Yellow Pаges Македонија го најави својот дигитален каталог за 2013/14 година преку кој можете да најдете куп контакти за локални бизниси според нивните дејности. Компанијата ветува дека со ваков онлајн каталог корисниците ќе имаат пристап од било каде до „постојано надополнуваните информации“. Но, иако онлајн каталогот е најавуван како „модерно софтверско решение“, тој е далеку од тоа, што е штета бидејќи во него има куп корисни информации.
Тоа што му фали на каталогот е брз пристап до телефонските броеви и линкање до страните (ваква опција имаат на сајтот, но пребарувањето е малку проблематично). Каталогот е скениран и закачен на едно од оние решенија за онлајн магазин, кое за жал не дозволува интеракција освен прегледување на страните. Така, ако најдете локален бизнис од ваш интерес, ќе треба да го препишете бројот или веб страната, односно нема да можете да го ископирате и пастирате контактот, ниту пак ќе може да кликнете на линк за сајтот, телефонски број или имејл. Брзиот контакт го има кај конкурентите, пред се Златна Книга.
Сепак, Yellow Pages на својот сајт најави Android апликација на каталогот. Android дозволува повици преку апликации, така да тој проблем би требало да биде решен.