Владата најави дека ќе дели по 3.200 евра на 400-то нови бизниси преку Програмата за самовработување. Најдобрите триесет бизнис планови ќе добијат по 240.400 денари, скоро 4.000 евра, а на шеесетина компании кои ќе покажат дека им треба уште еден вработен ќе добијат дополнителни 1.500 евра.
Целта на најавените грантови, вели вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, е да се намали невработеноста така што ќе го поттикне претприемаштвото. Ќе се финансираат стартап компании, односно компании кои сакаат идејата да ја претворат во бизнис. Тој вели дека по последните седум години, преку Прoграмата за самовработување се стартувани 6.775 бизниси во кои се вработени 6.885 луѓе. Од вкупниот број пријавени компании, до сега 70 отсто од компаниите продолжиле да бидат активни.
Со Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и мерки за вработување за 2015 години, преку Програмата за самовработување се обезбедени 202,4 милиони денари од буџетот кои ќе бидат наменети за 960 невработени лица. Регистрацијата на компаниите ќе започне за една недела, велат од Владата.
„Програмата вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на започнувањето на бизнисот. Посебен акцен се става на младите невработени лица до 29 години со опфат за годинава на миннимум 266 лица и буџет за грантови во износ од 60 милиони денари“, вели министерот за труд и социјална политика, Димитар Спасов.
Неодамна преку Фондот за иновации беа поделени 450.000 евра на 16 стартапи. Но, за разлика од проектот на Владата со кој се делат помалку пари за стартување на било-каква компанија што ќе вработи луѓе, преку Фондот за иновации се делат пари, максимум 30.000 евра, на стартап компании кои работат на иновативни и оригинални решенија.