Димитар Поп Трпев е Сениор тест инженер во компанијата Сеавус, со над 14 години работно искуство во рамките на Телеком дивизијата. Димитар е дел од тимот на Сеавус од 2018 година, кога почна да работи како рачен тестер, со речиси никакво познавање за автоматизираните тестови. За само неколку месеци ги совлада основите на автоматизацијата на тестови и денес е еден од многуте експерти за автоматизација за тестирање во компанијата.
Поп-Трпев е еден од учесниците на експертскиот панел на Сеавус, што ќе се одржи на 18-ти април во кафулето Јавна соба (Public Room), со почеток во 17.30 часот. Настанот ќе биде пренесуван и онлајн, а ќе биде посветен на Тест автоматизацијата. На тркалезна маза ќе се дискутираат трендовите, најдобрите практики, алатките и идеите што ја обликуваат работната средина на Quality Assurance (QA) Automation во 2022 година.
Што поточно е твојата одговорност како Senior Testing Engineer во Сеавус?
Главна одговорност, како и на секој Testing Engineer, ми е тестирање на апликативните решенија развиени од страна на мојот тим, за да се обезбеди и испорача квалитетно решение на нашите клиенти. Други одговорности и активности што ги извршувам се: одржување на постоечки и креирање на нови уникатни тест сценариjа и нивна автоматизација, обука на нови колеги, правење презентации на тема тестинг и автоматизација, и сл.
Кои знаења од ИТ секторот треба еден добар Testing engineer да ги владее? И како истите се стекнуваат?
Покрај основните познавања од типот тест методологии, какви видови на тестови и начини на тестирање постојат, еден добар и квалитетен Testing engineer мора да има познавање на бази на податоци, барем еден програмски јазик, како и дополнителни алатки неопходни за мануелно и автоматско тестирање. Знаењето секако се стекнува со напорна работа. Според мене, теоријата и теоретското познавање на работите е доволно за да се започне со работа во областа на тестирање, меѓутоа за да се постигне квалитет потребно е да се вложи голем труд и време.

Како започнува и се движи твојот работен ден?
Со кафе ☺. Вообичаено работниот ден ми започнува со краток 15-20 минутен состанок, на кој што заедно со тимот ги разгледуваме активните задачи што ги имаме на проектот. Потоа правам анализа на барањата на клиентот, развивам нови тест сценарија што потоа се користат за тестирање на ново креираните функционалности. Анализирам дали постои можност развиените тест сценарија да се автоматизираат и доколку постои веднаш пробувам да ги автоматизирам истите. Кога девелоперите ќе завршат со развојот, започнувам со извршување на соодветните тестови. Кон клиентот правам презентација на новите функционалности. Паралелно на сето тоа, со тимот сме во постојана комуникација и разменуваме мислења и идеи како бараната функциналност да се развие и тестира.
Што подразбира QA автоматизацијата? Што е разликата помеѓу мануелно и автоматизирано тестирање?
QA автоматизација подразбира автоматско извршување на чекорите во дадено тест сценарио и валидација на добиените резултати со помош на алатки за автоматско тестирање. Разликата помеѓу мануелно и автоматско тестирање е тоа што при мануелно тестирање сите чекори во тест сценариото ги извршуваме рачно и верификацијата на податоците ја правиме визуелно, додека кај автоматското тестирање креираме една скрипта што ги извршува и валидира сите чекори. Исто важна разлика и предност на автоматското тестирање е тоа што скриптите може да се вметнат во release процесот, што овозможува првите резултати да се добијат само неколку минути по поставувањето на нова верзија од апликацијата.
Кои алатки се користат за реализација на QA автоматизација и каков тип тестови постојат?
Постојат многу алатки за QA автоматизација. Ако станува збор за тестирање на графички интерфејс, најпозната и најкористена алатка е selenium webdriver, додека за тестирање на web сервиси, меѓу најкористените алатки се: Postman, ReadyAPI, Robot Framework. Постојат повеќе типови на тестови и истите можат целосно или делумно да се автоматизираат. Како најраспространети би можел да ги одвојам тестовите за графички интерфејс, интеграциски тестови, Smoke и Sanity тестови.
Кој е советот кој би го дал на некој што сака да навлезе во светот на Testing automation?
Прво и основно што е потребно да се навлезе во светот на автоматизација е добро да се совлада процесот на мануелно тестирање. Тоа овозможува добро да процениме дали дадено сценарио може да се автоматизира. Откако тој процес ќе се совлада, може да се премине на учење на процесот за автоматско тестирање. Секако на интернет постојат многу материјали што можат да помогнат. И како и за сѐ останато, за да се успее и да се постигне квалитет потребно е да се вложи многу труд и време.
Што може да очекуваме од твојата дискусија на панелот за Test Automation организиран од Сеавус?
Се надевам дека на панел дискусијата ќе успеам да доловам зошто автоматизацијата во делот на тестирањето е потребна, како и каде може да се примени во телеком индустријата и зошто секогаш е мојот прв избор.
Колку е важно тестирањето при реализација на еден ИТ проект? Дали може да се реализира еден ИТ проект без QA тестери?
Не! Се надевам дека нема да бидам разбран погрешно, меѓутоа секој ИТ проект во кој не се инволвирани QA тестери е однапред „осуден“ да не успее. Многу често девелоперите што го пишуваат кодот не можат да ги увидат грешките што ги направиле. Дополнително, мајндсетот на тестерите е така насочен да ги предвиди скоро сите возможни и невозможни сценарија. Тестирањето е клучно за успешна реализација на еден ИТ проект и затоа е потребно да бидат вклучени и QA тестери.