Snapchat, aпликацијата за споделување на пораки кои се бришат по неколку секунди, одби понуда од Facebook вредна 3 милијарди долари во кеш, пишува WSJ. Понудата е за три пати повеќе од што друштвената мрежа плати за Instagram, кој тогаш, и сега, е далеку попопуларен сервис.
Само понудата е доволно неверојатна и изненадувачка, камоли тоа што некој ја одбил. Но, 23-годишниот ко-основач на Snapchat, Еван Шпигел, верува дека неговата апликација, стартувана пред две години во 2011-та, вреди повеќе бидејќи „кратковечните медиуми“, или друштвени интеракции што не оставаат траги, можат да го променат начинот како комуницираме во онлајн светот. Популарноста на апликацијата, која има десетици милиони корисници кои споделуваат 350 милиони фотографии дневно, покажува дека г. Шпигел е донекаде во право. Но, тешко е да се сфати коцкањето со огромната сума пари, бидејќи апликацијата е со краткотрајни пораки кои за корисниците, главно од 17 до 25 години, немаат кој знае каква вредност. Апликацијата беше вклучена и во контроверзии бидејќи краткотрајноста на пораките охрабрува сексистички малтретирања и размена на порно содржина.
Сместена во Лос Анџелес, Snapchat во моментов не прави пари, иако г. Шпигел за BBC вели дека сервисот има модел да заработува од услуги и од реклами. Моделот е најверојатно направен според кинеската WeChat апликација која има 400 милиони корисници и заработува 2,5 милијарди долари од микро-трансакции и гејминг сервиси. Snapchat е поддржан од неколку инвестициски фондови од Силициумската долина кои до сега инвестираа околу 80 милиони долари во нејзиниот развој. На инвеститорите изгледа не им смета што апликацијата не прави пари, и го ценат Snapchat на нешто повеќе од 4 милијарди долари. Можеби ги охрабрува вредноста на Twitter од 25 милијарди долари, која не е финансиски оправдана бидејќи оваа друштвена мрежа во моментов губи пари.
Интересно, во далечната 2006-та година, тогаш 23-годишниот Марк Закерберг одби неверојатни 1 милијарди долари од Yahoo за својот стартап со име Facebook бидејќи веруваше дека може да го промени онлајн светот.
[youtube]r4237MZIb8g[/youtube]