Реши проблем што го имаш: Како Андреј Ацевски ја креираше платформата за проектен менаџмент Kaneo

Андреј Ацевски е млад и амбициозен софтверски инженер чија приказна е инспирација за сите кои сакаат да го следат својот пат. Започнал со средно медицинско образование, но набрзо се префрлил во светот на програмирањето со една цел: да создава решенија што ќе го направат животот на другите полесен. Неговата упорност и амбиција кулминираа со создавањето на Kaneo, платформа за проектен менаџмент која се одликува со својата едноставност и ефикасност.

Со Андреј разговаравме за тоа како од лична фрустрација со постоечките алатки се родила идејата за Kaneо. Тој ни открива како успехот на Hacker News го трансформирал проектот, како ја гради и одржува заедницата, и која е неговата долгорочна визија за Kaneo. Ќе дознаете повеќе за технолошкиот стек што го користи, предизвиците со кои се соочил и зошто верува дека open-source моделот е клучот за иднината на софтверот.

Можеш ли да ни раскажеш како започна приказната за Kaneo? Што беше првичната идеја и која потреба сакаше да ја решиш?

Се започна во декември 2024, кога јас користев Jira и сфатив дека не го добивам едноставното искуство кое секој софтвер треба да го нуди. Имаше премногу опции, се чувствував како да не е доволно брзо, и од оваа фрустрација произлезе идејата: “што ако си направам моја Jira, но многу поедноставено?” Бев во прекрасниот Охрид кога донесов одлука – името ќе биде Kaneo, инспирирано од Kanban бордовите кои ми се омилени за визуелно следење на прогресот.

На пазарот има многу алатки за проектен менаџмент. Што го прави Kaneo уникатен и како се издвојува од другите платформи?

Би рекол дека има многу алатки, но сеуште мислам дека не ги исполнуваат сите работи кои јас ги барав. Според мене многу се фокусирав да имам убаво корисничко искуство споено со убав дизајн. Исто така голем дел од алатките немаа некои од интеграциите кои јас ги барав, а тоа е интеграција со GitHub. Но секако имаше и алатки што доста од овие работи ги исполнуваа, но беа прескапи за помали тимови. Kaneo го решава ова со тоа што е целосно бесплатен cloud и самостојно хостирање.

Kaneo стигна до „второ место“ на Hacker News. Како се чувствуваше кога го виде тоа? Какво влијание имаше ова врз проектот, особено во однос на нови корисници, контрибутори и видливост во tech заедницата?

Најпрво, чувствував голема паника и несигурност, па и на моменти демотивација. Нештото што го работев неколку месеци беше распарчено на делови од коментари на кои се обидував најбрзо што можев да им вратам. Но од денешна точка го гледам како најдобро нешто што се случи за проектот затоа што позади мене имам голема заедница на корисници и програмери кои ми помагаат да го подобриме Kaneo.

Успеав да отворам канал со корисниците што мислам дека е многу битно за секој продукт и да видам точно што фали во апликацијата. Иако неспремно, ваквиот успех ме мотивираше да се фокусирам и да доставам многу барања од корисниците. Конкретно, во првите 48 часа имавме преку 500 нови регистрации на demo платформата и над 200 GitHub stars. Најважно, добив преку 30 конструктивни предлози за подобрување кои сега активно ги имплементирам.

Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за технолошкиот стек што го користи Kaneo (на пример, програмски јазици, бази на податоци, фрејмворци)? Зошто се одлучи за овие технологии?

Од почеток, целта ми беше максимална едноставност. Сакам секој што е малку технички подготвен да може за 5 минути да си постави своја Kaneo инстанца.

Го избрав React за frontend и Hono за backend затоа што работат како една целина тоа значи дека кога ќе променам нешто во backend-от, автоматски се ажурира и frontend-от. Ова го прави развојот многу побрз и помалку склон кон грешки. Овој концепт се нарекува end-to-end type safety што е најпознат во TypeScript екосистемот.

Turborepo ми овозможува да ги спојам сите делови во еден проект и ми дава многу брзи перформанси кога се компајлира апликацијата. А Docker ја прави магијата за лесен deployment – корисниците едноставно го стартуваат со една команда и се работи. Со помош на Docker ја пакувам апликацијата и самите корисници можат на нивните сервери да си направат нивна инстанца на Kaneo.

Кои беа најголемите технички предизвици со кои се соочи при креирањето на платформата и како ги надмина?

Најголемите предизвици беа секогаш треба да размислувам дека секој си прави негова инстанца од Kaneo и дека секогаш треба да сум многу јасен према корисниците како да ја раководат нивната инстанца и кои параметри се потребни. Замислете имате 20 посебни инстанци и секој си ја конфигурира на поразличен начин – многу од проблемите искочија од ова, каде што софтвер како Jira го нема овој проблем затоа што тие самите си ја менаџираат инстанцата.

На пример, кога корисник ми се пожали дека не може да се поврзе со базата на податоци, јас мора да размислувам дали проблемот е во нивната Docker конфигурација, мрежните порти, environment variables, или можеби во самата апликација. За разлика од SaaS решенија каде што сè е стандардизирано.

Зошто одлучи Kaneo да биде open-source проект? Кои се главните предности, но и предизвиците, што ги носи ваквиот модел на развој?

Причината поради тоа што Kaneo е open-source е дека се што правам во моето слободно време е open-source. Имам контрибуирано на неколку проекти, и секогаш ми е мило кога на некој ќе му помогнам во секојдневието со некој open-source проект. На крајот на денот сите зависиме од вакви проекти, дали се тоа пакети кои ги користиме или пак вакви алатки како Kaneo.

