Векослав Стефановски: AI нема да ги замени програмерите, но ќе мора да станеме подобри инженери

0 коментари 2 мин. читање

Што останува од професијата програмер кога AI веќе може за неколку секунди да напише функција, да поправи баг, да генерира тестови или да склопи цела апликација? Одговорот на Векослав Стефановски е прилично едноставен: програмерите нема да исчезнат. Но летвичката ќе се крене.

Токму околу ова прашање се врти седмата епизода на македонскиот подкаст Во Изработка, во која Бојан Гавровски разговара со Стефановски, Head of Development во Sourcico и човек со повеќе од две децении искуство во софтверското инженерство. Речиси тричасовниот разговор оди многу пошироко од актуелната AI тема и се навраќа на тоа како се менувало програмирањето, што изгубивме со модерните алатки и што всушност значи да бидеш добар инженер. Епизодата е дел и од серијалот со говорници на овогодинешната WhatTheStack конференција.

Векослав Стефановски е еден од поискусните македонски софтверски инженери, со долгогодишно искуство во развој и водење инженерски тимови. Денес е Head of Development во Sourcico, а во ИТ заедницата е присутен и како ментор, предавач и говорник на теми поврзани со софтверско инженерство, архитектура, безбедност и развој на програмерски кадар.

Од Turbo Pascal до AI

Една од поинтересните линии низ разговорот е колку професијата навистина се променила. Алатките дефинитивно се смениле. Од Turbo Pascal и Delphi, преку JavaScript, cloud, Kubernetes и микросервиси, стигнавме до момент во кој природниот јазик полека станува уште еден интерфејс за програмирање.

Но проблемите под сето тоа се изненадувачки слични.

Софтверот сè уште треба да биде разбирлив, одржлив, безбеден и доволно едноставен за некој друг да може да продолжи да работи на него. А токму тука, според Стефановски, се прави разликата меѓу човек кој знае да напише код и инженер кој разбира што гради. Модерните алатки ни овозможуваат да произведуваме огромна количина софтвер многу побрзо. Тоа не значи дека произведуваме и подобар софтвер.

Напротив, една од темите во епизодата е токму хиперпродукцијата и overengineering-от. Микросервиси таму каде што би бил доволен монолит. Kubernetes за систем кој можел да живее на еден сервер. Electron апликација за нешто што можело да биде далеку поедноставно.

Повеќе технологија не значи автоматски подобро инженерство.

Целата епизода „Програмерите нема да исчезнат, но ќе мора да станат подобри инженери“ со Векослав Стефановски трае 2 часа и 52 минути и е објавена на 27 август.

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед