Astronomics: Ископајте го вашиот пат до дома
Astronomics е уникатна комбинација од акција од птичја перспектива, истражување на вселената и автоматизација на рударството на астероиди. Во иднина каде што животот на Земјата е луксуз достапен само за најбогатите, вие ја преземате улогата на амбициозен вселенски рудар. Вашата крајна цел е да соберете доволно богатство за да го купите тој недостижен билет за враќање кон вашата планета. Со договор за вработување во корпорацијата Cube, вие тргнувате во астероидниот, надевајќи се на една подобра иднина.

Гејмпејот во Astronomics се врти околу истражување на случајно генерирани астероиди кои поминуваат низ вашиот сектор. Секој астероид претставува нова можност и нов предизвик, со различни ресурси и терени. Откако ќе пристигнете, вашата задача е да ги пронајдете и соберете вредните материјали пред астероидот да го напушти вашиот домет. Клучот за успехот лежи во автоматизацијата. Ќе распоредите растечка флота на опрема за рударење и верни ботови-работници кои ќе ги транспортираат ресурсите, додека вашиот команден бот ги надгледува и поддржува операциите, правејќи го целиот процес поефикасен.

Патот до успехот е, подразбирливо, полн со предизвици и можности за напредок. Астероидниот појас е дом на разни корпорации, секоја со специјализирана опрема и алатки што можете да ги набавите за да ги надградите вашите способности. Сепак, појасот е исто така преполн со пирати кои нема да се двоумат да ја нападнат и уништат вашата скапоцена опрема. За да напредувате, ќе мора да ја браните вашата операција, да го проширувате вашиот товарен брод за да соберете повеќе ресурси и да исполнувате различни договори, како што се собирање податоци, спасувачки мисии и производство на опрема за други корпорации.

Неодамнешното ажурирање, насловено како Better Bots, значително го подобрува квалитетот на играта, фокусирајќи се на ефикасноста на вашите ботови-работници. Најголемата новина е можноста директно да ги кревате и преместувате вашите работници со командниот бот, што го олеснува поставувањето на тешко достапни места. Сега можете и да им зададете патеки за движење, осигурувајќи дека ќе ги соберат сите ресурси на патот. Интелигенцијата на ботовите е подобрена, па тие сега избираат задачи врз основа на близината, што ги прави операциите како полнење на дробилки и катапулти многу побрзи. Додаден е и нов Toolbox, кој ви овозможува да ја менувате опремата на вашиот команден бот директно на терен.

Кога ќе се земе се во предвид, Astronomics нуди длабоко и наградувачко искуство за играчите кои уживаат во стратешко планирање, управување со ресурси и градење на сложени, автоматизирани системи. Како игра која ја тестира вашата способност за планирање и адаптирање во постојано променлива средина, ќе составувате верна екипа од ботови и ќе командувате со вашиот приспособлив вселенски брод во потрага по богатство создава чувство на вистински напредок. Што има подобро од тоа?

Star Vortex: Вселенска одисеја
Црпејќи инспирација од легендарните класици, Star Vortex е возбудлива акциона-RPG игра што ве фрла во длабочините на вселената. Со поглед одозгора, вие заземате не само пилотска туку и инжинерска улога. Вашата основна задача е да го дизајнирате вашиот борбен брод, да се пробиете низ опасни сектори контролирани од непријателски вонземјани и постојано да го надградувате вашиот арсенал со ретко оружје. Целта е да експериментирате со различни конфигурации и тактики додека не создадете незапирлива воена машина.

Приказната ве става во улога на пилот чија мисија е од клучно значење за опстанокот на човештвото. Додека човечките сили водат војни на повеќе фронтови, мистериозна нова закана се појавува од непознати делови на галаксијата, започнувајќи немилосрдни напади. Вашата должност е да го придружувате главниот брод на неговото патување назад кон Земјата за да ја пренесете страшната вест. За да успеете, мора да патувате низ вселената и да ги пронајдете клучевите за порталите што ќе му овозможат на главниот брод безбедно да стигне до својата дестинација.

Патувањето низ процедурално генерираните сектори е исполнето со предизвици и можности. Секоја игра нуди уникатно искуство, но вашиот навигациски систем секогаш ќе ви помогне да го испланирате курсот. Потребно е да размислувате во кој правец ќе се упатувате, дали ќе поминете малку време на второстепено истражување и засилено собирање искуство или пак директно ќе навлезете зад непријателската линија. Што и да правите, потребно е да имате во предвид дека опасноста демне во секој систем, од еколошки закани како екстремна топлина и корозија, до ненадејни инвазии од страна на новиот непријател.

Приспособливоста е клучот за преживување и доминација. Играта нуди длабок систем за дизајнирање на бродови, каде што секој аспект е под ваша контрола – од изгледот до прецизното поставување на оружјето и опремата. Како што напредувате и стекнувате искуство, ќе отклучувате поголеми бродови, од мала фрегата до огромен воен брод, со повеќе слотови за оружје. Од ласери и проектили до автоматски одбранбени кули, можностите за создавање на совршениот брод што одговара на вашиот стил на игра се практично безгранични.

Star Vortex нуди едно комплетно и длабоко искуство што успешно ги комбинира брзата акција на вселенските стрелачки игри со сложените RPG елементи на градење карактери. Со огромна репродуктивност благодарение на случајно генерираните мапи, три големи дрва за надградби и комплексен систем на предмети, играта ветува безброј часови на забава. Можноста за целосно приспособување на контролите и различните нивоа на тежина ја прават достапна за сите играчи, додека нуди и вистински предизвик за најхрабрите со својот Hardcore режим. Играта неодамна излезе во раниот пристап на Steam.








