Вештачка интелигенција е широк термин кој се користи за опис на машини, најчесто компјутери, кои можат да симулираат човечка интелигенција. Може да имаат различна примена, од експертски системи, до обработка на природен јазик (natural language processing), препознавање на говор или препознавање на предмети на слики. Системите за вештачка интелигенција може да имаат различна „форма“ од едноставни четботови и калкулатори, до системи кои се користат во автономни возила.
Општата или генерална вештачка интелигенција (Artificial general intelligence – AGI) e специфичен дел на вештачката интелигенција кој се однесува на човечко ниво на интелигенција. Системите не се фокусирани на единствена област, туку можат да разберат и извршат било каква задача. Овие системи се познати и под името strong AI, full AI, или human-like AI.
GPT-4 покажува знаци на AGI
Истражувачите на вештачка интелигенција во Microsoft кои имаа можност да го истражат GPT-4 велат дека станува збор за прва „искра“ на општа вештачка интелигенција. Сепак и покрај огромниот скок кој го направи во однос на претходниот 3,5 модел, GPT-4 е далеку од човечко ниво на интелигенција.
„Покажуваме дека покрај неговото владеење на јазикот GPT-4 може да реши и нови и тешки задачи кои опфаќаат математика, програмирање, визија, медицина, право, психологија и повеќе, без никаква потреба од специјални барања (prompt). Освен ова во сите задачи перформансите на GPT-4 се неверојатно блиску до човечко ниво на перформанси, и често ги надминуваат претходните модели како ChatGPT.
Со оглед на способностите на GPT-4, веруваме дека e разумно да го разгледуваме како рана (сѐ уште нецелосна) верзија на систем за вештачка општа интелигенција (AGI). Во нашето истражување на GPT-4, ставаме посебен акцент за откривање на нејзините ограничувања, и разговараме за предизвиците кои претстојат за напредување кон подлабоки и сеопфатни верзии на AGI, вклучувајќи ја и можната потреба за следење на нова парадигма што се движи подалеку од предвидување на следниот збор“, велат истражувачите на Microsoft.
AI и AGI
Разликата помеѓу вештачка интелигенција и општа вештачка интелигенција не е единствено во моќта на системите. Станува збор за две сосем различни класи на вештачка интелигенција. AI може да се тренира да направи некоја работа исклучително добро, на пример за играње на Шах или Го. Вештачката интелигенција може да се тренира и да препознава објекти на слика, да дијагностицира болести, но за некои други дури и слични проблеми нема да може да даде соодветен одговор.
За разлика од AI, кои најчесто следат некој дефинирани правила за да ги споделат решенијата, општата вештачка интелигенција треба да може да анализира податоци и врз база на овие податоци и искуствата сама ќе може да се прилагоди на проблемите и да понуди соодветно решение. Иако точноста на решенијата е важна и во овој случај, вредноста на AGI лежи во можноста да се прилагоди на проблемите и на креативноста во изнаоѓање на решенија.
Експертите за вештачка интелигенција не може да се сложат околу потребата за креирање на општа вештачка интелигенција. Дел сметаат дека AGI не само што може да се достигне туку и дека е посакувано решение. Друг дел, не само што не верува дека AGI може да се достигне, туку смета и дека, ако некако се развие под слични околности на постоечките „сѐ на Земјата ќе биде уништено“.
Не сите се воодушевени од подобра вештачка интелигенција
Елиезер Јудковски – истражувач кој работи на полето на машинско учење повторно предупреди на опасностите од вештачка интелигенција која е попаметна од луѓето. Јудуковски е поекстремен и од потписниците на отвореното писмо за 6-месечен мораториум на развојот на вештачка интелигенција поддржано од Елон Маск и Стив Вознијак. Според него барањата не одат доволно далеку.
Правилото што повеќето луѓе свесни за овие прашања би го поддржале пред 50 години е дека ако системот за вештачка интелигенција може да зборува течно и да каже дека е самосвесен и бара човекови права, тука треба да биде границата за луѓето да ја поседуваат таа вештачка интелигенција, и нејзино користење од тој момент. Веќе ја поминавме оваа граница (line in the sand); И веројатно бевме во право. Се согласувам дека сегашната вештачка интелигенција веројатно само имитира разговори за самосвест од податоците за тренинг. Сепак, потенцирам дека, со многу малку знаеме за внатрешноста на системот, што всушност не може да бидеме сигурни.
Ако ова е нашата состојба на непознавање на GPT-4, а GPT-5 е подеднакво огромен исчекор во способност како од GPT-3 до GPT-4, мислам дека повеќе нема да можеме при чиста совест да кажеме „веројатно не само-свесни“ ако им дозволиме на луѓето да го направат GPT-5.
Одговорот ќе биде само „Не знам; никој не знае”. Ако не сте сигурни дали создавате самосвесна вештачка интелигенција, ова е алармантно, не единствено поради моралните импликации на делот „самосвесен“, туку затоа што несигурноста значи дека немате поим што правите, а тоа е опасно, и треба да престанете.
Дискусијата за општа вештачка интелигенција секако не е завршена. Системите ќе бидат пософистцирани, помоќни и побрзи. GPT-4 веројатно е далеку од првиот AGI систем, но секако е чекор во оваа насока. Но секој чекор, е исчекор, пишува Futurism.