Starlink Mobile наскоро во Македонија преку новиот телеком One

0 коментари 3 мин. читање

SpaceX и 4iG постигнаа договор за воведување на Starlink Mobile во дел од Централна Европа и Западен Балкан. Во планот е и Македонија, каде следната генерација Starlink Mobile V2 треба да стане дополнување на мобилната мрежа што ја гради One Macedonia.

Според објавата на Starlink и официјалното соопштение на 4iG, првата генерација на услугата ќе стартува во Унгарија и Албанија. Македонија и Црна Гора се предвидени за следната Starlink Mobile V2 генерација, која треба да овозможи брз интернет директно до мобилните телефони преку 5G Non-Terrestrial Network технологија и 2 GHz спектар.

Засега нема објавен датум за старт, цени или конкретни пакети за Македонија.

Ова не е класичниот Starlink

IT.mk пишуваше за Starlink уште при неговото доаѓање во Македонија во 2022 година. Класичната услуга користи мрежа од сателити во ниска Земјина орбита, но корисникот мора да има Starlink антена, рутер и претплата. Во нашето подоцнежно тестирање и искуства од македонски корисници, Starlink се покажа како особено корисен на места каде нема оптика или добра мобилна покриеност, со корисници кои пријавуваа брзини и над 200 Mbps.

Starlink Mobile работи поинаку.

Сателитот практично функционира како базна станица во вселената. Компатибилен телефон може да се поврзе директно, без Starlink антена, посебен сателитски телефон или дополнителна опрема. Првата генерација е наменета првенствено за пораки, комуникациски апликации и ограничен пренос на податоци. V2, кој е планиран и за Македонија, треба да оди значително подалеку и да понуди брз широкопојасен интернет директно на телефонот.

Каде тука е One Macedonia?

4iG веќе влегува во Македонија како трет мобилен оператор преку One Macedonia. Компанијата планира инвестиција од околу 100 милиони евра, а Ericsson ќе изгради повеќе од 500 5G базни станици. Првата комерцијална 5G покриеност треба да започне до март 2027 година, а мрежата постепено да се проширува низ државата.

Starlink Mobile не ја заменува оваа инфраструктура.

Идејата е таму каде што нема сигнал од One базна станица, на планина, во рурално место, покрај езеро или при прекин на мобилната инфраструктура, телефонот потенцијално да може да продолжи да комуницира преку Starlink.

А што со Telekom и A1?

Во моментов македонскиот пазар практично го носат Македонски Телеком и A1, кои веќе нудат 5G и тарифни модели со големи или неограничени количини мобилен интернет. A1, на пример, има постпејд пакети со неограничен 5G интернет, додека Telekom нуди Mobile Unlimited и Magenta 1 Unlimited пакети со 5G. Тука Starlink нема да биде замена за класичната мобилна мрежа. Во град со добра 5G покриеност, земјената базна станица и понатаму има огромна предност во капацитет и перформанси.

Но за One Macedonia, Starlink може да реши еден многу практичен проблем: како нов оператор побрзо да понуди покриеност и таму каде што сè уште нема своја базна станица.

Интересно е што и Deutsche Telekom веќе има договор со Starlink за сателитска мобилна поврзаност во Европа, со планиран почеток во дел од европските пазари од 2028 година. Засега Северна Македонија не е конкретно наведена во тој план.

Со доаѓањето на One, изградбата на нова 5G Standalone мрежа и сега Starlink Mobile V2, македонскиот мобилен пазар во следните неколку години може да стане значително поинтересен од сегашниот дуопол.

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед