Од развојното студио Well Told Entertainment, LLC, неодамна излезе The Foglands. Иако играта моментно е достапна само за PS5, девелоперите работат на PC верзија која ќе функционира само во VR формата. Ние некое време веќе се дружиме со PS5 верзијата и иако не бевме во можност да ја играме преку VR направата на Sony, играта успеја да понуди интересна разонода пред големиот екран.
Иако замислена како roguelite, The Foglands е релативно едноставна и лесна игра, заснована на концепт со прикрадување, но и трчање, скокање и користење огнени оружја за елиминирање бројни суштества. Доколку не барате ништо комплицирано, The Foglands не е премногу лоша игра, иако, поголемиот дел од PS5 гејмерите можеби не би се сложиле. Моментно, играта има оценка 2.15 (од 5), што е исклучително ниско; 49% од гејмерите ѝ дале на играта само една ѕвездичка.
Најголемото незадоволство произлегува од VR верзијата каде оружјата немаат соодветен фил, а знае да биде предизвик и стапувањето во интеракција со одредени предмети. Згора на тоа, на многумина им пречи едноставната формула и намање вистинско чувство на напредување. А, тука се и бројните багови кои знаат значително да го намалат уживањето и напредокот низ приказната.
Следејќи бројни и навидум безконечни тунели, ќе навлезете во невообичаена научно-фантастична приказна со интересно имплементирани вестерн елементи. Истражувањето и битките откриваат најразлични предмети и можности за отклучувате одредени способности, но дискутабилно е колку ваквото нешто е корисно и колку често ќе го употребувате низ осумчасовната кампања. Секое наредно преигрување, за жал, не ја воведува потребната свежина бидејќи иако мапите се рандомно генерирани, сепак се премногу слични една со друга.
Не се сомневаме дека The Foglands е неспоредливо подобра преку PlayStation VR2, но се додека не се исправат бројните багови, не сме сигурни колку вистински може да се ужива во насловот на Well Told Entertainment, LLC (можеби и токму затоа, PC верзијата сеуште не е излезена).
Доколку ја имате направата на Sony и истата не ви предизвикува физичка мачнина, тогаш The Foglands ќе ве пречека со отворени раце, но можеби не е лошо, барем сега-за-сега, да почекате развојното студио да поработи на дополнително балансирање, искоренување багови и воведување квалитетни надградби.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Well Told Entertainment, LLC
- Издава: Well Told Entertainment, LLC
- Жанр: Roguelite FPS, VR
- Платформа: PS5
- Излезена на: 31 октомври 2023