По историското злато на Европската јуниорска олимпијада, сега имаме уште едно успешно претставување на македонските средношколци – информатичари, како заокружување на уште една успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика.
На 30-тата по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2023), која од 29-ти октомври до 3-ти ноември се одржува во Марибор, Словенија, нашите ученици постигнаа успех. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Марко Петров од Скопје, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Петар Ковачовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден бронзен медал.
Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров. Претседател на Балканската иницијатива по информатика е д-р Миле Јованов, професор на ФИНКИ и претседател на Здружението на информатичарите на Македонија. Секоја земја членка на БОИ иницијативата учествува со тим составен од 4 натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
Главен организатор на овогодинешната олимпијада е Асоцијацијата за техничка култура на Словенија, под надзор и главна поддршка од Министерството за дигитална трансформација на Словенија. На годинешното издание на БОИ учествуваа вкупно 51 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од следните земји:
- Албанија,
- Босна и Херцеговина,
- Бугарија,
- Кипар,
- Грција,
- Италија,
- Македонија,
- Молдавија,
- Црна Гора,
- Романија,
- Србија,
- Словенија и
- Турција.
Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан. Во ваква силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Дамјан Давков. И останатите тројца наши натпреварувачи имаа солиден настап, при што Софија Велковска освои олимписка пофалница.
Патувањето на македонските ученици до Словенија беше под покровителство на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој годинава претходно и со лична донација ги поддржа активностите на Здружението на информатичарите на Македонија. Оваа година циклусот натпревари организиран од Здружението беше поддржан и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), општествено одговорните компании Нетцетера, Сорсикс, Семос Едукација, здружението „Бистри умови“ и неколку локални поддржувачи. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.
Следната, 31-ва по ред, Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2024), ќе се одржи идната година во Албанија.
Честитки! А колку што знам, Јуниорската Балканска Олимпијада оваа година ќе се одржи во Македонија