Австралиската берза за тргување со хартии од вредност – ASX овој месец ги сопре своите блокчејн планови. Берзата последните пет години работеше на блокчејн надградба на својот систем за тргување. Сепак на средината на ноември, ASX се одлучи да го паузира проектот, иако досега има инвестирано над 171 милион американски долари во развој.
Системот на кој работеа во ASX требаше да ја замени постоечката CHESS платформа. CHESS е кратенка од Clearing House Electronic Subregister System и претставува компјутерски систем со кој управува ASX. Системот посредува при пренос на законската сопственост на хартии од вредност од продавачот на купувачот, како и сите парични трансакции помеѓу двете страни. Во ASX, CHESS служи за олеснување на размената и регистрацијата на хартии од вредност. CHESS е електронски регистар за упис на книги, но не овозможува издавање на уверенија за сопственост за хартии од вредност.
Берзата сакаше тој систем да го замени со DLT (Distributed Ledger Technology) систем. Од 2016-та година започна работата на проектот, но во август берзата објави дека проектот ќе биде одложен. Технолошкиот партнер на ASX пронајде проблеми со скалабилноста и издржливоста на делови од проектот.
По анализата на консултантите на Accenture кои компанијата ги ангажираше за процена на технологијата, берзата одлучи дека подобро е да се откажат од инвестицијата отколку да продолжат со развој. Според процената проектот е завршен 63%. Консултантите го пофалија „Daml“ јазикот за паметни контакти и квалитетот на кодот, но имаат проблеми со дистрибуираната архитектура која носи проблеми со латенција и скалабилност.
„Да бидам јасна, повлекувањето ја изразува неизвесноста за идната вредност на постоечкиот дизајн на решението. Тоа не нè спречува да користиме делови од она што веќе сме го изградиле, ако утврдиме дека може да направиме прилагодување на сегашниот дизајн, што ќе овозможи да ги исполни високите стандарди на ASX, и на пазарот“, вели Хелен Лофтхаус, директор на ASX.
Аccenture процени дека замената за CHESS систем кој користи Daml е тежок за одржување, поддршката и проширувањето. Проблемот за проектот не е самата блокчејн технологија. Она што не можеше да се постигне е потребната брзина за волуменот на трансакции кои е потребен во ASX. Постигнувањето на потребната брзина при трговија со хартии од вредност на крајот испадна потешко отколку што првично очекуваа во ASX.
Зошто ASX го запре проектот
Проектот е запрен како последица на 4 специфични предизвици при развојот. Дел од овие проблеми може да креираат застој во работата и бавни трансакции, што не е посакуван резултат. Главен проблем е лоциран во неколку пречки:
- Новиот систем во моментов има поголемо доцнење (латенција) од постоечкиот систем.
- Системот треба да може да спроведува истовремени трансакции, но ова може да предизвика конфликт при обработка на повеќе истовремени трансакции, ако се во истата база на податоци.
- Како алтернатива е тестирано беч (batch) процесирање, но не се покажало како доволно успешнo.
- Групирањето на трансакциите е ограничено од практичните ограничувања на Digital Asset Modelling Language Ledger (DAML) API и големината на пораките кои треба да бидат обработени од VMware Blockchain.
Како последица ASX не само што го стопира овој проект и ги жртвува инвестираните средства во развој, туку ќе ја преиспита одлуката дали ќе користи паметни контакти во своите процеси. За конечната одлука ќе мора да се почека на ревизијата. Берзата постави нов проект-директор кој ќе треба да го разгледа дизајнот на решението и ако може да пронајде соодветно решение.
Регулаторите се незадоволни од одлуката
Австралискиот регулатор за хартии од вредност и Австралиската банка на резерви во заедничка изјава го осудија повлекувањето на проектот.
„ASX до денес не успеа да покаже соодветна контрола на програмата, а тоа ги поткопа легитимните очекувања дека ASX може да испорача светска, современа инфраструктура за финансискиот пазар.“ изјави претседателот на ASIC Џо Лонго.