Најголемата предност е што добивам огромна поддршка од луѓе кои не ги познавам и се полни со ентузијазам да помогнат, но тоа е и меч со две острици. Лошата страна или предизвиците е секој си има свое барање и на почеток се обидував да исполнам сѐ, но сега пробувам да најдам приоритет и да направам тоа што корисниците највеќе го бараат.


Заедницата е активна (со 1,811 ѕвезди на GitHub). Како ја градиш и одржуваш оваа заедница? Колку е важен фидбекот од корисниците за развојот на Kaneo?

Градењето на заедницата ми е еден од поголемите приоритети. Многу сум активен на социјалните медиуми (како X и LinkedIn) и цело време зборувам за новите работи кои ги додавам на апликацијата. Освен тоа Kaneo беше додадена на awesome-selfhosted и OpenAlternative што се листи на апликации кои се најчесто open-source и се често промовирани.

Исто така цело време пребарувам на интернет дали се зборува за Kaneo и што им недостасува на луѓето. И како за крај морам да ја спомнам и Discord заедницата каде што имаме сервер на кој дискутираме за иднината на проектот. Денеска Kaneo има над 1,800 GitHub stars, активна Discord заедница од 100+ членови, и се користи секојдневно.

Фидбекот е клучен – секоја нова функција што ја додавам доаѓа директно од барањата на корисниците.

Како ја одржуваш безбедноста и приватноста на податоците на Kaneo, особено со оглед на тоа дека е open-source проект?

Убавината за open-source е кога има проблем со безбедноста, се е видливо и многу често ќе се најде човек со добра намера да пријави проблем. Не мислам дека има 100% безбедност никогаш, но автентикацијата која ја користам и безбедноста беше направено од мене со голема инспирација од Lucia Auth и други докажани безбедносни практики. Користам bcrypt за хеширање на лозинки, JWT токени за сесии, и имам SQL injection заштита преку Drizzle ORM. Секоја безбедносна ранливост што се пријавува ја третирам како приоритет број еден.

Причината за ова е затоа што сакам луѓето да си имаат целосна контрола ако се јави еден ден проблем. Исто така нема никаков вид на следење во инстанците кои корисниците сами ги менаџираат и не би сакал да чувам информации кои не припаѓаат на мене. Единствено има аналитики на Cloud и Demo верзиите за да знам од каде доаѓаат потенцијалните корисници.

Акцентот на Kaneo е на „едноставност и ефикасност“. Кои карактеристики ги сметаш за најважни и како успеа да ја задржиш едноставноста и покрај додавањето на нови функционалности?

Би рекол дека од почетокот на самостојното хостирање па до користење на апликацијата сакам и се надевам дека е 5 минути. Освен тоа многу е едноставен изгледот за користење. Сакав да има само визуелен приказ на некоја табла која од тоа што ќе ја видиш ќе знаеш до каде е еден проект. Не сакав корисниците да потонат во опции, конфигурации и слично. И сѐ уште сум со истата визија, да остане едноставност со екстра функционалност. Тоа е тежок баланс кој се обидувам да го одржувам цело време.

Kaneo нуди опција за самостојно хостирање (self-hosted). За кого е наменета оваа опција и зошто е важна приватноста и контролата врз податоците?

Најчесто е наменета за луѓето кои сакаат приватност и би рекол ова се 90% од корисниците на Kaneo. Нема никакво следење како што напоменав и немам ни план да го направам тоа. Многу ми е важно корисниците сами да си ги контролираат податоците, што не е случајот за голем дел од софтверот кој го користиме денеска кој ги користи податоците најчесто за рекламна содржина. Верувам дека и поради тоа е големиот “boom” на софтвер кој самостојно може да се хостира, луѓето се многу внимателни за нивните податоци што е многу убава работа.

Која е твојата долгорочна визија за Kaneo? Што може да очекуваме во следните верзии?

Нешто најсвежо што моментално работам е поддршка за потсетници на имајл адресата на корисникот. Ова е едно од најбараните работи од корисниците и многу сум среќен што тоа е при крај. Освен тоа наскоро планирам да додадам нови интеграции, подобрување на самото корисничко искуство и додавање на најава со Google и GitHub.

Ако добро разбрав, Kaneo Cloud е 100% бесплатен засекогаш. Каков е бизнис моделот на Kaneo и како се финансира развојот на платформата?

Kaneo нема традиционален бизнис модел. На некој начин ова е мојот начин да вратам на заедницата. Верувам дека многу луѓе не се запознаени со сервери и менаџирање на нив па Cloud е мојот начин да се заблагодарам на сите. Моментално јас ја финансирам со помош на неколку спонзори кои ми помагаат да ги намалам сметките за самите сервери. Не планирам никогаш да имам Pricing страна на апликацијата – Kaneo ќе остане бесплатен засекогаш.

Кој е твојот совет за оние кои размислуваат да започнат сопствен open-source проект?

Топло препорачувам на сите да изградат нешто open-source. Почнете мало – дури и едноставна библиотека или алатка може да помогне на илјадници луѓе. Најважното е да решавате проблем кој лично го имате, затоа што тогаш ќе знаете дека барем еден корисник постои – вие!

Не заборавајте како што напоменав, заради сите овие open-source проекти можеме да градиме апликации многу побрзо. Според мене ова е најубавиот и најнесебичниот начин да вратите на заедницата. И не заборавајте, првата верзија не мора да биде совршена. Kaneo почна како едноставен Kanban борд, а сега има интеграции, тимска соработка и многу повеќе. Може да научите милион нови работи додека го правите се тоа.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments