијативи и предлози. Најбитно од се, менаџирајте го добро вашето време, одморете се кога сте уморни, но не се откажувајте. Посветете време, вреднувајте ги и градете ги луѓето околу себе во идни лидери.
Освен читање книги и гледање туторијали за сертификација, надоградувајте се и преку посета на конференции. Ќе имате можност да се сретнете и дискутирате со влијателни луѓе од индустријата, да запознаете нови колеги и дебатирате на различни теми, да учествувате во работилници итн. Споделувајте го вашете знаење и допринесете за заедницата. Бидете говорник на конференции или помали настани, пишувајте статии, учествувајте на meetup настани.
9. Доврши ја реченицава: Иднината на програмирањето е во…
Blockchain. Кога ќе спомнам blockchain не мислам на Bitcoin и други крипто валути. Тоа е само еден пример каде може да се користи оваа технологија. Blockchain ни овозможува безбедно да чуваме голема количина на податоци и може да биде замена за комплексни софтверски системи. Може да се користи во било која област како што се банкарство, едукација, здравство, влада итн.
Ќумур тастатура и глушец, наспроти фенси Сони слушалки. Нема оправдување за најшкарт периферија за некој што живее и заработува со тој хардвер. Па дури и ако ова е работното место на работа во компанијата.