Интервју со Стефан Плавјански

Avatar img-thumbnail img-circle

во Интервјуа

Во Македонија, во споредба со соседните земји, забележуваме натпросечно знаење за ИТ индустријата, вели Стефан Плавјански, менаџер за продажба на HP за Македонија и Косово. „Но трошењето за ИТ по глава на жител е сѐ уште далеку од нивоата во ЕУ, па дури и од оние на земјите кои неодамна се приклучија кон ЕУ. Ова значи дека постои некој потенцијален јаз во Македонија и во некои други земји од ЦИЕ кој треба да се затвори.“ вели тој.

Направивме интервју со г-дин. Плавјански во кое го прашавме за продажбата нa HP во Македонија, за  потенцијалот на тој пазар како и за влијанието на  економската криза врз ИТ продажбата  во регионов.

Од кога е HP присутен на пазарот во Македонија и на кој начин е остварено тоа присуство (застапници, локална канцеларија…)?
Со индиректно покривање на пазарот започнавме уште во 1990-тите,а на 1-ви декември 2005 година HP официјално го објави отварањето на свое претставништво во Македонија кое ги покрива операциите на HP во Македонија и во Косово. Главните цели на локалната канцеларија се да ги поддржува локалните и глобалните клиенти ,локалните партнери,  како и локалните и глобалните алијанси (Microsoft, Oracle, Cisco,  SAP. ..). Исто така, локалната канцеларија е задолжена да одржува залиха на резервни делови за брза замена на истите за корисници кои имаат потпишано сервисни договори од високо ниво. Бенефитите од локалното присуство се бројни, и за клиентите и за партнерите. На тој начин обезбедуваме подобра поддршка, побрз пристап до пазарот и до меѓународно „know-how“, можност за плаќање во локалната валута, како и зголемен бизнис за партнерите и за HP. Дополнително, со отворањето на претставништвото во Македонија го покажавме нашиот однос и третман кон македонскиот ИТ пазар, нашите клиенти и државата. Во моментот на отворањето на канцеларијата, работењето го почнавме со само 4 вработени, за само после 4.5 години да достигнеме бројка од  13 вработени. Во меѓувреме посредно обезбедивме вработување на уште 30-тина Македонци во call centar-от кој во Македонија го отвори наш деловен партнер.

Какво влијание има економската криза врз продажбата во регионот во споредба со глобалната продажба на производите на HP?
Светската економска криза не го заобиколи ни регионов. Во земјите од Централна-источна Европа(ЦИЕ) влијанието на кризата се чувствува уште повеќе отколку во другите европски земји, бидејќи голем дел од  досегашните ИТ  инвестиции доаѓаа од европските земји или од ЕУ (EAP и IPA проекти или инвестиции од страна на меѓународни компании кои имаат присуство во регионов). Затоа, во овие земји, првите намалувања  на трошоците беа реализирани преку намалување на ваквите инвестиции во странство. Ние, пак, ја искористивме кризата за да го зголемиме нашиот удел во ИТ пазарот во регионов бидејќи другите добавувачи се под поголем притисок поради помалиот обем на работа и послабите капацитети да се справат со кризата.

Како HP на глобално ниво ќе ја искористи новонастаната економска состојба… дали ќе инвестира во иновации, ќе продолжи со постоечките продукти, дали ќе гледа да профитира или само ќе крати трошоци и ќе се труди да опстане?
Иновациите треба да продолжат според планот. HP интензивно работи на развој на ИТ решенија кои ќе им овозможат на корисниците да ги намалат трошоците со цел полесно да се справат со економската криза, преку оптимизација, консолидација, виртуелизација… Од друга страна, HP гледа на кризата и како шанса да зафати нови пазари и сегменти кои порано биле адресирани од страна на конкурентите, а кои потешко се справуваат со кризата. Како резултат на ваквиот пристап, минатата година HP направи неколку аквизиции на фирми, меѓу кои и на една од најголемите фирми во индустријата на ИТ услуги – EDS. Сега, со повеќе од 210.000 вработени во организацијата HP Enterprise Services, ние сме втора по големина во светот компанија која нуди ИТ сервиси.

Прашање од Zlatkogv, член на форумот на  IT.com.mk: До каде е HP во однос на неговите конкуренти, од гледна точка на квалитет, еве пример спрема DELL и Sony VAIO?
Резултатите од мерењата на нашиот TCE (Total Customer Experience) и на задоволството на корисниците се над просекот на индустријата. Компаративни податоци за поединечни конкуренти во CEE (Central and Eastern Europe)
немаме, но според досегашниот одѕив од клиентите, тие ги бараат нашите продукти и скоро секогаш ги претпочитаат нашите услужни способности во споредба со другите брендови.

Како ќе го оцените пазарот во Македонија? Колку потенцијал за развој имаат ИТ компаниите и колку разбираат купувачите?
Во Македонија, во споредба со соседните земји, забележуваме натпросечно знаење за ИТ индустријата. Трошењето за ИТ по глава на жител е сѐ уште далеку од нивоата во ЕУ, па дури и од оние на земјите кои неодамна се приклучија кон ЕУ. Ова значи дека постои некој потенцијален јаз во Македонија и во некои други земји од ЦИЕ кој треба да се затвори. Би рекол дека Македонските ИТ потрошувачи од сегментот на поединечни конзументи (Consumer market) и Мали и средни претпријатија (Small and Medium Business – SMB) имаат солидно изградени барања и критериуми при избор на ИТ добавувачи.

