Како што се очекуваше, Hewlett-Packard влегува во друштвото на производители на Android таблет компјутери со својот нов седум инчен HP Slate 7 кој ќе се појави во април. Овој уред ќе работи на Android 4.1 Jelly Bean и ќе чини околу 170 долари, што е одлична цена за таблет компјутер, но и што ви кажува дека се работи за „mid-range” уред. Имајте на ум дека официјалната цена е според американскиот пазар. Кога овие уреди ќе дојдат во Македонија нивната цена е значително поголема. Пример Google Nexus 7, посериозниот конкурент на HP Slate 7, во САД чини околу 200 долари, а во Македонија може да се најде за околу 400 долари.
HP Slate 7 ќе има 1,6 GHz ARM Cortex-A9 процесор и FFS+ LCD екран на допир со резолуција од 1024×600. Има 1 GB RAM, 8 GB SSD простор со можност за microSD, поддршка за WiFi и Bluetooth, стерео звучници со Beats Audio, има VGA предна камера, како и задна камера од 3 мегапиксели, и има, според HP, батерија која може да издржи до 5 часа гледање на видео.
Спореден со другите конкуренти кои се движат околу таа цена, пред се Nexus 7 и Kindle Fire HD, најголемите маани кои се забележуваат на HP Slate 7 е тоа што му фали подобра резолуција и поголем простор. Пример, Nexus 7 има 1280×800 резолуција и има двојно повеќе простор од 16 GB. Kindle Fire HD има подобра батерија и тоа што е поважно пристап до содржини на Amazon. Се на се, единствено што може да ве привлече кон овој уред е што е малку поефтин од другите и е изработен од HP имаат реноме за квалитет.
Наскоро се очекува HP да претстави и посупериорен Android таблет, но во моментов тоа се само шпекулации.








