Васко Спасков е 3Д артист кој е вљубеник во видеоигрите. Неодамна членовите на групата Creative Exchange можеа да видат еден негов карактер. Ова е причина да му поставиме неколку прашања, а секако и на сите кои не се дел од групата да им овозможи да го видат карактерот кој го дизајнираше. Секако текстот нема да биде комплетен без дел од одличните дизајни на г. Спасков.
Кажи ни нешто повеќе за тебе. Колку време работиш 3д/карактер дизајн?
Како 3Д артист работам четири години, но отсекогаш сум сакал да се реализирам како карактер артист, па одлучив мојот фокус да биде карактер дизајнот. Имам посебен однос кон нив. Не ги гледам само како обични полигони и вертекси, туку во нив има нешто повеќе. Чувството давajќи им живот во непостоечки простор е нешто посебно за мене.
Како започна со 3д дизајн?
Отсекогаш сум се бавел со некаква уметност, почнувајќи од традиционална графика, моделирање и сликање. По завршувањето на средното уметничко одлучив да се префрлам на дигиталната уметност, поради поголемата слобода и поголемите можности, но и бев вљубен во игрите, посебно во самиот процес на создавање на видеоигрите.
Често налетуваме на прашања за обуки и туторијали, како ти научи 3Д дизајн?
Завршив академија за 3Д моделирање, анимација и постпродукција, но не се здобив со потребните вештини. Кај нас индустријата сè уште не е доволно развиена; ни фалат кадри кој поседуваат такви вештини и би знаеле како да ги пренесат. Главниот извор на знаење ми беа многубројните веб сајтови и форуми за 3Д. Сепак ова е една голема и опширна струка со многу правци, и процесот на учење и унапредување може да биде долг, но има странски квалитетни академии кој можат доста да помогнат.
Која ти беше инспирацијата за овој карактер?
Кога имам слободно време секогаш си задавам предизвик, нешто друго, нешто различно од претходното, така имам шанса за надоградување и учење на нови нешта, така е и со овој карактер.
Колку време работеше на него?
Секогаш зависи од комплексноста и квалитетот кој сакаме да го постигнеме, ова го работев во слободното време, бев конкретно фокусиран на кожата, делот на вајање и текстурирање, и не би знаел да кажам точно потрошено време.
Кои алатки ги користеше за дизајн?
За овој карактер користев Zbrush, Maya, Substance Painter, Unreal Engine.
Дали во Македонија може да се живее како 3д артист?
За жал во Македонија имаме многу малку компании кој се занимаваат со изработување на игри, но затоа побарувачката од страна е сѐ поголема; работата е флексибилна и дозволува работење од дома. Моментално работам на проекти за странски фирми и може добро да се заработи.
Имаш ли некој совет за сите кои се интересираат сега да започнат со 3Д дизајн?
На почеток е важно да не се оптоваруваат со крајниот резултат, најважно е да научат да го сакаат процесот на креирање и да знаат да уживаат во него. Секако треба да се спремни да вложат многу труд, и константност во учењето на нови техники.