Состојбата во сегментот на Големи потрошувачи (Enterprise market) се разликува поради тоа што таму не е доволно да ги знаете вашите потреби и понудата на расположливи решенија, туку потребно е и знаење и искуство за успешна реализација на ИТ проектите, кои често пати се комплексни и нивната реализација може да трае по неколку години. Токму затоа правиме напори да ги едуцираме нашите корисници како да изберат ИТ добавувачи кои имаат знаење и капацитет не само да им испорачаат ИТ опрема, туку и да реализираат системска интеграција на истата во целосно решение. Во исклучителни ситуации и ние самите се јавуваме како Системски Интегратори на комплексни проекти во кои ги инволвираме и нашите локални партнери. Со аквизицијата минатата година на една од најголемите компании во светот на консалтингот и системска интеграција  EDS, се здобивме со огромни ресурси за реализација на комплексни проекти, особено во Јавниот сектор и Телекомите.

Каква е продажбата на HP и кои се моментално најпродаваните производи локално?
HP е лидер на пазарот или меѓу  првите три најуспешни  во сите категории. Во делот на печатарите, HP апсолутно доминира во регионот. Кај персоналните компјутери, новите 4500 и 4700 ProBooks и Elitebooks се врвни во светот и во нашиот регион. Серверот DL380 е бест-селер, а ML серијата е многу популарна кај малите и средните претпријатија. ProCurve Networking брзо се здобива со довербата на клиентите и зафаќа пазарна позиција, а неодамна беше имплементиран во CERN – Европската организација за нуклеарни истражувања и меѓународната вселенска станица.

Во меѓународни рамки, некои нѐ гледаат како компанија за печатари, други пак, како компанија за персонални компјутери и дата-центри. Ние сме сѐ ова, но и многу повеќе. Испорачуваме  повеќе од 1 милион печатари неделно, 48 милиони персонални компјутери годишно. Еден од секои три сервери испорачани на светско ниво е од HP. Софтверот на HP овозможува повици за повеќе од 100 милиони корисници на мобилна телефонија ширум светот. HP  ги поддржува најголемите 200 банки во светот и повеќе од  130 од поголемите берзи.

HP е број 1 глобално во ласерски и инк-џет печатари, во х86 Windows, Windows, UNIX и Linux сервери, во лаптоп и десктоп компјутери, во blade сервери, во системи за складирање, во софтвер за системски менаџмент и е број 2 на глобално ниво во ИТ услуги.

Според извештајот на IDC за ИТ пазарот во Македонија во 2008-ма година, HP беше прогласен за топ вендор на mакедонскиот пазар на персонални компјутери (PC) со пораст од  повеќе од 150% во однос на претходнада година. Особено е значаен порастот на продажбата на преносни компјутери од  318%. Според овие анализи, ние испорачавме два пати повеќе персонални компјутери и лаптопи од второпозиционираниот вендор.

HP беше исто така на прво место според бројот на испорачани x86 сервери, повторно, скоро два пати повеќе од второпласираниот вендор.  Идентична е состојбата во сегментот на Enterprise сервери и системи – HP на првата позиција со два пати повеќе испорачани системи од второпозиционираниот производител.

Кој е планот на HP за иднината на регионов? Какви производи да очекуваме?
Генерално, HP ќе стреми кон подобар сооднос цена/перформанси, намалување на потрошувачката на енергија и поголеми заштеди на трошоци преку технологии како виртуелизација. Овие принципи ќе бидат применети во сите категории на производи и новите технологии ќе им овозможат на клиентите поголеми заштеди на трошоците за ИТ.

Кои се интересите на HP за изградба на производствени погони, истражувачки центри, поголеми локални канцеларии или друг тип слични инвестиции од поголем ранг во Македонија?
За сите инвестиции на HP глобално и регионално постои конкуренција помеѓу земјите кои ни ги нудат нивните ресурси и инфраструктура. Еден од нашите ексклузивни контрактори инвестираше во Македонија со Call center (центар за прием и дистрибуирање на повици од страна на корисници) за земјите од  Југоисточна Европа  и вработи над 30 Македонци.

Gdamjan, член на форумот на IT.com.mk, прашува: Колку HP Македонија го следи развојот на HP во поддршката за Gnu/Linux и слободниот софтвер. Прашањето се однесува и на понудата на хардвер, но и на подготвеноста да се понуди поддршка, сервиси и можеби развој. Колку HP Македонија инвестира во локално знаење во врска со Gnu/Linux?
HP поддржува Gnu/Linux на ист начин како и останатите оперативни системи. Во Македонија нема локален развој на SW, но многу наши решенија се базираат на овие технологии. Исто така, ние поддржуваме локални партнери кои имплементираат вакви проекти.

За крај… прашање од членот MusicFreak… Која десктоп или лаптоп конфигурација според Вас на НР е најисплатлива да се купи за лична употреба? Која конфигурација од моменталната понуда на овој пазар би избрале лично вие?
Секој корисник има посебна корисничка шема, а ние можеме да адресираме различни потреби со различни модели. Не постои еден модел кој ќе одговара за сите. Постои голема разлика меѓу приватна и професионална употреба, на пример. Еден од нашите најуспешни модели е HP Elitebook 6930p со следните карактеристики: трајност на батеријата до 24 часа, издржливост (ги исполнува стандардите на американската армија за падови, шокови, вибрации и изложеност на екстремни температури), засилени карактеристики за безбедност, вклучувајќи и интегриран читач за Smart Card, HP Protect Tools, HP Spare Key, HP сензори за отпечатоци, TPM 1.2 вграден сигурносен чип, како и мала тежина почнувајќи од само 2.1 килограм.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments