Facebook работи на самостоен уред за виртуелна реалност кој ќе биде многу подостапен од сегашните уреди. Компанијата новиот уред ќе започне да го продава во 2018 година за околу 200 долари, велат извори од Facebook за Bloomberg.
Според најавата, за 200 долари купувачот ќе добие самостоен уред кој нема подреба од приклучување на компјутер или телефон. Уредот ќе наликува на покомпактна верзија на Rift, а проектот е со работно име Pacific, вели изворот за Bloomberg.
Виртуелната реалност е следниот бум во технологијата, но недостатокот од содржина и превисоката цена се пречка. Oculus Rift чини 400 долари, но доаѓа без контролери и неколку пати веќе ја намали цената. HTC Vive доаѓа со контролер, но чини околу 800 долари.
Со новиот уред Facebook ќе се обиде да заземе дел од пазарот помеѓу Samsung Gear VR и останатите уреди за виртуелна реалност. Со ова компанијата ќе се обиде да привлече дел од корисниците на поевтините уреди кои сепак би сакале покорисен уред.
Доколку веста се покаже како точна и Oculus успее да понуди поквалитетен производ за 200 долари, една од пречките за поширока употреба ќе биде надмината. Ограничената содржина за виртуелната реалност останува сериозен проблем. Засега има куси видеа, видеоигри и апликации кои нудат поинакво искуство, но за жал се премалку.