Минатиот викенд можеби беше врнежлив, но овој се чини исклучително ветровит, што е само уште една шанса да се затвориме некаде каде што е топло и да поминеме впечатливи моменти со нашите омилени игри. Во оваа прилика, би сакале да ви го насочиме вниманието на три релативно нови, инди наслови. Игрите имаат едноставни, но забавни механики и, со малку среќа, барем една од овие три би можела да се најде на вашата листа од омилени наслови.
Beyond Sunset влезе во раниот пристап на Steam и страшно потсетува на DOOM и Duke Nukem 3D
Beyond Sunset e cyberpunk FPS која е длабоко инспирирана од ретро игрите и дава посебен акцент и на приказната и на RPG елементите. Играјќи со Луси, ќе навлезете во огромни отворени мапи и ќе се борите со најразлични непријатели. Како напреден самурај, вашите борбени способности ќе бидат тестирани против бранови и бранови од јакуза воини, зомби чудовишта, или роботи. А, некаде помеѓу сево ова, ќе се соочите и со предизвикувачки босови.

Уште на самиот почеток ќе забележите дека располагате со моќни способности кои ви помагаат да сте побрзи и поефикасни во пресметките. Па така, лесно можете да избегнувате напади, да се лизгате низ подот, се со цел да се понуди што е можно пофлуидно движење. На располагање имате арсенал од огнени оружја. Некои од оружјата можете да ги држите и во двете раце, а сите можете да ги надградувате во посилни варијанти. Паралелно со оружјата, и Луси можете да ја (статистички) надградувате, како би можела полесно да се справува со бројните предизвици.

Како игра во раниот пристап на Steam, на Beyond Sunset развојнoтo студиo Metacorp / Vaporware би работеле околу шест месеци. Според нив, играта е скоро целосно завршена и првенствено ќе се работи на балансирањe, полирање и исправка на багови. Моментната верзија, меѓутоа, има само 3 епизоди, а секоја епизода се завршува за 1 до 3 часа. Финалната верзија ќе има 5 епизоди. Во меѓувреме, играта подржува најразлични модови и без проблем ви дозволува да создавате и споделувате ваши стази, оружја, и слично!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Metacorp / Vaporware
- Издава: Movie Games S.A.
- Жанр: FPS
- Платформа: PC
- Излезена на: 8 ноември 2023
Anathema Tower Defense нѐ потсетува на ретро алтернатива на Orcs Must Die
Orcs Must Die е еден од нашите омилени серијали и секојпат со задоволство се навраќаме на тие игри, особено на првата. Развојното студио Riangojo Studios се посебно инспирирани од клучната гејмплеј механика и се трудат да понудат малку поразличен спин на целата формула така што се префрлуваат во ретро-инспирирана околина и градење кули.
Во Anathema Tower Defense навлегувате на најразлични мапи и, управувајќи со вашиот херој се движите низ мапата и поставувате кули. Штом почнат да напаѓаат бранови од непријатели, кулите автоматски ги напаѓаат додека вие го управувате херојот и директно ги напаѓате непријателите користејќи различни оружја и способности.

Верувале или не, Anathema TD ќе биде во раниот пристап на Steam 2 години, што е најмногу време што до сега сме забележале за некоја EA игра. Моментната верзија на играта е релативно стабилна и се одликува и со кампања и со skirmish режими. Играчите имаат на располагање 10 кули, 4 активни и 8 пасивни способности, како и 9 уникатни оружја, а во наредните 2 години, авторите ќе ја прошируваат приказната со нови мисии, со нови режими за играње, како и дополнителни единици, кули, вештини и мапи.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Riangojo Studios
- Издава: Riangojo Studios
- Жанр: Tower Defense
- Платформа: PC
- Излезена на: 16 ноември 2023
Samawa Idle e Idle Clicker со интересни механики и надградби
А доколку едноставно сакате да се опуштите викендов и да навлезете во крајно едноставна, но задоволителна инди игра, тогаш Samawa Idle е крајно флексибилна игра која можете да ја играте и додека играте други игри!
Во Samawa Idle започнувате во соба во која има (неодоливо слатки) непријатели. Непријателите ги оштетувате така што кликнувате на нив. Колку побрзо кликнувате – толку повеќе злато собирате. Потоа, со собраното злато, отклучувате ковчези, кули и способности. Кулите се поставуваат на мапата и започнуваат со автоматско напаѓање.



Откако ќе соберете доволно злато, ќе можете да ги надградувате поставените кули, како и да ги трансформирате во поразлични алтернативи. Паралелно со ова, можете да вршите бројни статистички надградби, како зголемени шанси за поголема штета врз непријателите или пак за активирање уникатни напади.
Како што напоменавме, Samawa Idle е едноставна, но симпатична игра заснована на забавни механики. Доколку сте фанови на игри кои без проблем можат да си се играат сами, а вие само, од време-на-време да менаџирате, тогаш играва е интересна и евтина разонода.



Повеќе детали за играта
- Произведува: Samharia Studios
- Издава: Samharia Studios
- Жанр: Idle Clicker
- Платформа: PC
- Излезена на: 13 ноември 2023
Неделава, покрај овие 3 игри ја имавме честа и да ја провериме втората For the Kind, четвртата Dungeons, како и да се навратиме 22 години во времето и одново да го заиграме римејкот на Stronghold! Помеѓу овие три наслови, ја провериме и VR играта The Foglands во не-VR опкружување! :)