Популарната продавница за наркотици Hansa, лоцирана на скриениот интернет (Dark Web), од 20 јуни е под контрола на холандската полиција. Станува збор за координирана полициска акција во која учествуваа повеќе држави и агенции. Во организираната акција учествуваа: Федералното истражно биро и Агенцијата за сузбивање на наркотици, од САД, Холандската полиција и Еуропол. Во акцијата се затворени AlphaBay и Hansa – две големи е-продавници на илегална стока.
Продавниците се користеле за продажба на наркотици и вообичаено секој ден имале 1.000 нарачки. Во периодот од почетокот на акцијата се откриени 50.000 трансакции. Околу 500 корисници се од Холандија, а 10.000 се интернационални корисници, јави Dutch News.
Вообичаено на скриениот интернет се продаваат наркотици, но често се продава и оружје, хакерски алатки и детска порнографија. На Hansa не се пронајдени огласи ниту за оружје, ниту пак материјали поврзани со детска порнографија.
Креаторот на најголемата продавница Silk Road, Рос Улбрихт во 2015, е осуден на доживотна затворска казна. Тогаш ова беше најавено како огромен успех, но набрзо стана јасно дека ништо не е променето. За само неколку месеци се појавија нови продавици кои го заземаа местото на Silk Road.

Image by Openbaar Ministerie / Серверот на Hansa Market
Ниту резултатите од оваа акција нема да имаат преголем успех кога е во прашање сузбивањето на трговија со наркотици на скриениот интернет. На местото на овие две продавници ќе се појават нови продавници. Можеби примерот со двете скоро затворени продавници е најсоодветен. AlphaBay е затворена порано, а по затворањето продажбата во Hansa порасна од 1.000 на 8.000.







