Women in Tech е најголема светска организација за инклузивност, диверзитет и еднаквост во STEAM секторот (science, technology, engineering, arts and math, во превод наука, технологија, инженерство, уметности и математика). Имаат над 200.000 членови од целиот свет и ограноци на сите континенти. Women in Tech се фокусирани на 4 области: образование, бизнис, социјална инклузија и јавна поддршка.
Од 2019-та година Women in Tech официјално има и македонски огранок, иако преку различни активности на локални организации борбата за поголема застапеност на жените и девојките во STEAM секторот е присутна од поодамна, а според мапирањето на ИТ индустиријата во 2019-та, како и во 2022-ра година, ИТ индустријата има сериозен проблем на ова поле.

За активностите и плановите на организацијата за периодот кој следи зборувавме со Моника Ризовска, амбасадор на Women In Tech Macedonia.
Кои се активностите на Women in Tech Macedonia?
Women in Tech Македонија е насочена првенствено кон помош на девојки и жени кои се пред прагот на избор на своја кариера како и до оние кои сакаат да се пренасочат кон кариера во технологија и оние жени кои веќе се докажани во ИТ индустријата и се желни да менторираат и да споделат дел од своето искуство и второстепено кон сите оние кои едноставно се интересираат за технологија и сакаат да бидат во тек со новостите.
Women in tech Македонија е заедница која го стимулира развојот на локалната тек-сцена, поддржува IT настани и споделување знаење. Од почетници до искусни професионалци, па до оние кои размислуваат и за комплетна промена на својата кариера. Секој е добредојден во оваа заедница која ја гледаме како место за поттик за иновации, размена на визии, идеи и постигнувања. Целиме кон инклузивност и за таа цел сметаме дека само со пример за инклузивност ќе покажеме која е предноста на тоа како и да овозможиме на секој што сака да се надградува и да дознае повеќе за технологија да се приклучи во Women in tech заедницата или оперативниот наш тим и во таа насока досега одлична се покажала соработката и интересот.
Со цел да зголемиме свесност за технологиите и трендовите во ИТ индустријата секој месец во среда или четврток пост-работно, редовно имаме Tech Insights каде за време на едночасовна вебинар сесија се споделуваат технички совети и насоки за различни технологии и теми како UI/UX, Quality Assurance, Cyber Security па се и до ембедед технологии и AI/VR/XR. Темите се бираат и предложуваат од членството како и на иницијатива некогаш и од самите говорници и членови на Women in Tech Macedonia. Овој месец ни е посветен на нетворкинг и подобрување на дигиталното искуство за донации, па секој што сака да помине го покануваме на предновогодишната хуманитарна забава на 22-ри декември во Среќа Бар.
Кои се плановите за следни активности?
Оваа година во план ни е да продолжиме дури и многу поактивно и во другите градови, не само во Скопје. Веќе се договорени неколку соработки, хакатон за општествено добро, менторски средби 1на1 и во живо, како и континуитет на бесплатните онлајн настани како Tech Insights и конференцијата со различни траки за програмирање.
Ги покануваме сите кои сакаат да се приклучат дали како ментор или член да не следат на Facebook и LinkedIn за информации за следните настани кои доаѓаат овој месец. А доколку сакате да бидете дел од Women in Tech, приклучете се кон заедницата тука.
Какво влијанието на работата на Women in Tech во Македонија? Успевате ли да ги заинтересирате девојките за СТЕМ?
Гледано во бројки последната година успеавме да реализираме 22 во живо и онлајн отворени настани со над 5437 учесници и слушатели во живо и онлајн или:
✅ 3 конференции во живо
✅ 7 коворкинг средби
✅ 18 вебинари
✅ 46 говорници кои придонесоа
✅ 5437 слушатели
Сите овие настани, работилници и конференции кои сме ги организирале досега биле волонтерски, бесплатни и достапни за сите. Несомнено благодарна сум и за признанието од глобалната организација на Women in Тech и верувам дека со тимот ќе продолжиме да го правиме тоа и понатаму со уште поголем елан. Нашата цел е да ја доближиме технологија преку едукација до сите, во најразлични теми од технолошкиот свет. Воедно, со тоа ги поддржуваме и поттикнуваме развој на петте цели за одржлив развој: едукација, бизнис и претприемништво, дигитална и социјална инклузија, застапување и родова еднаквост. Верувам дека сите наши активности носат промена во развивање и исполнување на овие цели, а наградата за една од категориите за најголем импакт во едукација на глобално ниво нè мотивира продолжиме и поактивно.

Кои се целите зад сите активности?
Целите на нашата организација се да допреме до повеќе девојки и жени и да ја зголемиме свесноста за различните технологии и насоки кои постојат во ИТ индустријата со квалитетни можности, зголемување на бројот на ментори и помош на нашите членови кон финансиско осамостојување без разлика дали преку работа како фриленсери, претприемачи или со вработување во ИТ компанија.

Глобално целта на Women in Tech преку мисијата „Empower 5 million Women and Girls by 2030“ е да помогне на 5 милиони жени, локално која е бројката за Македонија?
Мисијата за Македонија е иста и можеби поамбициозна – да успееме да допреме и да сме поддршка на над 5 милиони жени и девојки до 2030 кои ќе служат како идни успешни примери во нашата земја. Затоа и нè следи доста набиена агенда со предавања и едукативни можности кои се надеваме дека ќе допринесат во реализацијата на оваа цел.

Со кои предизвици се соочува Women in Tech заедницата конкретно во Македонија?
Оваа година има 1,2% повеќе запишани студенти во 2021/2022, ФИНКИ води меѓу факултетите. Интересот кон ИТ професии поради одличните работни услови и финансиска сигурност значително се зголеми и стана тренд и кај девојките, меѓутоа, за жал бидејќи има дефицит на ИТ кадри секоја компанија сака брз производ, брзи кадри и тоа веќе спремни. Како резултат на ова барање се креираа бројни обуки, академии кои ветуваат брза експертиза и најтешкиот чекор со кој се соочува секој почетник е да најде пракса или ментор. Повеќето ИТ компании преферираат готов производ, искусни кадри бидејќи и не се во можност да се посветат на менторство поради дефицит на луѓе. Свесни за ова гледаме да помогнеме како во креирање на обуки, работилници така и во помагање на сите наши членови да креираат портфолио, ги поврзуваме со ИТ компаниите и ги препорачуваме, им споделуваме и фриленс можности со цел да се стекнат со почетно искуство. Штом го стекнат ова искуство понатаму е лесно и патот им е олеснет. На друга крајност се нашите сениори експерти од каде црпиме и одлични ментори за нашите членови. Кај нив најголемиот предизвик лежи како да се задржат во Македонија како и доколку заминат како да успееме да ги мотивираме да придонесат со нивното знаење за развој на ИТ заедницата во нашата земја. – Имаме членови кои работат за Тесла, Твитер, Инстаграм и Google, замислете колку би било појако ако еден ден овие наши квалитетни ИТ луѓе еден ден креира нешто свое кое ќе стане светски бренд и други ќе работат за нив како сега тие.
Без разлика на сè, ние продолжуваме да работиме да го намалиме јазот и да ги зголемиме едукативните можности. Тимот на Women in Tech Македонија ќе продолжи и понатаму да ги следи трендовите и потребите со активности кои ќе помогнат во подобра кариерна реализација на сите наши членови.
