Студените денови и загадениот воздух се знак дека домашните дружби стануваат попаметен избор за викендот. За жал, одбирањето на активности не е лесно: што да се пушти или да игра за сите да се вклучат, без некој да остане на страна со телефон во рака? Одговорот на Федора и Мартин е едноставен, телефоните сепак се в рака, ама овојпат служат како контролери за квиз-шоу директно од вашиот телевизор или десктоп. Двајцата ја креираа „The Q Game“. Како што велат самите, Федора Лепческа и Мартин Мирчевски се два млади ума на мисија да внесат позитива и забава кај луѓето и да ја раздвижат нивната енергија.
Многу често со пријателите се дружиме во домашни услови. Покрај дискусиите на различни теми, играме игри, брза географија, математички игри, а често гледаме емисии на телевизија каде сите го делиме нашето знаење и одговараме на одредени прашања. Од тие прашања често развиваме дискусии. Така некако се роди и идејата за оваа апликација.

Идејата за The Q Game се родила сосема природно, од честите домашни дружби со пријателите. Принципот на играта е едноставен и без никакви технички пречки. Не е потребно инсталирање апликација ниту креирање профил. Домаќинот ја отвора играта на телевизор или компјутер, а останатите се приклучуваат од своите телефони преку PIN-код, одговарајќи со четирите препознатливи полиња (A, B, C, D). Бесплатната верзија нуди пристап до три категории за до шест играчи, додека за поголеми друштва и тематски пакети (како 90s/2000s Nostalgia, Wild Trivia или Who in the room?) достапен е и дополнителен Pass. Со Федора и Мартин разговаравме за инспирацијата, технологијата зад играта и плановите за понатаму.


Дали некоја конкретна забава или класичен ТВ-квиз го инспирираше изгледот и начинот на играње на The Q Game?
Можеме да наведеме многу квизови и board games кои влијаеле на The Q Game, не само една. Некои од нив, кои сме ги следеле во последно време се „Кој сака да стане милионер“, „Слагалица“ (Србија), „Тотални обрт“ (Србија), тука би ја додале класичната игра „брза географија“ каде играчите пишуваат збор од одредена категорија кој почнува на конкретна буква.
Зошто се одлучивте за интерфејс со четири бои/букви (A, B, C, D) и инстант приклучување со PIN наместо класична мобилна апликација?
Концептот на играта е да го претвориме ТВ уредот во „водител“ на емисија, додека сите играчи ги претвораат своите мобилни телефони во конзоли преку кои ќе ги одговараат на прашањата. Главниот мотив на играта е да се започне лесно и брзо, да е забавна и весела, па така одбравме да е малку шарена. Најтешкиот дел е да се договориме кој да ги подготви пуканките.
Како изгледа техничкиот стек зад The Q Game и што користите за комуникација во реално време помеѓу телевизорот и телефоните?
Играта е креирана со користење на TypeScript за backend и frontend, како и Supabase/PostgreSQL за база на податоци. Овој стек го одбравме поради бенефитите и брзината кои ги нуди TypeScript за креирање на веб апликации, но и поради личен избор и запознаеност со технологијата.
Комуникацијата во реално време е многу едноставна кога се работи за една соба, во која се врзани играчи со еден ист клуч. Тоа што се работи за повеќе уреди не менува многу поради тоа што сите уреди се конзумери на еден ист настан. Па накратко, по толку работа и креирање на готов продукт, сметаме дека го направивме вистинскиот избор!
Колку време ви беше потребно од првиот функционален прототип до верзијата што без проблем издржува повеќе истовремени соби и играчи?
Околу две седмици, постојано работење на развојот на играта кое го правевме после работните часови. Поставувањето на основата на играта беше едноставна, но потоа следуваше дизајнот и финесите кои одземаа голем дел од времето за развој. Имавме неколку итерации со најблиските каде работевме на тестирање, добивање први впечатоци и повратни информации кои нѐ натераа да преработиме одредени делови од играта.

Како се справувате со доцнење на мрежата (latency) или кога на некој играч ќе му падне конекцијата среде рунда — како се враќа во игра без да се прекине текот за останатите?
Во основа се работи за http повици преку веб, секој играч кој би изгубил конекција едноставно се води како играч кој го нема одговорено прашањето кога се случил настанот. Секое прашање има исто време за одговор, во случај кога еден играч губи конекција останатите играчи чекаат да помине времето за тоа прашање. Ист е случајот кога еден или повеќе играчи кои имаат стабилна конекција и се дел од играта, но немаат одговорено на прашањето.
Во кој дел од развојот на играта користевте вештачка интелигенција и колку таа го забрза процесот од пишување код до креирање и структурирање на прашањата?
Вештачката интелигенција најмногу ја користиме за откривање на категории кои се популарни помеѓу корисниците, откривање на трендови и генерирање на прашања и за креирање на содржина за промоција на социјалните мрежи.
Како ги одбирате прашањата?
За генерирање на прашања го користиме слободниот интернет и вештачката интелигенција. Секое прашање има „рок на траење“ од 60 дена. По истекот, се отстранува од множеството прашања и се заменува со ново прашање. На тој начин се обидуваме да ги одржиме прашањата „свежи“, но сепак некои прашања може да остават впечаток на повторливост во иста или слична конотација во различен временски период. Генерирање на нови прашања се случува еднаш дневно во ист временски период.
Во моментот, проверката на прашањата ја правиме ние. Во идеален свет, би ја автоматизирале оваа активност доколку имаме процес кој ќе ни даде сигурност дека прашањата ја задржуваат автентичноста, точноста, но и да останат интересни и забавни за корисниците.

Како модот „Who in the room?“ ја менува динамиката во групата во споредба со стандардните квизови со точен и неточен одговор?
Концептот го преземавме од бројните дискусии кои сме ги воделе со нашите пријатели со истиот концепт. Често сме развиваме забавни дискусии кои почнуваат од еден човек кој ќе каже „јас се издвојувам во [наведете некоја активност или категорија во која сте добри]“. На тоа следуваат останатите од групата кои ги изнесуваат своите гледишта, понекогаш тоа е и одмерување на знаењето низ смеа и забава. Тие разговори ја менувале енергијата во собата, па тоа нѐ мотивираше да го додадеме во квизот и веруваме дека ќе внесе позитива кај сите кои ќе ја играат.
Што ве изненади или што најчесто „не успеваше“ за време на првите тестирања во живо со пријатели?
Еден од предизвиците со кој се соочивме при процесот на тестирање беше базата на прашања. Првите верзии од играта имаа мал број на прашања кои често се повторуваа. Дополнително, мал број на прашања ја ограничуваа нивната поделба по категории. Друг предизвик беше дизајнот и боите за играта, бидејќи целта е да биде интересна, привлечна и впечатлива за играчите.
Како го осмисливте бесплатниот дел (3 категории, до 6 играчи) во комбинација со Pass за поголеми групи и отклучување на сите пакети?
Главната идеја околу која ја развивме играта е секој корисник треба да има пристап до нешто што може да му донесе забава. Тоа значи, бесплатен пристап до ресурси за развој и вежбање на знаењето на забавен начин. Во некоја подоцна фаза ги додадовме дневниот и пакетот без ограничувања преку кои би обезбедиле средства кои ги гледаме како поддршка и потврда на нашиот труд, а кои ќе ги користиме за понатамошен развој на овој продукт. Во согласност со повратните информации од корисниците, со задоволство би започнале нов проект кој ќе донесе забава.

Што досега се покажа како најефикасен начин да ги натерате луѓето да пробаат ваков веб-квиз, кога секое друштво веќе си има свои омилени игри за забава?
Веруваме дека постојат многу луѓе, слични на нас, што обожуваат секаков вид на игри, тривиа и квизови. Па така, се обидуваме да допреме до сите оние луѓе што едвај чекаат да истражат нешто ново, или пак што се големи фанатици на игри. Досега, поради фактот што играта е во рана фаза, ги користиме сите достапни ресурси за промовирање преку социјални мрежи, и секако, најдобриот метод: од познаник на познаник, како велат “убав збор надалеку се слуша”.
Какви се првите реакции од публиката и какви предлози најчесто добивате од нив?
Досега, од корисници до кои сме успеале добивме убави повратни информации, многу од нив беа корисни за нас и имаа свое влијание на насоката и развојот на играта. Дел од корисниците беа изненадени од брзината и флуидноста на играта, нешто што не очекувавме дека корисниците ќе го забележат.
Од големо значење ни беа првите реакции со цел да ги подобриме оние сегменти кои се нејасни за корисниците. На тој начин решивме да објавиме лесни и едноставни чекори за играта како и насоки за пренесување на содржината на ТВ екран, прикажани пред самиот почеток, односно при креација на соба со играчи.
Со оваа објава се надеваме дека ќе допреме до уште повеќе корисници од кои ќе добиеме свежа перспектива за играта, а со тоа и ќе го повториме процесот на добивање повратна информација која ќе ја внесеме во играта преку развој и подобрување на играта.

Дали наскоро планирате нови модови на игра, можност играчите сами да креираат прашања или можеби тематски/сезонски пакети?
Следниот период го гледаме како возбудливо поглавје во оваа приказна. Подготвуваме многу новитети и категории со цел секој играч да најде нешто што е во негов интерес или тема во која сака да го прошири своето знаење. Дополнително нешто што ќе ги израдува сите е дека Федора и Мартин работат на додавање на нови категории прашања за сите корисници.
Нешто што би сакале да споделиме со играчите е воведување на Power Ups (boosters) или џокери кои ќе овозможат двојни поени за играч за едно прашање, преземање на поени за прашање од друг играч и замрзнување на играта за играч за едно прашање во текот на играта. Веруваме дека ова ќе придонесе за што поинтересна забава (и тест на издржливоста на пријателствата).
Од аспект на нови/персонализирани категории, тоа е веќе овозможено со креирање на персонализиран пакет на прашања кои се дел од основниот/бесплатниот пакет. Сите играчи кои сакаат да вметнат нешто уникатно и свое, можат да го сторат тоа со пристап на Custom packs во самото мени.

Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...