Викендов во просториите на Македонска Опера и Балет се одржа конференцијата AI Tech Summit, која беше најавена во јавноста уште од пролетта годинава од страна на организаторот TBM Group. Настанот, кој јавноста иницијално го перцепираше како лажна реклама (за ова се пожалија и самите организатори) поради најавените звучни имиња од познати компании како BCG, Google, Microsoft, BBC сепак беше реален настан на кој сите најавени имиња ги споделија своите искуства на сцена пред публика од 300+ посетители од ИТ и бизнис светот.
Она што на настанот му недостигаше во организацијата – систем со картица ала Пиволенд, кафе 120 денари, вода 50 денари, два дена хамбургер за ручек, некоординираност за опслужување на 300+ луѓе, непотребни редици и нервоза, нефункционални презентации и роботи – го надокнади со добри и неколку импресивни говорници кои на сцена ги споделија своите размислувања, искуства и визии за каде се движи сегментот на вештачка интелигенција.
Кои беа 5-те најимпресивни говорници?
Од 28-те говорници, најголема импресија ни оставија следниве:
- Џени Лим (Jeanne Lim) од Being AI Limited – дури од Хонг Конг дојде во Скопје на сцена во МОБ. Џени сподели интересни искуства од своите авантури како ко-креатор на роботот Софија кој во 2016-та сакаше да ги уништи сите луѓе. Меѓу другото, Џени зборуваше и за етичките проблеми со вештачката интелигенција – една од најчесто спомнуваните теми на конференцијата од повеќето говорници, а за која тема во моментот немаме баш инструкции или прецизни одговори. Џени сподели и еден многу моќен цитат: “Денешната вештачка интелигенција е огледало на човештвото.”
- Саиман Шети (Saiman Shetty) од Aurora – кој го сподели своето работно искуство од фирми како Tesla, Lyft, Nuro и на публиката го објасни концептот на автономни возила, предизвициите со кои се соочува таа индустрија, како AI се тренира и користи за оваа намена како и зошто Tesla одбира да постави камери наместо LiDar системи со цел да може да постигне масовна продукција на возила по пристапни цени.
- Како трет на листата би ја ставиле презентацијата на Игор Шево (Igor Sevo) од HTEC кој во одлична техничка презентација зборуваше за како може да се создаде вештачка интелигенција преку инженерска комуникација, споделувајки повеќе примери. Иако поголемиот дел од публиката која доаѓаше од бизнис светот не ја разбра презентацијата, Игор на добар начин понуди симплифицирани објаснувања на сложената тематика.
- Астерис Апостолидис (Asteris Apostolidis) od KLM Royal Dutch Airlines говореше за предизвиците од аплицирање на ВИ модели во безбедносно-критични апликации во авиоиндустријата. Вредно размислување од неговата презентација: Дали би патувале со авион во кој сите проверки пред летот ги прави ВИ? Пробајте да го дебатирате ова со спротивна страна и ќе дојдете до интересни заклучоци околу перцепцијата на ВИ во општеството.
- Светлана Кордумова од Pixyle.ai во својата презентација на тема ВИ и иднината, говореше за можните идни траектории на вештачката интелигенција и како таа ќе се развива. Користејќи примери и концепти од филмови како Her, Ex Machina, iRobot и сл. таа многу јасно потенцираше на можните придобивки или конфликти кои како човештво може да си ги направиме во развојот на ВИ.
Неколку заклучоци
Покрај многуте репетитивни објаснувања за како функционираат LLM (Large Language Models) концептите, конференцијата понуди и апликативни примери за користење на вештачката интелигенција во банкарството, индустриските машини за производство, дефинирање на модалитети за понатамошен развој и постојано потсетуваше дека етиката е еден од поголемите проблеми која ВИ сегментот ја има.
Неколку заклучоци:
- Има решенија за користење на OpenAI за обработка на сензитивни податоци од медицинските, финансиските и останатите сектори кои третираат лични податоци. Една од опциите е искористување на замрзант модел на OpenAI хостиран на клауд како Azure AI Platform.
- Како одговор на прашањето “Дали сте уплашени или возбудени за ВИ?”, публиката беше поделена.
- Повеќето говорници кои зборуваа за AGI беа сложни дека концептот е доста далеку.
- ChatGPT е стохастички папагал, или можеби не е…
- Вештачката интелигенција има влијание над сите индустрии.
- Иако развојот на ВИ ќе донесе голем бран на отпуштања, ќе донесе и многу нови работни места и позиции.
- Интересна е теоријата дека зголемената употреба на ВИ ќе го направи човештвото похумано, односно искористувањето на ВИ за завршување на досадни или репетитивни задачи во секојдневието, ќе го ослободи човекот за покреативни апликации во работата и секојдневието.
- Најголем проблем со користењето на ВИ во ИТ индустријата имаат добрите програмери и кодери, бидејќи другите кои не се толку добри им конкурираат во работата со користење на CoPilot и слични концепти. По таа логика, ВИ ги тера добрите да напуштат, а им го подобрува аутпутот на лошите работници.
- Концептот за LLM е стар повеќе од 50 години, Eliza.
- Интересна беше пораката која Џени Лим ја имаше: дека ВИ и човештвото треба да имаат симбиотичка врска наместо конкурентна.
- Видеа во презентации и роботи на сцена не функционираат.
Сѐ на сѐ, интересно е што Скопје имаше можност да биде домаќин на една ваква конференција, особено на жешка тема како AI. Домаќинлукот очекуваме следна година организаторот TBM да го подобри, а листата на говорници ако ништо друго да ја задржи на ова ниво.
Напомена: IT.mk е медиумски спонзор на конференцијата.