1 коментар 2 мин. читање

ИТ настан: Трет хакатон на Nordeus во Белград; поканети се и македонски тимови

Nordeus, компанија која стои зад Top Eleven, eдна од најпопуларните фудбалски симулации со над 11 милиони активни корисници, го организира третиот хакатон кој ќе се одржи на 14-ти декември во Белград. Nordeus, кој од неодамна има и канцеларии во Скопје, покрај тие во Даблин, Сан Франциско и Белград, ги покани и македонските програмери да се пријават на настанот.

На хакатонот тимовите ќе имаат 24 часа да креираат игра, и иако настанот е замислен како собир на регионални програмери на кој се тестираат вештините и креативноста под притисок, сепак ќе има и вредни награди за 12-те тимови кои ќе се натпреваруваат. Наградниот фонд е 10.000 евра вклучува конзоли, таблет компјутери и мобилни телефони. Секој тим ќе добие соодветна опрема за работа и место да одмори во просториите на Nordeus.

„Целта на Nordeus Hackаthon е да се покаже дека и во регионот постојат талентирани локални програмери кои не заостануваат зад колегите во светот“, вели Милан Ѓукиќ, PR менаџер на Nordeus. „Ова е совршена прилика за младите таленти да направат квалитетна игра во исти услови како вистински развоен тим, и да се пробаат во предизвикот да работат во динамична околина“.

Покрај тимовите кои ќе се натпреваруваат во мултимедијална презентација, техничка сложеност и гејмплејот, ќе има место и за други посетители кои ќе можат да го следат настанот, а гејмерите ќе гласаат за најдобрата игра. На сајтот на хакатонот ќе има и видео пренос за време на отварање на настанот и претставувањето на сработените игри.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

1 коментар

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top