Основачот на FTX, Сем Банкмен-Фрид е виновен по сите обвиненија и би можел да помине десетици години во затвор. Не толку одамна, Банкмен-Фрид беше познат како крал на криптото и основач на една од најголемите берзи за криптовалути. Денес е во немилост на судската власт.
Судскиот спор против него траеше околу еден месец, а поротата се чини немаше премногу тешка работа. По само 5 часа заседавање се согласија дека е виновен по сите обвиненија. Против Сем Банкмен-Фрид беа покренати повеќе обвиненија за измама и перење пари. Конечната пресуда поранешниот „крипто крал“ ќе ја слушне на 28 март, следната година.
Сем Бекмен-Фрид е осуден за злоупотреба на средствата на клиентите и злоупотреба на својата положба во FTX за да се збогати и да го збогати своето семејство. Поротата процени дека ги лажел инвеститорите, заемодавците и проневерил средства на клиентите.
Тој ќе остане запаметен како човекот кој направил една од најголемите измами во поновата историја. Вредноста на FTX во еден период беше проценета на триесет и две милијарди долари. Иако се произнесе како невин по сите точки од обвинението, се чини дека немаше можност да добие ослободителна пресуда откако најблиските соработници и пријатели сведочеа против него. Сведок на одбраната беше и неговата поранешна девојка и директорка, Каролај Елисон.
Тројцата негови блиски соработници сведочеа со надеж дека ќе добијат намалена казна. Како и Сем Бекмен-Фрид и нивната казна ќе биде изречена подоцна.
„Ја почитуваме одлуката на поротата, но длабоко сме разочарани од резултатот. Бекмен-Фрид и натаму тврди дека е невин, и ќе продолжи да се бори со обвиненијата против него“, вели Марк Коен, адвокат на обвинетиот.
До март нема официјална објава за висината на казната. Сепак, процената е дека би можел да го помине остатокот од животот во затвор, иако ова е највисоката казна. За пет од обвиненијата е предвидена максимална казна од дваесет години, а за две од нив максималната казна е пет години, или вкупно 110 години.
Целиот случај обвинителите се обидуваа (и се чини успеаја) да ја убедат поротата дека Бекмен-Фрид знаел точно што прави. Одбраната пак, се обидуваше да го претстави како наивен и неискусен математичар кој направил грешка, иако имал добра намера.
„Ги зема парите. Знаеше дека е погрешно и сепак го направи тоа. Мислеше дека е попаметен и подобар и ќе успее да пронајде начин како да се спаси“, вели обвинителот Николас Рос.
Во текот на судскиот процес обвинителите објавија дека основачот на FTX донирал десетици милиони долари на политичките партии во САД. Овие обвинувања би можеле да бидат дел од посебен судски спор. Одлуката за тоа дали овој спор воопшто ќе започне ќе биде донесена најдоцна до февруари, пренесе BBC.
Пред крахот на FTX, Сем Банкмен-Фрид беше нарекуван „чудо од дете“. Често беше во друштво на јавни личности и беше консултиран за состојбата во индустријата.

Накратко за крахот на FTX
FTX е берза на крипто валути со седиште на Бахамите, основана во 2019 година.
Приказната за FTX не може да се раскаже без Alameda Research, уште една компанијата основана од Сем Бенкман Фрид. Компанијата заработувала преку арбитража. Сфатиле дека Bitcoin во Америка е 10 долари поефтин од Bitcoin во Јапонија, па така купувале ефтино, а продавале поскапо. Почнале со 200 долари и скалирале на 10 до 15 милиони на ден.
Во 2019 година започнаа да работат со сите големи берзи, а дури им помагаа на Binance да извршат големи трансакции. Затоа, кога Сем решил да направи своја берза за тргување со фјучерси (Futures Trading Exchange – FTX), Binance биле едни од првите инвеститори.
Како и останатите берзи им овозможуваше на клиентите да менуваат пари за крипто валути. Во јули 2021 берзата имаше милион корисници. Во овој период FTX беше трета најголема берза според количината на тргување. Во ноември 2022 година берзата немаше доволно средства да ги исплати побарувањата на сите клиенти и на крајот банкротираа. Повеќе за крахот може да прочитате тука.
Комисијата за хартии од вредност обвинува дека СБФ ги мешал средствата на клиентите на FTX во Almeda за со нив да направи „необјавени инвестиции, раскошни купувања на недвижности и големи политички донации.